1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Воскреснување на Советот НАТО-Русија

Бернд Ригерт
12 јануари 2022

По билатералните разговори меѓу САД и Русија, преговорите за надминување на тензиите околу Украина продолжуваат во Брисел. За првпат по години заседава Советот НАТО-Русија. Сепак, не треба да се има преголеми очекувања.

Русија се враќа во заедничкиот Совет во седиштето на НАТО во Брисел
Русија се враќа во заедничкиот Совет во седиштето на НАТО во БриселФотографија: Benoit Doppagne/dpa/picture alliance

Претставниците на НАТО и на Русија денеска (12.01) се обидуваат да го оживеат стариот дипломатски формат: Советот НАТО-Русија повторно заседава. Во есента 2021 година, руската влада де факто ги повлече своите дипломати од НАТО. Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг претходно ги повлече повеќето од нивните акредитации. Тензиите помеѓу НАТО и Москва на тој начин достигнаа кулминација.

Поради распоредувањето на руска војска на руско-украинската граница, поради поддршката на Москва за Белорусија и поради бројните прекршувања на човековите права во Русија, НАТО ги прекина односите. Но, тоа речиси и да немаше практични последици, бидејќи Советот се нема состанато уште од 2019 година.

Ова советодавно тело сега повторно заседава. Според статутот, 30-те членки на НАТО и Русија треба рамноправно да разговараат за безбедносните и воено-политичките прашања. Според НАТО, Русија ја прифатила поканата откако американскиот претседател Џозеф Бајден и рускиот претседател Владимир Путин во декември двапати телефонски разговараа поради тензиите околу Украина. Западот ја обвинува Русија дека подготвува инвазија на Украина со 100.000 војници. Москва ги отфрла обвинувањата.

Со недели Русија трупа војници и опрема на границата кон УкраинаФотографија: AP /picture alliance

„Важна платформа за консултации“

На денешниот состанок на Советот НАТО-Русија на ниво на амбасадори ќе се разговара за барањата на Русија за безбедносни гаранции и прекин на проширувањето на Алијансата кон исток. Советот ќе се осврне и на обвинувањата на НАТО против рускиот претседател Владимир Путин, кој треба да го почитува суверенитетот на соседните земји.

„Верувам дека Советот НАТО-Русија е важна платформа за консултации и дијалог со Русија, особено кога има големи тензии, кога има закани и напрегнатости, какви што имаме сега. Затоа е важно оваа институција да постои, да ја користиме и да разговараме“, изјави во понеделникот генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

Повеќе: Путин триумфира, Западот конферира

Од 2002 до 2008 година, од неговото основање, до војната на Русија против Грузија, Советот НАТО-Русија го имаше својот најдобар период. Во тоа време, телото се состануваше секој месец, понекогаш дури и на ниво на шефови на држави или на влади. Од 2014 година, заедничкиот Совет е повеќе или помалку целосно парализиран, кога претседателот Путин го анектираше украинскиот полуостров Крим и почна да ги поддржува проруските сепаратисти во источна Украина. НАТО одби да разговара со Русија за политички прашања. Оттогаш, спорадично се разговараше само за практични воени прашања, како што се каналите за комуникација во случај на криза или размената на информации за маневри и движења на воените сили.

Без отстапки за Москва

Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг се надева дека барем за овие практични прашања ќе продолжи да се разговара со руските претставници. Американскиот заменик државен секретар, Венди Шерман најави дека на состанокот може да се разговара и за контрола на вооружувањето и за стационирањето на воени сили на источната граница на НАТО.

На денешната средба, како што рече Столтенберг, не треба да има отстапки за Москва. Напротив. Во понеделникот (10.01.2022) Столтенберг повторно се сретна со вицепремиерката на Украина, Олга Стефанишина, која уште еднаш доби уверување дека НАТО ќе го поддржи патот на Украина кон Алијансата.

Во понеделникот, билатерални разговори во американската амбасада во Женева одржаа Венди Шерман и нејзиниот руски колега Сергеј Рјабков. Овој „стратешки дијалог“ за безбедноста во Европа не доведе до промена на познатите позиции на двете страни, изјавија подоцна Шерман и Рјабков.

„Стекнавме впечаток дека американската страна многу сериозно ги сфати руските предлози“, рече Рјабков во понеделникот во Женева. „Им објаснивме на нашите колеги дека немаме планови или намери да ја нападнеме Украина. Нема причина за такви стравувања“.

Венди Шерман, пак, јасно стави до знаење дека не се согласува со тоа. Руските предлози за запирање на проширувањето на НАТО кон исток се „ќорци“, истакна Шерман. „Никому нема да дозволиме да ја затвори вратата кон НАТО“.

Билетарални разговори на големите сили: Замениците министри за надворешни работи на САД и на Русија, Венди Шерман и Сергеј Рјабков во ЖеневаФотографија: Denis Balibouse/KEYSTONE/REUTERS/dpa/picture alliance

Следни станици: ОБСЕ, ЕУ

По разговорите во Женева и во Брисел, утре (13.1.), разговорите ќе продолжат во рамките на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ). И САД и Русија се членки на организацијата, која е основана во 1975 година за време на Студената војна.

Освен тоа, министрите за надворешни работи на ЕУ планираат разговори во четврток и во петок за Русија, европската безбедносна политика и улогата на ЕУ во НАТО. Еврокомесарот за надворешна политика, Жозеп Борел индиректно ги обвини САД и Русија дека преговараат врз грбот на оние кои се погодени од ситуацијата.

За време на посетата на Рим во понеделникот, германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок повторно повика на заживување на таканаречениот „нормандиски формат“, кој е замрзнат од 2019 година. Тоа ќе им овозможи на Русија и Украина директно да преговараат, со посредство на членките на ЕУ, Франција и Германија.

„Да се добие време за дипломатија“

Значи, целата оваа недела е исполнета со состаноци на различни тела за прашања на безбедносната политика во Европа. Руско-американскиот политички експерт Дмитриј Алперович во интервју за ДВ вели: „Навистина верувам дека е добро да се намалат тензиите, но во суштина и натаму мора да ја оставиме отворена можноста за војна“.

Воено присуство на НАТО во Источна Европа

Алперович е шеф на аналитичкиот центар „Силверадо полиси акселератор“ во САД и оценува дека е добро доколку двете страни почнат разговори за контрола на вооружувањето сега, бидејќи тие би можеле да траат со години: „За тоа време, се разбира, би се избегнала војна. Најдобар можен излез од ситуацијата е да се добие време за дипломатија“.

Слично на тоа гледа и генералниот секретар на НАТО. Столтенберг смета дека е добро што Москва се врати на преговарачка маса, но предупредува од преголеми очекувања: „Овие состаноци нема да ги решат сите проблеми“.

Столтенберг истакна дека уште во времето кога бил норвешки премиер знаел како се прават компромиси со Русите. „Се надевам дека постои добра волја и од руска страна. Во НАТО постои“, рече Столтенберг. Станува збор за ангажман за нов процес, за да се спречат вооружените конфликти во Европа. „Сакаме да постигнеме договор за патот напред и за серија натамошни состаноци“, истакна првиот човек на Алијансата.

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми