1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Возот за ЕУ заминува, трчајте!

13 октомври 2021

Што ќе бараат здружено, Албанците, Бугарите и Србите од нас ако тие се во ЕУ, а ние сакаме да влеземе во клубот во кој тие ги диктираат условите? Пишува Никола Тодоров

BdT Mit der Draisine durch die Natur in Niedersachsen
На дрезина низ природатаФотографија: picture-alliance/dpa/H-C. Dittrich

Возот за ЕУ заминува, повторно и повторно, а ние поттрчнуваме кога возот ќе тргне и ќе не одмине. Затоа и никако да го стигнеме. Додека возот е на станица ние се расправаме со кондуктерот, се расправаме со некои од патниците, гледаме точки на уличен перформанс, не замајуваат голтачи на пламен и „шибицари". Понекогаш и мирно читаме некоја сто пати прочитана лоша книга или се расправаме самите со себе или со својата совест. И така е сѐ додека не свирне свирчето за поаѓање. Тогаш малку се отрезнуваме, но повторно ништо не преземаме, опиени од некои сеништа од минатото, кои ни велат не се брзајте, има време, времето работи за нас! Не се брзај, па што ако избегал, нема сега заради тоа да се самоукинеме! По автобус, девојка и воз не се трча, секогаш ќе дојде друг, ни вели „фраерското" искуството на оние на кои им побегнале сите возови, додека ние гледаме како некои, кои го изгубиле трпението, пеш, со позајмена лична карта или пасош, заминуваат кон ЕУ. Од време на време ќе ни го зајакнат дигнитетот и ќе ни кажуваат дека треба да не молат да се качиме на возот, зошто, нели, ние сме колевката на Европа, најстарата и најмоќната нација од минатото-никогаш не прежалено. 

Тогаш не се ни поместуваме кога ќе свирне свирчето за поаѓање, ниту пак се потресуваме кога ќе го изгубиме возот од видикот. После, кога ќе помине дејството на таа најопојна дрога наречена пропаганда, за кратко ќе сфатиме дека мора да се качиме на следниот воз. Тоа чувство на вина дека и тој воз сме го пропуштиле трае кратко и брзо се предаваме на магијата на уличниот перформанс на некој кловн на станицата. Ќе дојде нов, мирно заклучуваме! 

Нашата вечна станица 

Најпрво беше најбрзиот воз. Мислам дека се викаше ТЖВ и беше француски. Иташе со брзина до 574,8 км/ч. На него се качија многу од оние кои живееа на исток. Се качија на таков брз воз каков што не виделе. За миг стигнаа на одредиштето. Станаа господа. Им пораснаа приходите и стандардот. Ние ќе потслушневме нешто за тоа, ама секогаш, онака стоејќи на станицата и гледајќи како ултра брзиот воз постојано заминува од нашата станица, ќе се потсетевме како „ние бевме американци“ за оние што денес преку ред и незаслужено се качија на брзиот воз за ЕУ.

А ние, никогаш по наша вина, останувавме на станицата да се дружиме со оние на кои им одговараше никогаш да не ја напуштиме станицата. Поминуваа денови, месеци и години, брзиот, модерен и удобен воз си заминуваше, а ние се правевме како ништо да не се случило. Потоа дојде друг воз, исто така луксузен и комфорен, кој иако со малку помала брзина од најбрзиот воз, сепак стигаше безбедно и брзо на одредиштето. Ние повторно се потсмевавме на оние кои успеале да го фатат овој воз, па брзо заклучивме дека штом тие влегоа, Европа сигурно ќе се распадне.

Никола Тодоров, поранешен министер за здравство и образованиеФотографија: DW/B. Gerogvievski

Ни се чудеа, а сакаа да не видат на возот. Посебно се чудеа кога грчевито се боревме да се качиме на возот, а штом ќе дојдевме пред вратата ќе му свирневме една заушка на кондуктерот да му зуи во ушите пола пат. Нормално, потоа учтиво ќе не замолеа да се симнеме и да си се вратиме на приватната забава на нашата вечна станица. 

Останавме на дрезина  

Тука, на некој од итрите демначи на станицата веднаш ќе му текне дека не сме се качувале на возовите кои одминуваа, бидејќи ни барале да направиме нешто неморално, да се поднаведнеме, да се посрамотиме. Батали бе ЕУ, ќе рече друг, и тоа го направивме и пак не нѐ примаат! Како да не гледаме дека возовите одамна поминаа. Поминаа и веќе не застануваат на нашата станица. Всушност, застануваат многу ретко, а во иднина и уште поретко. Покрај тоа што се ретки, овој пат не се брзи возови, туку е еден стар дизелаш кој вози по дотраена пруга на која не може да се развие повеќе од 50км/ч на свиок, зошто лесно може возот да излета од шините. Ова е возот на кој има шанси да се качат двајца патници, едниот се вика Република Северна Македонија, другиот се вика Албанија. Некои од клубот каде мечтаеме да влеземе викаат нека влезе само Северна Македонија, некој вика нека влезе само Албанија, а оние кои совршено добро го разбираат регионалниот политичко-безбедносен контекст, велат не, мора да се качат заедно на возот. Tempus fugit. Ако не најдеме начин и овој пат да се качиме на овој стар, замастен, неуреден и спор воз, веројатно е дека Албанија сама ќе се качи. Ние ќе останеме заедно со Косово и Босна и Херцеговина да стоиме на некоја друга, уште подалечна вечна станицата, додека Србија и Црна Гора со сличен таков стар воз, споро и со застој, сепак ќе се движат некако кон ЕУ.  

-претходни колумни: Како Јане Сандански ја ослободил пиринска Македонија од окупаторските сили на Бугарија

Не кажувам што треба да се направи, туку само сакам да укажам дека оваа стара, спора дизел машина со замастени и неуредни вагони е последниот воз што можеме да го пропуштиме. После него веќе нема да има возови. Ќе остане само една стара за'рѓана мануелна дрезина, која ќе треба рачно да ја движиме. Парадоксот е во тоа што цената на картата за брзиот воз беше поевтина од картата за овој стар и дотраен дизелаш, а многу поевтина од „вожњата“ на ‘рѓосаната мануелна дрезина.

Балканската темница  

Пред да почнеме да се напаѓаме кој е виновен, добро е да констатираме дека без ништо да преземеме, меѓусебните обвинувања нема да го заменат стариот, дотраен и неуреден дизелаш со брз, модерен воз, туку само ќе не качи на мануелната дрезина, на која ќе бидеме ние, заедно со Косово и Босна. Ако и таа не ја пропуштиме... 

За да биде уште покомплицирано: Бугарите, денес, бараат да признаеме дека нашите предци биле Бугари и дека треба да престанеме да ја фалсификуваме историјата, Србите не ни ја признаваат црквата и бараат да признаеме дека нашата црква потекнува од српската, Рама мечтае да ги обедини Албанија и Косово. Така е тука на Балканов, сите ти се прават браќа додека не те начекаат во темница. И сега главното прашање: Што ќе бара од нас Албанија ако влезе пред нас во ЕУ и што ќе бара Србија од нас ако тие влезат пред нас во ЕУ? Односно што ќе бараат здружено, Албанците, Бугарите и Србите од нас ако тие се во ЕУ, а ние сакаме да влеземе во клубот во кој тие ги диктираат условите? Затоа напишав во една моја претходна колумна, најголемата стратешка грешка на нашата меѓународна политика е што дозволивме Бугарија да влезе пред нас во ЕУ и што дозволивме да заглавиме на вечната станица која всушност има име и се вика- Западен Балкан. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми