1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Војна на информации

Михаел Хартлеп / Елизабета М. Фиданоска11 јуни 2014

Во војна се чини прва умира вистината. Тоа деновиве повторно стана особено добро видливо во Украина. Во оваа земја е тешко да се дојде до објективна информација.

Фотографија: DW/K. Oganessjan

Во паркот на источноукраинскиот град Луганск има метални парчиња распрскани наоколу. Шефот на бунтовниците Василиј Никитин со еден новинар гледа надолу и ги набљудува парчињата. Најдени се во близина на автомобил испрскан со крв, вели Никитин. За него тоа е доказ дека украинската армија во својата борба против сепаратистите употребила распрснувачки бомби. Тој вели дека загинале осум лица.

Националните телевизии имаат друга верзија. Според нејзе, сепаратистите испукале ракета врз украински автомобил. Притоа бил погодени објектот на регионалната управа запоседнат од страна на бунтовниците. Значи, се работи за несреќа.

Родион Мирошник вели дека сето тоа е чиста пропаганда. Тој е новинар во Луганск и 25 години известува за региналната телевизија Луганск Област ТВ.

„Тоа беше лага! Но тоа во меѓувреме е веќе нормално во Украина“, вели Мирошник огорчено.

Во Украина навистина стана тешко да се дојде до јасни информации. Најголемата телевизија Канал 5 ТВ му припаѓа на милијардерот Петро Порошенко, кој пред неколку дена стана претседател на земјата. И други медиуми кои се емитуваат на територија на цела држава се во приватна сопственост.

Многу од овие медиуми известуваат еднострано, не им даваат збор на бунтовниците, се жали Мирошник. И неговите претпоставени во Киев се обидуваат да влијаат врз известувањето. „Ни пропишуваат како треба да известуваме за настаните во Украина. Борците во нашиот регион треба да ги нарекуваме ‘сепаратисти‘ или ‘терористи‘, а не ‘борци за слобода‘.“

Несакани известувачи

Сепак, тој вели дека од граѓаните не добива негативни коментари за своето известување, за разлика од известувачите на националните телевизии и радија: „Луѓето им викаат, па дури понекогаш и ги удираат.“

Некои медиуми морале поради тоа дури и да ги повлечат своите известувачи, вели Мирошник (на насловната фотографија е телевизискиот центар во Доњецк). „Тоа, се разбира, не е исправно, но е резултат на пропагандата која ја емитуваат. Луѓето гледаат дека тоа не е точно.“

Што е точно, а што не? Лидија Хужва на ова прашање би одговорила поинаку. Таа е всушност режисерка, но од почетокот на револуцијата е самостоен известувач од Мајдан, Крим и истокот на Украина. Таа снима со мала камера, а снимките немонтирани и во живо можат да се видат преку интернет. За својот ангажман не добива пари, туку работи волонтерски.

Жена во Киев чита весникФотографија: picture-alliance/dpa

Во моментов таа придружува единица на украинската армија и известува во живо од местата каде што има престрелки и борби. Тоа е опасно по живот, но е во служба на татковината, Украина, вели таа. „Имам чувство дека мора да сторам нешто за мојата земја. Не сум доволно храбра за да пукам, не сум лекарка, значи го правам она што го можам најдобро - пишувам и известувам.“

Тоа што притоа зазема страна, онаа на владата во Киев, не и‘ пречи. „Ние сме како Фокс Њус. Имам мое мислење и го изнесувам. Не тврдам дека тоа е вистината“, вели Хужва.

Меѓутоа, пропаганда може да се најде пред се‘ во руските медиуми. Неодамна објавија фотографија од мртво момче, наводно жртва на нападите на владата. Но фотографијата всушност е слика која е стара две години и потекнува од војната во Сирија.

Пропаганда

Слична е ситуацијата со фотографиите на кримски Татари, кои според наводи на руските медиуми, стојат во редица за наводно да гласаат на референдумот за статусот на Крим. Тоа, според Хужва, е чиста пропаганда: „Јас бев таму и известував. Имаше група од 30 Татари. Руси беа испраќани од едно избирачко место на друго за да покажат дека Татарите наводно ги поддржуваат изборите.“

Од почетокот на револуцијата на Мајдан, известувањето се приближи малку повеќе до вистината, додава Хужва. Но што значи тоа во една поделена земја како Украина? Кога станува збор за толкување на настаните, границата меѓу легитимирање и дискредитирање на ставовите е тенка. Војната на информации ги има цврсто во свои раце украинските новинари.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми