Воен оркестар му ги свиреше „Дип Парпл“ на Гутенберг
11 март 2011
Во чест на поранешниот министер за одбрана Карл Теодор Гутенберг, кој поднесе оставка на 1 март по откритието дека дел од неговиот докторски труд бил плагијат, беше организирана мини парада со воени почести. За својот последен поздрав Гутенберг ја избра легендарната 'Smoke on the Water' на „Дип Парпл“, која му ја отсвири воен оркестар, а својот говор го заврши со зборовите „Господ да го благослови Бундесверот“.
Военото испраќање е традиција, која и во минатото ја одржуваа германските претседатели, канцелари и министри. На функционерите во заминување им е дозволено да си ја одберат и музиката со која ќе бидат испратени. Така на пример, досега најслушана нумера на испраќање е хитот 'Time to Say Goodbye', додека поранешниот канцелар Герхард Шредер одлучи да си замине со 'My Way' на Френк Синатра.
Испраќањето на Гутенберг беше пренесувано во живо на германската државна телевизија, а на него присуствуваше и канцеларката Ангела Меркел, која во целиот период по откривањето на скандалот го поддржуваше министерот. „Гутенберг ја отвори вратата за најголемата реформа на германската армија во нејзината историја“, оцени Меркел, мислејќи на укинувањето на задолжителното служење на воениот рок во земјата.
Околу 400 гости го испратија 39-годишниот Гутенберг со аплауз, а тој најави дека во наредниот период ќе се посвети на пишување мемоари.
Автор: БГ/дв
Редактор: Александра Трајковска