1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската надворешна политика на столб на срамот

Кристоф Хаселбах
16 април 2022

Критичарите во рускиот напад врз Украина гледаат доказ дека политиката „промена низ трговија“ била голема заблуда. Зад таа политика стои Ангела Меркел, но во суштина и една цела генерација на политичари.

ZDF-Doku Putin und die Deutschen
Фотографија: ZDF

Слики на крвопролевање со убиени цивили во Буча, предградие на Киев. Украинската влада за тоа ги обвинува руските војници. Но, украинскиот претседател Володимир Зеленски изнесува и тешки забелешки на сметка на бившата германска канцеларка Ангела Меркел.  Зеленски изјави дека ја повикува во Буча за да види „каде одведе политиката на отстапки кон Русија во последните 14 години.“

Пред 14 години, на самитот на НАТО во Букурешт, пред сѐ Ангела Меркел и тогашниот француски претседател Никола Саркози се заложиле за тоа Украина да не добие повик за пристапување кон Алијансата, за да не се провоцира Русија. Зеленски тоа денес го нарекува „погрешна сметка“ поради која Украина сега ја преживува „најстрашната војна по Втората светска војна“.

Северен тек 2 по анексијата на Крим

И по руската анексија на Крим во 2014 година, германската влада на чело со Ангела Меркел не сакаше да испорачува оружје на Украина. А веднаш потоа даде дозвола за изградба на гасоводот Северен тек 2, со кој се заобиколува Украина како транзитна земја за рускиот гас. „Како да го разбере тоа Москва освен како премолчано одобрување на насилна промена на границите“, вели Хенинг Хоф од Германското друштво за надворешна политика.

И полскиот премиер Матеуш Моравјецки директно ѝ се обрати на Ангела Меркел: „Госпоѓо канцеларке, Вие молчите од почетокот на војната. А токму германската политика во последните десет-петнаеет години доведе Русија денес да има сила, која се заснова на монопол на продажба на суровини“. Моравјецки додаде и дека германскиот канцелар Олаф Шолц ги блокира решавачките санкции на Европската унија.

Не се само Ангела Меркел и  Олаф Шолц  моментно изложени на критика. Украинскиот амбасадор во Берлин, Андриј Мелник  во „Тагесшпигел“ го обвини германскиот претседател Штајнмајер, кој долго време беше министер за надворешни работи, дека за него „односот кон Русија бил нешто фундаментално, па и свето, сеедно што се случуваше, дури и воена агресија тука не игра голема улога.“ Никогаш досега во историјата на Сојузна Република Германија ниеден странски амбасадор не го нападнал толку остро германскиот претседател.

Спорниот гасовод Северен тек 2

Надворешната политика како „големо самозалажување“

Критиката не се однесува на поединечни политичари, туку на целата надворешна, безбедносна и трговска политика на Германија во последните 30 години.

„Премногу дијалог, а премалку острина кон Кремљ“, така сублимираше украинскиот амбасадор Мелник.

Таа проценка ја потврдува и политикологот од Универзитетот Регенсбург, Штефан Бирлинг:

„Сите германски влади од доаѓањето на Путин на власт испраќаа сигнали дека ним им се поважни непроблематични односи со Москва, отколку судбината на Украина. Тоа го охрабри Кремљ да нападне.“

Бирлинг уште на 24 март во часописот „Цицеро“ целокупната германска политика во последните неколку години ја означи како „големо самозалажување“. Под воениот чадор на САД, Германија „се оддаде на пацифистичка илузија“ и се концентрираше на своите работи.

Наивно кон Пекинг

Бирлинг во политиката кон Кремљ ја гледа таа шема: „Воздржаност поради економски предности, наивни идеи дека можете една империја да ја либерализирате однадвор, а демократските идеали и слободата на мислење се компромитираат за да не се налути тамошната власт“.

Додуша, низа европски земји и САД веќе со години ја критикуваа германската политика кон Русија и кон Кина, но Берлин остануваше глув, сѐ додека руската армија не изврши инвазија врз Украина на 24 февруари.

Штајнмајер признава грешки

Канцеларот Олаф Шолц  на почетокот на војата зборуваше за „епохална промена“. Дали мислеше и на темелна промена на германската надворешна политика?

Ново е и тоа што германскиот претседател Штајнмајер, по критиката на Мелник, призна „погрешни проценки“ на пример со Северен тек 2, кој Германија ја чинеше голема загуба на веродостојност. Кога Путин дојде на власт, според Штајнмајер, не можело да се знае како ќе се развива. Хенинг Хоф противречи, тврдејќи дека најдоцна од војната во Чеченија во 1999 година можел да се препознае „злосторничкиот, хипернационалистички карактер“ на Путиновиот режим.

Политичарот на баварската ЦСУ, Александар Добринт, е еден од ретките кои и натаму ја брани политиката на „промена низ трговија“. Таа требало да обезбеди мир и заедничка благосостојба, но според него Путин тоа го разорил: „Но во тогашно време тие одлуки не беа целосно погрешни“, вели Добринт.

Меркел останува на тоа дека на Украина не ѝ е место во НАТО

Ангела Меркел,  освен една изјава по рускиот напад врз Украина, не се јави за збор. Познато е дека таа не се кае за одлуката од 2008 година за блокирање на патот на Украина во НАТО. Таа „стои зад своите одлуки во контекст на самитот на НАТО во Букурешт“, соопшти портпаролката на Меркел.

Нејзината позиција и денес е позиција внатре во Алијансата, тврди таа. Мнозинството земји се среќни што не постои обврска за одбрана на Украина, бидејќи никој не сака да биде вклучен во војна со Русија.

И наследникот на Ангела Меркел,  Олаф Шолц  го застапува тој став. Меѓутоа, нешто друго, до скоро незамисливо, е сега реалност. Германската влада со социјалдемократски канцелар со големи средства го вооружува Бундесверот и испраќа оружје во Украина како воено подрачје. Тоа е „раскин со долгата традиција“, призна Шолц во средата (06.07.).

Порано незамисливо - Германија ѝ испорачува на Украина противавионски одбранбени ракетиФотографија: Michael Mandt/Bundeswehr/dpa/picture alliance

Бундесверот е „смешен“

Што ѝ советуваат надворешнополитичките експерти на гермаската влада? Штефан Бирлинг вели дека Бундесверот мора да се доведе во ред, зашто сега изгледа смешно и „кај пријателите и кај непријателите“.

Тој додава дека германската влада мора да развие прво европска, па потоа и глобална безбедносна стратегија. Тој смета дека на Германија „ѝ недостигаат политичари кои се разбираат во прашањата на безбедноста, зашто тука, со исклучок на неколку личности, ниедна партија нема што да понуди.“

Хенинх Хоф мисли дека Германија треба уште побрзо да се ослободи од зависноста од фосилни горива, а во воен поглед да стане „играч кој во НАТО и ЕУ мора да преземе улога во согласност со својата економска сила.“ На крај, тој очекува „европеизација на политиката кон Русија и Кина.“

Уште се бара германско посредување

Без оглед на острата критика, не може да се каже дека германското посредување сега не е барано. Украинскиот амбасадор Мелник, навистина бара оружје од Германија, но и го повикува канцеларот Шолц поактивно да посредува меѓу Русија и Украина: „Токму ни е потребно личното лидерство на канцеларот Шолц за преговорите со Путин. Тоа би бил тест за новата германска политика“, изјави Мелник за Ројтерс. 

Мелник се изјасни за повторен состанок на т.н. „нормандиска четворка“ – Германија, Франција, Русија и Украина, која своевремено во голема мерка ја иницираше Ангела Меркел: „Го повикуваме канцеларот Шолц во Берлин што поскоро да свика состанок на Нормандиската четворка“. Меѓутоа, Мелник мисли дека форматот на разговорите треба да се прошири со учество на Американците, што би можло да се толкува како извесна недоверба кон Берлин: „Јасно ни е дека во тимот се потребни и САД, за да зборуваме во еден глас и со Путин да преговараме од позиција на сила.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми