1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Војник на Бундесверот, во слободно време - бегалец

Штефани Хепнер
28 април 2017

Војник на Бундесверот две години се претставувал како сириски барател на азил, водејќи опасен двоен живот меѓу касарната и бегалскиот логор. Случајот отвора многу прашања.

Bundeswehrsoldat steht im Wartezentrum Asyl in Erding vor Flüchtlingen
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Weigel

Звучи како неверојатна приказна: војник на германскиот Бундесвер се претставувал како сириски бегалец. Користејќи лажно име, тој поднесол барање за азил, планирајќи очигледно десно-терористички напад. 28-годишниот потполковник од градот Офенбах во покраината Хесен бил уапсен во средата, како што беше соопштено вчера.

Во неговиот план тој имал и помош, еден 24-годишен студент е исто така уапсен. Сојузното обвинителство го товари офицерот на Бундесверот за „подготовка на опасно кривично дело загрозување на државата со ксенофобична заднина“. Обвинителството смета дека офицерот со оружје депонирано во Виена „веројатно планирал тешко кривично дело во смисла на напад“.

Потполковникот, стациониран во стрелачки баталјон во францискиот град Илкирх, бил откриен уште пред три месеци. Тој сокрил пиштол во тоалет на виенскиот аеродром, а кога неколку дена подоцна сакал да го подигне, бил приведен од австриските власти. Но, не постоеле доволно докази за негово апсење, единствено прекршок против законите за поседување оружје, соопшти Надја Низен, портпарол на Обвинителството од Франкфурт за Дојче веле. Оружјето не потеклнувало од Бундесверот.

Меѓу касарната и бегалското сместувалиште

При споредбата на отисоците на прстите, констатирано е дека потполковникот се регистрирал како - сириски бегалец. Во декември 2015. година тој се пријавил под лажно име во хесенскиот прифатен центар за бегалци во Гизен, а на почетокот на јануари 2016. година поднесол барање за азил во бегалскиот прифатен центар во баварскиот Цирндорф.

Според информациите на „Зиддојче цајтунг“, офицерот се вика Франко А. и е роден во Офенбах. Во документите за азил го користел името Давид Бенјамин, претставувајќи се како сириски христијанин со француско потекло, тврдејќи дека во Германија стигнал преку Балканската рута, главно пешки, а не поседува веќе никакви лични документи.

Германскиот офицер се регистрирал како бегалецФотографија: picture-alliance/dpa/M. Reichel

Сослушувањето на „Давид Бенјамин“ било вршено на француски јазик. Иако не зборувал арапски јазик, успеал да делува убедливо врз службениците, при што ецелосно нејасно како можел да се „продаде“ за сириски бегалец. „Тоа сите се прашуваат“, истакнува портпаролката на франкфуртското обвинителство, Низен. Тој добил место во бегалско сместувалиште и дури користел и парична помош, според „Зиддојче цајтунг“, последно примил 409 евра.

Но, како во Франција стациониран војник може незабележано да оди во Баварија? „Тоа што бил стациониран во Франција, не значи дека морал секој ден да биде присутен таму. Во слободното време можел слободно да се движи“, изјави портпаролка на Германската сојузна криминалистичка служба. „Сето тоа го правел паралелно, водел двоен живот“, истакнува Низен.

Уште повеќе осомничени?

90 припадници на Германската криминалистичка служба, на покраинските полиции од Хесен и Баварија, како и на австриските и француските безбедносни служби, извршиле претрес на 16 станови и објекти на Бундесверот, откривајќи дополнителен сомнителен материјал. Резултатот од испитувањето на мобилниот телефон на офицерот наведува на постоење ксенофобична заднина. Освен тоа, тој би во постојан контакт преку електронска пошта со еден 24-годишен студент, исто така по потекло од Офенбах. Кај него пак  истражителите откриле предмети чие поседување е спротивно на законите за оружје.

Опозиционата партија на Зелените по апсењето побара целосно разоткривање на евентуалната мрежа на осомничени. „Постапката на припадникот на Бундесверот се чини дека е стратегија во која можеби биле вклучени и други лица. Мора итно да се разјасни дали во десничарската сцена целно се планирале напади, кои требало да им бидат подметнати на бегалци“, изјави пратеничката од Зелените, Ирене Михалиќ. 

Пратеникот од Социјалдемократите Рајнер Арнолд го пофали пасењето. „Во сето негативно, позитивно е што човекот е уапсен“, изјави тој, укажувајќи на неопходноста од сѐвкупна проверка на кандидатите при приемот во воена служба. Министерката за одбрана Урсула фон дер Лајен не сака да го коментира случајот, оградувајќи се со тековната истрага.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми