1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Евтин багет- но по која цена?

Луис Лиза
29 јануари 2022

Во многу други земји тоа веќе се случи, а сега ја погодува и земјата на гастрономите - Франција: синџир на супермаркети нуди багет за 29 центи, цена која вистинските пекари едноставно не можат да ја понудат.

Омилениот француски леб- багет
Омилениот француски леб- багетФотографија: Jean-François Frey/PHOTOPQR/L'ALSACE//MAXPPP/picture alliance

Присила Хајерц уште како девојче сонувала да биде пекарка. Денска има 37 години и нејзиниот сон пред десетина години се остварил: во париската населба Монмартр сега има две пекарници, во кои нуди багети, кроасани и сите другу пекарски специјалитети без кои не можат Французите.

Но, откако синџирот супермаркети Е. Леклерк во својата понуда го воведе и багетот за само 29 центи, над нејзиниот сон надвиснаа темни облаци. Бидејќи, тоа е соперник од сосема друга категорија: тоа е синџир со над 700 продавници во Франција, а е активен и во странство. За него лебот и пекарските производи се само спореден бизнис, но со оваа цена сака да ги привлече купувачите да купат леб и сѐ што им е потребно во самопослуга.

Пекарката од Париз, Присила Хајерц е горда на своите багетиФотографија: Sandy Palenzuela

Управата на овој синџир супермаркети во рекламите во весниците тврди дека ја „намалиле сопствената добивка“ за да се „засили Вашата куповна моќ кога Ви е најмногу потребна, па така ја замрзнуваме цената на нашиот багет за наредните 6 месеци“. Леклерк одби да разговара со нашата новинарка, само испрати известување дека „цената од 29 центи нема влијание врз цената која ние ја плаќаме на добавувачите на брашно и производи од житарици“.

Како воопшто е можна цена од 29 центи?

Но, за сопственичката на париските пекарници тоа е тежок удар. „Тоа е нелегална конкуренција и со тоа сака да се каже дека нашата работа воопшто не е вредна“, вели таа. Нејзините багети чинат 1 евро и 20 центи. Едноставно не и' е јасно, како багетот воопшто може да биде поевтин. „Како може да се финансира производството за еден багет со 29 центи? Ние самосталните пекари моравме драстично да ја намалиме нашата заработка бидејќи цената на брашното постојано расте. А покрај тоа мораме да ги платиме сите наши трошоци и да дадеме плата на нашите соработници.“

И без таа војна со синџирот супермаркети животот во изминатите две години ѝ е доволно тежок - од почетокот на пандемијата прометот практично ѝ се преполовил.

Доминик Анракт е на чело на француското здружение на пекари и слаткари ЦНБПФ. „Франција има среќа што во земјата постојат 33.000 мали пекарници и нив мораме да ги одржиме. Лебот во Франција е и државна политика: додека Европа веќе е преплавена со полуготови пекарски производи кои се печат во самите продавници, од 1998 година во Франција на сила има закон според кој некој може да се нарекува пекар само ако и самиот го произведува лебот кој го продава. Но, со оваа акција на синџирот супермаркети сега ние изгледаме како измамници и дека ги лажеме нашите купувачи со нашите цени.“

Затоа здружението на пекари и слаткари не сака едноставно само да ја прифати таа акција на самопослугите: сите покраински лидери во здружението испратиле писмо до своите парламентарни пратеници, а и правната служба на здружението сака да провери дали самопослугата ги продава багетите под цена - што е всушност забрането. Но, тие не се сами. „И другите здруженија, месари или рибари ме контактираа и рекоа ако подготвувате протести или некаква друга акција, сметајте и на нас. Бидејќи, на сите им е доста од тие синџири на самопослуги и со нивните невозможно ниски цени.“

Ако е лебот лош...

„Тоа е дел од војната со цени и сѐ пониските нивоа на услуги со што ќе бидат уништени работни места и цели економски сегменти“, предупредува Јаник Фјалип од економската комисија на Здружението на фармери ФНСЕА. Тоа веќе се виде и во Германија: и тоа беше земја со илјадници мали пекарници, но тие систематски исчезнуваат и на нив не им била конкуренција некоја друга пекарница, туку евтините супермаркети.

Јаник Фјалип од економската комисија на француското Здружение на фармери ФНСЕА.Фотографија: Privat

Инфлацијата и во Франција на крајот на 2021 година беше 2,8 насто додека една година претходно беше само 0,5 осто, предупредува професорот по економија Мишел Руими. „Стапката на поскапување на храната е и по 30%. Има многу причини: цената на енергенсите, но и сушата и лошите временски услови. Па, сето тоа ги тера купувачите повеќе да внимаваат на своите трошоци - и тогаш можеби купуваат и багет за 29 центи.“

Но, тој е сепак Французин, па е оптимистичен. „Ако багетот не е многу добар, тогаш никој нема да го купува без разлика колку е евтин.“ Има една стара поговорка - „Французите работат за да можат добро да јадат, а Германците јадат за да работат добро“ - но, тешко е да се каже дали тоа е сѐ уште така. Едно евро и 20 центи - или 29 центи? За многумина нема да има голема дилема, па макар со тоа и да го загрозат целиот квалитет на животот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми