1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Војна во Украина: Пеколни глетки во Мариупол

ЖА / агенции
23 март 2022

Руските трупи дополнително ја зајакнале стрелбата врз украинските градови, погоден е посебно Мариупол. Украинскиот претседател Зеленски и натаму се потпира на одбрана и преговори.

Ukraine-Konflikt Eindrücke aus der Region Mariupol
Фотографија: Nikolai Trishin/ITAR-TASS/IMAGO

Веројатно соочени со бавен напредок во освојувањето територии, руските трупи одново го засилиле бомбардирањето на украинските градови. Во пристанишниот град Мариупол, според градската управа, вчера паднале две екстремно силни бомби.

„Јасно е дека опсадувачите воопшто не се интересираат за градот, сакаат едноставно да го збришат, да го претворат во пепел“, изјави градската управа на Мариупол. Двете силни бомби одекнале за време на акција на евакуирање.

Според градските власти, во Мариупол се наоѓаат заробени можеби до 200.000 луѓе. Ситуацијата, по повеќедневните  руски непрекинати бомбардирања  и опсада, е драматична. Граѓаните на кои им успеало да избегаат, според организацијата за човекови права Хјуман рајтс воч, сведочат за „пеколни глетки, мноштво трупови и уништени згради“.

Илјадници луѓе се скриени под земја, без вода, храна и струја, без можности за било каква комуникација. Хјуман рајтс воч се повикува на заменикот градоначалник на Мариупол, соопштувајќи бројка од преку 3000 загинати цивили досега во градот. Во стратешки важниот град веќе навлегле руски тенкови, но тој сеуште не е освоен од руските напаѓачи.

Мариупол не се предава

02:27

This browser does not support the video element.

Напади на руската војска имало и во околината на градот Ривне во североисточниот дел од Украина, според Министерството за одбрана во Москва, во ракетен напад биле убиени преку 80 украински борци на воениот полигон Нова Љубомирка, овие информации не можат да се проверат од независен извор.

„Тешки, напати скандалозни“

Без оглед на борбите, украинскиот претседател  Володимир Зеленски  се труди да одржува натамошни преговори со Русија. „Тие се многу тешки, понекогаш скандалозни, но чекор по чекор напредуваме“, изјави Зеленски во видео порака емитувана ноќеска.

Претставници на Украина се постојано во  преговарачки акции.  „Ќе работиме колку што можеме, ќе се бориме колку што можеме. До крај. Храбро и отворено. Можеме да здивнеме само кога ќе победиме“, порача Зеленски.

Украинскиот претседател доби покана утре да се вклучи преку видео врска на самитот на шефови на држави или влади на земјите членки на НАТО. Тој директно може да им ја претстави катастрофалната ситуација во која се наоѓа украинскиот народ по руската агресија, изјави претставник на Алијансата.

НАТО на Украина досега ѝ има испорачано значајни количини важна воена опрема, вели истиот извор, но на самитот ќе се зборува за натамошно засилување на поддршката.

На самитот на НАТО во  Брисел утре ќе учествува и американскиот претседател Џо Бајден, кој покрај во Брисел, ќе престојува и во Полска. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми