1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Војни и енергенси: главоболките на Меркел со Путин

17 август 2018

Владимир Путин во сабота доаѓа во Германија на разговори за Сирија, Украина и гасоводот Северен тек 2 со Ангела Меркел. Аналитичарите не се големи оптимисти дека разговорите ќе донесат поголем пресврт во односите.

Russland Sotschi - Vladimir Putin und Angela Merkel
Фотографија: Reuters/S. Karpukhin

Ангела Меркел и Владимир Путин имаат многу за што да разговараат. По вторпат во три месеци, германската канцеларка и рускиот претседател ќе седнат на билатерална средба. Овојпат, откако Меркел го посети Сочи во мај, Путин доаѓа во замокот Мезеберг во близина на Берлин.
Зошто двајцата лидери токму сега одлучија повторно да се сретнат не е јасно- иако можеби има врска со фактот дека владата на Меркел, откако преживеа една политичка криза пред летниот одмор, сега е јасно насочена кон надворешната политика.
Според официјалните најави, Меркел и Путин на агендата имаат три теми: војната во Сирија, мирот во Украина и изградбата на гасоводот Северен тек 2.

Но, според германските медиуми она што навистина го мачи Путин се новите санкции кои против неговата земја ги најавија САД.

Според германските проценки, по 20 години на различни функции на чело на Русија, Путин се наоѓа во веројатно најтешката фаза од своето владеење. Најавените американски санкции веќе ја разнишаа вредноста на акциите на големите руски компании и драстично ја намалија вредноста на руската рубља. Дополнително, рускиот претседател има и внатрешни проблеми. Плановите за пензиски реформи на владата веќе предизвикаа масовни протести, а отпорот е далеку посилен од очекуваното.

Меркел на Путин му испраќа пиво, со што ѝ возвраќа тој?

00:32

This browser does not support the video element.

Во таква ситуација прогнозите се дека Путин во Берлин доаѓа по ветување од Меркел дека Германија нема да ги поддржи американските санкции.
Некои анализи велат дека во тоа би можел да добие поддршка од германската канцеларка, затоа што Берлин има и политички, но пред се економски интерес од подобрување на односите со Москва.
Сабине Фишер, истражувач во германскиот Институт за меѓународна и безбедносна политика не е особен оптимист дека разговорите ќе донесат некаков пресврт.
„Целите не се променија. Русија има сопствени позиции за Сирија, за Украина, и силен интерес за реализација на Северен тек 2, и Русија ќе продолжи да ги турка своите цели“, вели Фишер.

Меркел бара од Путин де-ескалација на состојбата во источна УкраинаФотографија: DW/A. Magazova

Конфликтот во источна Украина досега однесе над 10 илјади животи откако започна во ноември 2013 година. Русија во меѓувреме изврши анексија на Крим, а постојат докази дека руски трупи се борат заедно со про-руските сепаратисти кои ги држат под контрола источните региони.
„Меркел се обидува да изменаџира некаква де-ескалација на јужниот брег на Донбас“, вели Олаф Бонке, советник во политичката консултантска куќа Расмусен Глобал. „Веќе се случува ескалација меѓу украинските и руските поморски сили во овој дел на Црното море“.

Сирискиот кошмар

Уште потешко е да се прогнозира каков напредок би можеле Меркел и Путин да постигнат во однос на војната во Сирија. Двајцата лидери веројатно ќе се обидат да ги усогласат позициите пред четирипартитниот самит на 7 септември кој го организира турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а ќе присуствува и Франција.
Највисоко на агендата е состојбата во Идлиб, каде претседателот Башар Асад започна нова голема офанзива. Меркел и нејзините сојузници се надеваат дека може да се изврши притисок врз Асад и да се спречи нов масакр. „Мислам дека ќе се обиде да купи малку време и да го убеди да не му дава зелено светло на Асад за операцијата во Идлиб“, вели Бонке.

Постојниот гасовод Северен тек и планираниот Северен тек 2

Ќе се отвори и прашањето за Северен тек 2- гасоводот долг 1.200 километри кој ќе ги поврзе Русија и Германија преку Балтичкото море.

Она што може да се очекува е некаков обид да се направи компромис околу транзитот на гас преку Украина. Имено, основното стравување е дека Украина би можела да остане без важни приходи доколку транзитот на гас се пренасочи од нејзината територија кон Балтичкото море, што пак би донело дополнителна политичка дестабилизација на земјата. Оттука реална е можноста Путин да попушти и да дозволи одредена квота и натаму да минува низ Украина. Особено што и финансиските проценки велат оти тоа нема многу да го чини главниот снабдувач Газпром.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми