1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Воени бази на Крим во руска рака

Александар Методијев/ројтерс/афп/миа/дпа22 март 2014

Вооружени сили со воени возила влегоа во украинската воена база „Белбек“ на Крим, пукајќи со автоматско оружје во воздух. Кон базата се упатиле болнички возила. Нападната била и украинска база на западот на Крим.

Фотографија: Reuters

Вооружените лица, како што јавува агенцијата АФП, ги впериле оружјата кон украинските војници. Командантот на воената база „Белбек“ Јилиј Мамчур рече дека ќе биде однесен од руските сили на разговори, откако тие упаднаа во базата со оклопни возила и рафални истрели. Прашан дали смета дека ќе се врати безбедно од разговорите на непрецизираната локација, тој одговори: „Останува да видиме. Засега го оставаме целото наше оружје во складиштето на базата“.

Во преземањето на базата бил повреден еден Украинец, јавува агенцијата Ројтерс. Воената база „Белбек“ беше еден од последните воени објекти на Крим кои и натаму се под котрола на Украина. Маж во камуфлажна облека и со очила за сонце искрши една камера која обезбедуваше пренос во живо од случувањата пред капијата на базата.

Руски војници во украинската база „Белбек“Фотографија: Reuters

Во текот на денот руската војска им постави ултиматум на војниците во базата „Белбек“ – да го предадат оружјето и да се предадат или, во спротивно, да бидат подготвени дека ќе им биде направен упад.

Проруска група, пак, нападнала украинска база во западниот дел на Крим. Околу двеста вооружени мажи упаднале во украинската база на военовоздухопловните сили во Новофедеровка, во западниот дел на Крим. Напаѓачите ги кршеле прозорците на зградата. Украинските војници се забарикадирале внатре во зградата и од покривот фрлале димни гранати врз групата мажи.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу му наложи на командантот на Црноморската флота да им обезбеди можност на припадниците на украинската војска, кои сакаат да го напуштат Крим и да заминат во Украина, тоа да го сторат организирано. До вчера, 21 март, од над 18 илјади припадници на украинската армија стационирани во Крим, помалку од две илјади изразија желба да заминат во Украина, се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана.

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер, пак, за време на неговата денешна посета на Украина најави дополнителна помош за стабилизирање на земјата.

Франк Валтер-Штајнмајер на средба со Арсениј Јацењук во КиевФотографија: picture-alliance/dpa

„Ние сакаме да ве поддржиме колку што можеме подобро“, изјави Штајнмајер на средбата во Киев со преодниот премиер Арсениј Јацењук. Штајнмајер предупреди дека кримската криза е закана за нова поделба во Европа. Германскиот министер се надева дека „првите набљудувачи (од ОБСЕ, н.з.) ќе дојдат во Украина во следните денови“. Штајнмајер изрази надеж за деескалирање на состојбата. Германскиот министер се сретна и со привремениот претседател Александер Турчинов, по што отпатува во Доњецк на украинскиот исток.

Кратко пред неговото пристигнување во Доњецк, таму се одржа протест на проруски демонстранти. Во Доњецк Штајнмајер се сретна со влијателниот олигарх и најбогат човек во Украина – Ринат Ахметов. На крајот тој информираше за сигнали на надеж.

„Со господинот Ахметов имав впечаток дека тој прифаќа оти ќе има една нова Украина“, рече Штајнмајер.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми