1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Како Донбас ги регрутира своите војници

Регина Гималова | Ихор Бурдига
27 април 2022

Непосредно пред руската инвазија врз Украина пред два месеца, во сепаратистичките „републики“ во Донбас беше прогласена општа мобилизација. Жителите од регионот раскажуваат за последиците.

Влезот во регрутен центар во Доњецк на 23 февруари 2022
Влезот во регрутен центар во Доњецк на 23 февруари 2022Фотографија: Alexander Ryumin/TASS/dpa/picture alliance

Со одбраната на таканаречените „Народни републики Доњецк и Луганск“, Русија ја оправдува својата инвазија врз Украина и деструктивната војна. Само неколку дена пред нападот, кога десетици илјади руски војници веќе стоеја на украинската граница, овие „републики“ прогласија општа мобилизација. Оттогаш, на мажите на возраст помеѓу 18 и 55 години не им е дозволено да ги напуштат областите на Донбас што Киев не ги контролира, и покрај фактот што неколку дена претходно сепаратистичките „власти“ ги советуваа сите жители да се „евакуираат“ во Русија.

Во првите три дена во регрутните центри мораа најнапред да се појават „резервистите“ кои претходно служеле во украинската армија. Причини не беа наведени. Такво известување добил и пријател на 41-годишната Ана (името е променето). „Тој беше на боледување. Но, неговиот работодавец му се јави и му рече дека мора да оди таму. Тоа беше на 21 февруари и тој веднаш беше ставен во служба“, вели оваа жителка на Доњецк.

Следниот ден, лидерот на сепаратистите Денис Пушилин во Доњецк нареди уште едно регрутирање, според кое сите мажи на возраст меѓу 18 и 27 години, кои претходно не служеле воена обврска, беа повикани на служба во таканаречената „народна милиција“.

Редица од доброволци пред регрутен центар во ДоњецкФотографија: Alexander Ryumin/TASS/dpa/picture alliance

Кој сѐ е регрутиран?

„Некои отидоа доброволно, некои воопшто не беа повикани, некои беа однесени директно од улицата, а некои се појавија дури откако добија покана“, вели 19-годишниот Евгениј (името е променето). Тој самиот од лекарите бил прогласен за неспособен за воена служба, но не добил соодветна потврда.

Потоа, на 24 февруари, на сите им стана јасно дека повикот за мобилизација е поврзан со војната на Русија против Украина. Очигледно немало доволно доброволци, и покрај големите приказни во сепаратистичките и руските медиуми за редиците од оние кои наводно сакале да ја „бранат независноста на Донбас“. Конечно, Пушилин ја повика секоја компанија во „Републиката“ да ослободи за мобилизација најмалку половина од своите вработени, кои се на возраст меѓу 18 и 55 години.

Како што дознава ДВ, во „Народните републики Доњецк и Луганск“ имало вистински „лов“ на мажи. „Во Луганск фаќаа мажи на улица, а во Доњецк полицијата апсеше мажи на соодветната возраст. Кога еднаш влеговме во автобус, од него беа изведени групи рудари“, вели 45-годишната Александра, која живее во Доњецк.

Мобилизација во Доњецк на 23 февруари 2022Фотографија: Stringer/AA/picture alliance

На 28 февруари „раководството на Народна Република Доњецк“ објави дека мобилизацијата наскоро ќе заврши. Но, жителите на Доњецк велат дека мажите и натаму се регрутирани. Во средината на март, Пушилин дури нареди и мажи постари од 65 години да бидат регрутирани за служба во специјалните единици на „Министерството за внатрешни работи“.

Повеќе: Зошто Донбас е толку важен за Русија?

Мобилизацијата ја доведува економијата во регионот во застој. Луѓето во Доњецк се жалат дека продавниците морале да се затворат и дека нема возачи во локалниот транспорт. Недостасуваат и занаетчии. Дури и машкиот персонал на Доњецката филхармонија мораше да оди на фронтот. Ова стана познато дури по смртта на пијанистот Николај Свјагинцев, кој загина во близина на Мариупол.

На воена служба не само во Донбас

Украинската армија и Службата за безбедност на Украина (СБУ) редовно објавуваат извештаи за мажи од таканаречените „Народни републики Доњецк и Луганск“, кои биле заробени надвор од овие области - на пример во регионите на Харков, Суми, Запорожје и Миколајев. „Ние за Русија сме само робови “, се жали еден човек во едно видеото што го објави СБУ. Тој, наводно, се предал во близина на Суми.

Евгениј вели дека повиканите мажи не се ниту обучени ниту способни за борба, а морале веднаш да одат на првата линија на фронтот. „На почетокот имаше доброволци, но сега веќе нема“, додава тој. И покрај тоа што е прогласен за неспособен за воена служба, Евгениј не се осмелува да излезе на улица „за да не го привлече вниманието на полициските патроли“, вели тој.

Исто се однесува и 53-годишниот Дмитриј (името епроменето). „Во блиската продавница пазарувам само навечер, со голема претпазливост“, нагласува тој. Пријателите и колегите му раскажале дека ќе ги кријат синовите, на пример кај бабите и дедовците.

Со руски пасош во Русија

Некои се обидуваат да ја избегнат мобилизацијата со тоа што ја одложуваат. Но, тоа е тешко, вели Марија. Тоа се обидела кај „републичките власти“ да го направи тоа за еден нејзин познаник , но безуспешно. „Тие најпрво можат да ве прогласат за неспособни, но истиот командант може само да ве земе подоцна и да ги преврти работите и да претстави дека наводно сте волонтирале“, вели таа.

Дмитриј вели: „Нема гаранции, тие бараат многу пари за мито“. Тој повеќе би сакал да остане во Доњецк и, како што нагласува, да ја чека победата на Украина и враќање на нормалниот живот. Но, не се сите подготвени за тоа.

Александра од Доњецк вели дека нејзиниот познаник платил 2.000 долари за да излезе од таканаречената „Народна Република Доњецк“. Но, само оние кои имаат руски пасош и место на живеење во Русија можат да патуваат таму без страв дека ќе бидат регрутирани.

Последниот мост во Славјанск

01:47

This browser does not support the video element.

Жителите на Донбас велат дека до 2022 година можело да се добие руско државјанство за два месеца, под услов веќе да се има „пасош“ од таканаречените „Народни републики“. Во февруари 2022 година, руските власти објавија дека  досега биле издадени 860.000 руски пасоши на жителите на сепаратистичките „Народни републики“. Според проценките на Москва, пред почетокот на војната во регионот живееле од 3,5 до 4 милиони луѓе.

Соговорниците на ДВ кои се согласија да бидат интервјуирани за овој текст се наоѓаат во областите во Украина под контрола на Русија и побараа да не се објавуваат нивните целосни имиња од безбедносни причини.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми