1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вонредна седница на СБ за Косово

7 јули 2010

На барање на Србија, Советот за безбедност на ОН одржа вонредна седница на која се разгледа влошената ситуација на Косово. Шефовите на мисиите на УНМИК и Еулекс на Косово на седницата најостро ги осудија инцидентите.

Совет за безбедностФотографија: AP

На вонредната седница на Советот за безбедност на ОН, на барање на Србија, за безбедносната состојба на Косово, по нападот за време на протестот на Србите во Косовска Митровица, претседателот на Србија Борис Тадиќ го повика Советот за безбедност да го осуди нападот. Ако тоа не се случи, предупреди Тадиќ, Белград ќе ги разгледа односите со меѓународното присуство на Косово. Косовскиот министер за надворешни работи Скендер Хисени истакна дека Белград не треба да се меша во внатрешните работи на Косово и дека косовската полиција спроведува истрага за нападот.

Шефовите на мисиите на УНМИК и Еулекс на Косово, Ламберто Заниери и Ив де Кермабон на седницата најостро ги осудија инцидентите и ги повикаа двете страни на воздржаност и дијалог. Повеќето амбасадори на членките на Советот за безбедност на ОН оценија дека последните инциденти на северниот дел на Косовоска Митровица се изолирани случаи, а не планирани напади и, со оглед на тоа, ситуцијата на Косово е стабилна.

За четири дена - три инциденти

Во последните неколку дена се регистрирани три инциденти. Освен што беше пукано врз возилото на дописникот на Танјуг, завчера (05.06.2010) утрото беше ранет и потпретседателот на Самостојната либерална партија и шеф на пралементарната група на таа партија во собранието на Косово, Петар Милетиќ. Тој е погоден од огнено оружје пред неговиот стан во северниот дел на Митровица. Пред само пет дена, во Митровица, при протестите на Србите поради отворање на канцеларија на Владата на Косово во тој дел на градот, во експлозија на рачна бомба загина едно лице, а 11 беа повредени.

Повеќе инциденти за неколку дена - Косовска МитровицаФотографија: Refki Alija

Осуда на нападот врз Милетиќ

Претседателот на Косово Фатмир Сејдиу остро го осуди нападот врз пратеникот на Самостојната либерална партија Петар Милетиќ: „Нападот врз господинот Петар Милетиќ, пратеник во собранието на Косово и раководител на Консултативниот совет за заедници при кабинетот на претседателот на Косово, е грозен, злосторнички чин кој директно е насочен против мирот, стабилноста, соживотот и заедничката иднина на сите граѓани на Косово,“ се вели во соопштението на косовскиот претседател. Претседателот на Собранието на Косово, Јакуп Красниќи во врска со последните инциденти во Митровица побара од владата и Еулекс да го заштитат уставот и законите на Косово и помалку да се занимаваат со политички изјави.

Истовремено, премиерот на Косово Хашим Тачи побара од официјалните претставници на Србија да се дистанцираат од насилните акти и напаѓачите врз косовските пратеници. На редовната седница на собранието на Косово, Тачи изјави дека отворањето на канцеларијата на владата на Косово во северниот дел на Митровица било неопходно и во согласност со уставот: „Владата донесе одлука, која на Косово му недостасуваше 11 години и таа е во согласност со уставот и законот. Канцеларијата ќе продолжи со работа. Ќе продолжиме со работа и за отворање на суд и криминалците веќе нема да може да бидат мирни, како што беа во последните 11 години“, рече Тачи. Тој додаде дека северот на Косово, веќе нема да може да биде место каде ќе се кријат оние кои сториле воени злосторства врз Албанците.

Инцидентите се поврзани со најавеното објавување на мислењето на Меѓународниот суд за правда околу легалноста на независноста на Косово?Фотографија: DW

Заострување пред мислењето на Меѓународниот суд за правда

Политичкиот аналитичар Неџмедин Спахиу за Дојче веле оцени дека сето она што деновите се случува во Митровица е поврзано со најавеното објавување на мислењето на Меѓународниот суд за правда околу легалноста на независноста на Косово. „Тоа се случувања кои се организирани пред донесувањето на мислењето на Меѓународниот суд за правда во Хаг и имаат за цел да докажат дека државата Косово не функционира, барем не на целата своја територија, дека проблемот е политички и дека треба да се решава со преговори. Во таа смисла, Митровица секако е жртва на таа политика, како што беше и во последните дваесетина години.“ Спахиу, истовремено, нагласува дека Владата на Косово и меѓународните институции мораат да ги заштитат сите граѓани на Косово без оглед на нивната етничка припадност, преку јакнење на институциите.

Автор: Зулфија Јакупи/бета/Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми