Војна за гуски
16 ноември 2014
Ловците се настрвени на дивите гуски и работите изгледаат добро. Tие им се на трагата уште од рани зори. Овде, во холандската провинција Гелдерланд, се обидуваат да се справат со намножените гуски кои се вистинска напаст. На сочните ливади на земјоделците само за една година бројката на диви гуски се зголеми за 100.000. На гуските смее да се пука само во лет; за заштитените видови ни тоа не е дозволено.
По четири часа чекање, ловците привремено се откажуваат. Само во провинцијата Гелдерланд ловците оваа сезона убија 35 илјади гуски и не само што ја намалија популацијата, туку постигнаа и друг ефект. Вим Вестхоф објаснува:
„Кога одвреме-навреме ќе убиете неколку, гуските стануваат плашливи и бегаат на друго место. Ако се 300, се разделуваат, па 30 одат ваму, 30 онаму, 60 на трето место...“
Очигледно кај соседите - во Германија. Во округот Клеве, веднаш до границата кон Холандија, има се’ повеќе диви гуски, како овие канадски гуски. Земјоделците се очајни поради штетата што ја прават со својот измет и хранејќи се по полињата. Селанецот Јозеф Петерс вели:
„Знаат дека овде, на германската страна, е мирно и поради тоа доаѓаат. Гуските биле глупави - како да не!“
За да го заштити својот зимски посев на пченица, овој земјоделец бара и на германските ловци да им се дозволи убивање на поголем број гуски. Но, само со лов проблемот не може да се реши.
„Напролет би требало да се уништат гнездата. Потоа, откако ќе почнат да ги квачат, треба јајцата од гуските да се заменат со јајца од гипс. Зашто ако претходно ги тргнете нивните јајца, тие ќе снесат нови и така ништо не сте решиле“, убеден е Петерс.
Тоа важи и за гуските од Нил, кои одамна се одомаќени во Холандија и Германија. Меѓутоа, Никол Фајге од Сојузот за заштита на животната средина и природата смета дека земјоделците се самите виновни, затоа што премногу ја ѓубрат земјата. Така на Рајна, на двете страни од границата, имаат создадено вистински рај за гуските:
„Новата трева, богата со протеини, на гуските им дава многу енергија. Ако тоа се редуцира, ако се намали квалитетот на храната и тревата, гуските веќе нема да јадат толку и нема да можат толку да се размножуваат.“
Но, во тој случај земјоделците би морале да обработуваат помалку земја и да прифатат и загуби. Убивањето на гуските, во секој случај, е бесцелно, смета Фајге:
„Дури и ако сакате да убиете одделни гуски, целото јато се разбира ќе се вознемири и ќе полета. Колку повеќе гуските летаат, толку повеќе енергија трошат, па мораат и повеќе да јадат. Во принцип, на тој начин се прави уште поголема штета на полињата.“
Подолу по текот на Рајна, во гратчето Девентер во Холандија, исто така сместено на ракав од реката, холандските ловци се среќаваат со еден колега. Сакаат уште еднаш да бидат зголемени квотите за отстрел на сиви, нилски и канадски гуски. На тврдењата дека со тоа ќе го влошат проблемот во Германија, само се смешкаат.
„Тоа не можам сосема да го исклучам, но веројатноста е многу мала, затоа што сивите или канадските гуски, кои се овде населени, ретко одлетуваат подалеку од 20 километри. Во пограничниот регион, се разбира, исто така има гуски, но нивниот број е толку мал што во Германија не би ја ни забележале разликата“, оценува ловецот Тојн Ахтеркамп.
Вим Вестхоф не се откажува. Попладнето е повторно во лов на диви гуски:
„На крајот си одиш дома со три, четири гуски. Можеби една или две. Убаво е затоа што е напнато.“
Значи, повторно криење и чекање. Се исплати, затоа што на крајот во чинијата имаш чисто еколошко месо, вели ловецот. На дивите гуски во Гелдерланд може со сигурност да смета.