1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Војните - „регионална традиција“ на Балканот?!

Силвера Падори-Кленке10 август 2013

На 10. август се навршуваат 100 години од Букурешкиот договор, кој го означи крајот на Балканските војни, во кои, како велат експерите, имало исто толку насилство како и во конфликтите во Југославија од деведесеттите.

Фотографија: picture-alliance / akg-images

Балканските војни од 1912-1913, но и судирите на почвата на некогашна Југославија од 90-тите години на 20-тиот век, биле во фокусот на анализите на бројни експерти со меѓународна легитимација. Поточно и двата воени виора ги анализирале членовите на Карнеги фондацијата во истоимените Карнеги-извештаи. Најновиот извештај од 1995 година требало „во ист дух како од 1913-1914 година, следејќи ги трагите на своите претходници, да ги истражи причините за југословенските војни за сецесија“. И во таа Комисија, како и во онаа од 1913, членувале политичари, научници и новинари.

„Извештајот на Карнеги комисијата од пролетта 1914 година од меѓународната јавност бил речиси незабележан“, вели професор д-р Волфганг Хепкен од Универзитетот во Лајпциг, кој  ги анализирал војните од почетокот и од крајот на минатиот век на Балкан. И кога новата војна (Првата светска војна) била пред вратите, логично дека регионалните војни не биле веќе воопшто интересни. Имало, меѓутоа, уште нешто зошто извештајот на Карнеги комисијата имал толку мал одек. Тоа што Комисијата преку својата неутралност сакала да укаже на злосторствата, за европската јавност и не била голема новина, затоа што меѓународниот печат нашироко се занимавал и ги следел воените случувања уште во текот на 1912 и 1913. Она што било констатирано во извештајот - дека Балканските војни „биле најстрашни во модерното време“, било само повторување на познатото. Затоа, како коментира проф. д-р Хепкен, и се случило војните од 1912-1913 помалку или повеќе да бидат заборавени и повторно да се актуелизираат во деведесеттите, пет децении по Втората светска војна и по крајот на Студената војна, кога повторно се разгореле старите антагонизми, кои биле спомнувани и во извештајот како „регионална традиција“ на Балканот.

Разлики  и паралели
 
„Ако Карнеги комисијата во 1913 главно се занимавала со истражување на текот на војните и последиците врз населението, комисијата од 1995 требало да формулира предлози преку кои би се обезбедил стален мир во регионот. Новата комисија се занимавала и ги обработувала структурните, националните и економските проблеми на регионот. Исто како и во 1912-1913 и војните од деведесеттите ги карактеризирале грозоморства врз цивилното население. Уште еднаш во регионот насилството било идентификувано како традиционално. Интересно е, меѓутоа, што отворено е посочено дека врз целокупните процеси во деведесеттите вистинското влијание не го имало јавното мислење, туку големите политички актери“, подвлекува проф. д-р Волфганг Хепкен, кој се фокусира и на разликите и сличностите меѓу  Балканските војни од 1912-1913 и оние од деведесеттите при распаѓањето на Југославија.

Заедничко е насилството - се вели во Карнеги извештаите за Балканските војни од почетокот и од крајот на 20-тиот векФотографија: DW/S. Padori-Klenke

„Балканските војни од почетокот на 20. век биле конфликти во кои државите сакале да се прошират, да добијат нова терирорија. Војните од деведесеттите, пак, биле војни на разединување, на пропаѓање на една држава – Југославија. Балканските војни од 1912 -1913 имале регионален карактер во кој биле вклучени повеќе држави кои меѓусебно создале сојуз. Војните од деведесеттите, пак, останале во границите на државата што се распаѓала, на југословенска територија“, истакнува проф. д-р Волфганг Хепкен, според кого ако Балканските војни биле постимперијалистички, конфликтот во Југославија по својата динамика бил дезинтегративен процес во кој се урнала една држава и нејзиниот носечки симбол – демократијата.

Во масакрите страдаше невиното населениеФотографија: DW / Sekulic

„Паралелата која може да се подвлече меѓу војните од почетокот и од крајот на столетието е елементарното воено насилство. И во двата случаи етничкото чистење имало функција на територијално проширување, а жртва било цивилното население. И во 1912-1913 и во деведесеттите карактеристика било уништувањето на културните и религиозни ознаки на идентитетот“, коментира  проф. д-р Хепкен.

Уште една голема разлика на Балканските конфликти од 1912-1913 и оние во деведеесеттите години била во модернитетот на војувањето. Но, да нема забуна, она што е поново не значи ни - помодерно. Професор Хепкен Балканските војни од почеткот на 20. век ги квалификува како помодерни, зашто како вели за тоа време се користело најсовремено оружје и имало масовни и големи битки. Војните од деведесеттите, пак, не биле воопшто модерни и во тренд со времето. Не биле применети големи технолошки финеси, немало ни фронтални битки, туку стратегијата се сведувала на снајпери и масакри.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми