1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Воена Парада на победата во Москва

ЖА / агенции
24 јуни 2020

Со голема воена парада во Москва Русија ја одбележа 75-годишнината од победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија. Претседателот Путин побара да не се забораваат ослободителите и да не се прекројува историјата.

Russland Moskau Siegesparade 2020
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Nemenov

Рускиот претседател Владимир Путин ја повика меѓународната заедница никогаш да не ги заборави заслугите на советската армија во победата над Хитлеровиот фашизам.

„Невозможно е да си претставиме што ќе се случеше со светот доколку не го одбранеше Црвената армија. Советските војници ја ослободија Европа од инвазорите, ја окончаа трагедијата на холокаусот и го спасија германскиот народ од смртоносната идеологија – нацизмот. Наша обврска е тоа да го паметиме", изјави шефот на Кремљ денеска на Црвениот плоштад во Москва, каде присуствуваше на најголемата воена парада во руската историја. Повод е 75-годишнината од победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија. Путин истовремено предупреди од обидите да се фалсификува историјата. „Народот на Советскиот Сојуз плати недоместлива цена за слободата на Европа." Луѓето во Советскиот Сојуз го понесоа главниот товар со 27 милиони жртви во Втората светска војна, истакна Путин. Тоа е „вистината за војната" која никогаш не смее да биде заборавена.

Рускиот претседател Путин на воената парада во МоскваФотографија: picture-alliance/dpa/Sputnik/S. Pyatakov

Во својот напад врз Советскиот Сојуз во 1941 година Германија употреби преку 80 проценти од својата војска, оваа „безмилосна армада" и „тоталното зло" меѓутоа беа скршени од отпорот на советскиот народ, рече Путин. Од некогашните 15 советски републики на денешната парада беа застапени 10. Путин побара од меѓународната заедница да се ангажира за систем на светска безбедност. „Само заеднички можеме да го заштитиме светот од новите опасни закани", рече рускиот претседател.

Фотографија: Getty Images/V. Pesnya

Воената парада со тенкови, ракети и авиони поради пандемијата на коронавирус беше одложена од 9 мај за денеска, 24 јуни – на денот кога пред 75 години на Црвениот плоштад била одржана првата воена парада по повод победата. Во Москва денеска маршираа преку 14.000 војници, без заштитни маски.

Бројни странски државници ја откажаа својата посета поради пандемијата. Парадата привлече десетици ијади гледачи. Официјално, масовните манифестации во рускиот главен град и натаму се забранети. Одржувањето на парадата во услови на растечки број на новоинфицирани, наиде на критика од опозициски претставници. Тие ја обвинија владата дека ја користи парадата како средство за подгревање расположение за изјаснувањето околу уставните промени, со кои на претседателот Путин би му се овозможило останување на власт до 2036 година. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми