1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Воопшто не мора да го прочитаме извештајот на Милер

Оливер Залет
19 април 2019

Ќе биде непријатно за американскиот претседател Трамп. Извештајот на Милер носи нови контроверзии и го потврдува она што одамна е познато: Доналд Трамп не е достоен за неговата функција, коментира Оливер Залет.

Robert Mueller
Фотографија: picture-alliance/ABACA/TNS

Борбата против наводното зло има долга историја. Во Средниот век тоа беа вештерките кои беа прогонувани од суеверните. Како жртва на лов на вештерки  себеси се гледа и Доналд Трамп, кога станува збор за извештајот на Милер.

Сега извештајот е објавен - и Доналд Трамп смета дека е победник. Но, валканата битка штотуку започнува. И додека демократите и републиканците се борат за нивно толкување на вистината, јавноста може опуштено да се навали во столчето. Таа не мора да го прочита извештајот, кој има должина од повеќе од 400 страници, бидејќи веќе знае повеќе од доволно.

Нема ослободителна пресуда за американскиот претседател

Се разбира, многумина сега сакаат да знаат што точно значи кога специјалниот иследник Милер вели дека не дошол до убедлив заклучок за прашањето дали Доналд Трамп го попречил судството. На крајот на краиштата, извештајот потврдува дека Трамп повеќепати се спротивставил на истрагата.

Повеќе:

-Дилот на Манафорт - црн ден за Трамп

-Затворска казна за ек-советникот на Трамп, Пападопулос

-Специјален обвинител за „руската врска“ на Трамп

Притоа, Трамп се однесуваше сомнително уште на почетокот на неговото претседателствување. Кога директорот на ФБИ, Џејмс Коми, издаде наредба за отворање на истрагата во Русија, Трамп веднаш го отпушти. Кога министерот за правда Џеф Сешнс се прогласи себеси за пристрасен, Трамп го принуди да се повлече.

Нити еден невин не се однесува така, напротив. Вакво однесување потсетува на некој кој сака нешто да сокрие.

Сомнителни постапки

Доналд Трамп, притоа, како претседател на САД, секогаш си остана верен на себеси. Тој со себе во Белата куќа ги зеде сомнителните трикови од неговото време како магнат за надвижности. Исто како и неговиот ригорозен пристап кон оние кои не танцуваат на неговата музика.

Оливер Залет, автор на коментаротФотографија: DW

И односот кон вистината постојано беше проблем за Трамп. Тој едноставно ги презеде лагите на неговите најблиски соработници за контактите со Русија. Ова исто така веќе беше јасно уште пред објавувањето на извештајот. Исто така за време на истрагата, многу нешта беа обзнанети и за непосредното опкружување на Доналд Трамп. Некои од неговите најблиски соработници сега може да се опишат како осудени криминалци.

Во изборната кампања, беа објавени гнасни видеа од неговото минато кои откриваа многу за неговиот однос кон жените. Подоцна беше објавено дека ѝ платил пари на порно ѕвездата Сторми Даниелс за да ја прикрие аферата со неа. А за обвинението - нелегално финансирање на изборната кампања - постапката продолжува дури и по аферата Милер.

Лошото е што на неговите приврзеници тоа воопшто не им пречи, тогаш и сега. Значи, Трамп може да остане многу релаксиран: седи цврсто во седлото и веќе исполни многу од своите предизборни ветувања. Како впрочем би можел да му наштети извештајот на Милер?

Штети за демократијата и функцијата

За сите други, сликата за претседателот беше јасна уште пред објавувањето на извештајот. Доналд Трамп - претседател кој се опкружува со криминалци и ја искривува вистината како што нему му одговара. Тој победи на изборите со руска помош. Штетите за демократијата и претседателската функција се огромни.

Претстојната предизборна кампања и претстојните покани и сослушувања во истражни комисии во Конгресот на барање на демократите само натамошно ќе ја заострат ситуацијата и наместо опипливи заклучоци ќе испорачаат пред сѐ едно нешто: зацврстени фронтови во двата табора. 

Ловот на вештерки ќе продолжи. Со или без извештајот на Милер.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми