1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Војна или мир во Европа

Бернд Јохан/превод:бг6 февруари 2015

По ескалацијата на судирите на истокот на Украина, нова дипломатска мисија: Меркел и Оланд се одлучија за посета на Киев и Москва. Тоа е последна шанса да се сочува мирот во Европа, смета Бернд Јохан.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Патот по кој тргнаа Меркел и Оланд нема да биде лесен. Досега пропаднаа сите дипломатски иницијативи за ставање крај на судирот во Украина. Исходот од оваа мисија исто така е неизвесен. Сепак, германската канцеларка и францускиот претседател сега на вагата ја ставија и својата политичка тежина. Доколку не им појде од рака да ја запрат ескалацијата на насилството, војната може да стане далеку пострашна.

Животите на илјадници луѓе во источна Украина во моментов се загрозени. Населението на градот Дебаљцево се најде среде фронтот. Околу илјадници цивили и украински војници се затвора обрачот на сепаратистичките сили. Се заканува невидено крвопролевање, какво што Европа нема доживеано од војната во Босна и Херцеговина. Јасно е дека доколку судирот се пренесе и на други делови од Украина, тогаш цела Европа на драматичен начин ќе ги почувствува последиците.

Опасност за мирот во Европа

Европскиот мировен поредок е во опасност. Седумдесет години по конференцијата на Јалта, која ги дефинираше новите граници и сферите на влијание во Европа, Москва со својата империјалистичка политика токму исцртува нови линии на поделба на континентот. Во разговорите со украинскиот и рускиот претседател, Меркел и Оланд бараат решение. Киев и Москва се само првите станици на оваа мисија. Во Минхен, на Конференцијата за безбедност и потоа, за време на посетата на Меркел на Вашингтон, ќе се продолжи со барање решенија.

Бернд ЈоханФотографија: DW/P. Henriksen

Разговорите на германската канцеларка и францускиот претседател во Киев и Москва би можеле да бидат првите, решавачки чекори кон мир. Украина е во голема неволја. Не може воено да победи, па затоа е упатена на дипломатски решенија. Но, Киев не може да дозволи да биде уценуван за својот државен суверенитет. Неизвесно е дали посетата ќе влијае врз Путин, но сигурно е дека тој ќе се радува на посетата од Германија и Франција, откако Западот во последните месеци ги замрзна речиси сите политички контакти со Москва.

Очигледно Меркел и Оланд имаат мировен план кој се’ уште не е за јавноста. Територијалниот интегритет и суверенитет на Украина мора да се сочуваат. Всушност, скандалозно е што во Европа на слободни нации во 21. век тоа е воопшто предмет на разговори. Самото тоа е успех на Путин.

Што, доколку мисијата пропадне?

Јасно е дека доколку мировната иницијатива пропадне, Европа ќе се најде пред тешка дилема. Во САД веќе почна дебатата за испорака на оружје на Украина. Без воена поддршка, Украинците не можат да го запрат напредувањето на сепаратистите. Но, испораката на оружје би довела до заострување на судирот. И што ќе стори Европа доколку сепаратистите со руска поддршка тргнат и кон Киев? Сѐ уште не е доцна. Војната може да се сопре. Но, можно е дека оваа германско-француска иницијатива е последната шанса да се избегне отворен воен судир во Европа.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми