1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

„Војната во Украина влегува во одлучувачка фаза“

Марина Барановска
21 април 2022

Русија започна офанзива во регионот Донбас во источна Украина. Каков ќе биде натамошниот тек на војната? ДВ разговараше со воениот експерт Волфганг Рихтер.

Ukraine Mykolajiw ukrainische Soldaten Patrouille
Фотографија: Celestino Arce/NurPhoto/picture alliance

Дојче Веле: Господине Рихтер, кои се целите на руската офанзива во Донбас?

Волфганг Рихтер: Првата фаза од војната не помина добро за Русија. Она што беше планирано, значи промена на власта, можеби преку брзо пробивање до владиниот кварт во Киев, не е постигнато. Наместо тоа, имаше големи загуби. Мораме да сметаме дека една четвртина од сите копнени сили кои беа ангажирани, сега се нефункционални. Веројатно затоа што никој не очекуваше дека ќе има таков тврд отпор и дека Украинците ќе се борат толку хомогено.

Сега од тоа се извлекуваат поуки. На пример, сега се формира обединета врховна команда за операциите на исток, кои Русија ги нарекува втора фаза. А тоа значи дека резервите и трупите кои стојат на располагање сега се концентрирани кон цел која може да се реализира, имено - освојување на територијалните граници на двете области Луганск и Доњецк, а можеби и пошироко.

За таа цел,Русија сега таму го концентрира мнозинството од своите сили распоредени во Украина. И тие сега избраа и терен погоден за оклопни операции: теренот јужно од Харков, помеѓу Изјум и Луганск, е отворен, рамен терен со малку пречки. Тоа е многу подобро за брзи, оклопни офанзиви отколку заглавување во градски битки, како што беше на почетокот.

Волфганг РихтерФотографија: DW/N. Jolkver

Тоа може да значи дека руските вооружени сили ќе постигнат територијални придобивки во првиот напад. Сепак, Украина има контрамерки. Таму распореди и сили. Досега беа многу вешти тактички, со контранапади, право по крило и во долгите логистички линии на поврзување. Русија сега не направи грешка да има повторно многу долги поврзувачки линии за логистика. Затоа што сега, да речеме, поаѓаат од области блиску до границата и можеби подобро ќе можат да ја средат логистиката.

Има ли Русија доволно воена сила за овој удар?

Досега застапував став дека руските вооружени сили како целина се веќе стратешки преоптоварени, затоа што околу две третини од сите копнени сили што ги имаат сега се распоредени во Украина. Тоа значи дека не можат да извлечат премногу резерви, бидејќи има премногу важни и проблематични точки кои Русија мора да ги покрие. Тоа почнува на север, во Мурманск. Тоа е важна база за нуклеарната флота, која одржува рамнотежа со САД. Потоа, тука се границите кон НАТО, пред сѐ кон балтичките земји. И, тоа оди до Црното Море.

Но, и на Кавказот сè уште има области каде што со години има конфликти. Централна Азија е исто така важна, бидејќи таму треба да се справат со исламистичкиот тероризам кој што доаѓа преку централна Азија. На Далечниот исток не смееме да заборавиме дека Јапонија дури го искористи моментот и ги побара назад јужните Курилски Острови. Не сме зборувале и за многу долгата руско-кинеска граница. Сето тоа треба да се држи „на око“.

И Украина и Русија се со став дека исходот од офанзивата во Донбас може да влијае врз исходот од целата војна. Дали го делите таквото мислење?

Да, мислам дека сега се влегува во одлучувачка фаза. Од руска гледна точка, мислам дека тоа е клучна фаза, бидејќи ако тоа не доведе до успех на воен план, преостануваат многу малку резерви на располагање. Мобилизирање на некакви платеници, како групата Вагнер, Сиријци или Чеченци, не носи ништо. Тие можат да се вклучат во субверзивна војна, но не и во борба со комбинирано оружје. За тоа е потребна воена обука и добро лидерство.

Од украинска гледна точка е токму спротивното. Важно е да се продолжи со отпорот за Украина да продолжи да постои како суверена држава. И за да се има најдобрата можна појдовна позиција за преговори. Во моментов постои волја од двете страни, но особено од руската страна, сѐ уште да не се преговара сериозно. Но, ако воената ситуација ги принуди, ќе треба да се најдат компромиси. Со други зборови, на бојното поле се одлучува дали некој е подготвен за разумни и навистина сериозни преговори.

Пензионираниот полковник Волфганг Рихтер е научен соработник на берлинската фондација Наука и политика. Негови тежишта, меѓу другото, се проблемите на паневропската безбедносна соработка, односите помеѓу НАТО и Русија, нерешените територијални конфликти во Европа, услогата на ОБСЕ во превенција на конфликти, како и придонесот на контролата на конвенционалното оружје за европската стабилност.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми