Два американски бомбардери извршиле прелет преку Корејскиот Полуостров. Американскиот претседател Доналд Трамп во меѓувреме се информира околу опциите во врска со конфликтот со Северна Кореја.
Реклама
Ѕвечкањето со оружје продолжува. По најновите ракетни и нуклеарни тестови од страна на Северна Кореја, американската армија повторно врши воени маневри кај Корејскиот Полуостров. Два американски бомбардери од типот Б-1Б биле во заедничка акција со јужнокорејски борбени авиони, соопшти јужнокорејската војска.
Според американски наводи, во синоќешните вежби кои стартувале од американската воена база Гуам, биле вклучени и јапонски војници. Целта на маневрите била демонстрација на „непоколебливото сојузништво и посветеноста“ на САД кон одржувањето на безбедноста и стабилноста на регионот. Речиси истовремено со изведувањето на воените маневри, американскиот претседател Доналд Трамп одржа средба со своите советници, за да ги дискутира опциите на својата земја во севернокорејскиот конфликт. На состанокот присуствувале министерот за одбрана Џејмс Матис, шефот на Генералштабот Џозеф Данфорд, како и неколкумина членови на Трамповиот Совет за безбедност.
Извори од кабинетот на Трамп велат дека тема било на каков начин може да се реагира на севернокорејските агресии. Меѓу другото, се дискутирало и за тоа како да се одврати севернокорејската влада од закани со нуклеарно оружје насочени кон САД и нивните сојузници. Други детали не се соопштени.
Вчера владејачката Комунистичка партија на Северна Кореја ја прослави 72-годишнината од своето формирање, при што се очекуваа натамошни провокации од страна на комунистичкиот режим, но тие изостанаа.
Во меѓувреме е соопштено дека севернокорејски хакери успеале да украдат доверливи податоци од јужнокорејската војска. Меѓу документите кои се хакирани, се наоѓал и тајниот план на јужнокорејската и американската војска за елиминирање на севернокорејското раководство на чело со Ким Јонг Ун во случај на војна, како и стратешки воени информации. Ова го потврди пратеникот Пе Хеол Хе од Демократската партија на Кореја. Хакерскиот напад се случил во септември 2016. година и бил многу посериозен отколку што тоа го призна јужнокорејското Министерство за одбрана.
За што е способна севернокорејската армија?
Северна Кореја повторно го привлекува вниманието на светската јавност. Тестирањето на интерконтиненталните ракети наидува на остри критики. Земјата има една од најголемите армии во светот. Но, продолжува да се вооружува
Фотографија: Reuters/KCNA
Меѓу најбројните армии во светот
Севернокорејската армија има 700 илјади војници и околу 4,5 милиони резервисти. Речиси секој петти жител на земјата е во војска. Сите мажи во комунистичкиот режим мораат да учествуваат во воената обука. Поради тоа, Северна Кореја има двојно повеќе војници од соседната Јужна Кореја.
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Jones
Различни воени орудија
Според податоците наведени во Глобалниот индекс за вооружување, Северна Кореја во 2017 година располага со 76 подморници, 5.025 тенкови и 458 борбени авиони. На оваа фотографија од 2013 година, лидерот Ким Јонг Ун е сликан во командната централа на армијата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Воена парада
Севернокорејскиот режим секоја година ја демонстрира својата сила на воена парада во главниот град Пјонгјанг. Парадите воглавно се одржуваат за време на некој важен јубилеј на комунистичката земја или семејството Ким.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Интерконтинентални ракети
САД во четвртокот потврдија дека Северна Кореја успешно тестирала балистичка интерконтинентална ракета. Ракетата од типот „Хвасонг- 14“ е во состојба да ја погоди секоја цел во светот, јави државната новинска агенција КЦНА.
Фотографија: Getty Images/AFP/KCNA
Атомските проби продолжуваат
И покрај острите санкции, Северна Кореја продолжува со својата атомска програма. Само во 2016 година беа извршени пет нуклеарни проби. Јужнокорејскиот министер за одбрана Хан Мин Ко смета дека соседот наскоро ќе го изврши и шестиот тест.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Закана за светскиот мир
Кина и Русија се единствените земји кои се водат како сојузници на Северна Кореја. Режимот за главен непријател ја смета „империјалистичката сила САД“. Меѓу непријателите уште спаѓаат и Јужна Кореја и Јапонија.
Фотографија: Reuters/K. Hong-Ji
Крај на трпението?
По тестирањето на интерконтиненталните ракети на американското трпение му дојде крајот. Претседателот на САД, Доналд Трамп сака да најде решение со своите сојузници од Г20. Кина и Русија, во секој случај, сакаат да спречат американски напади врз воени цели во Северна Кореја.