1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во актовката на Хајндл нема пакет-решенија за кризата

Катерина Блажевска 8 јуни 2016

Германскиот специјален пратеник за Македонија, Јоханес Хајндл, очекува решенијата за излез од кризата да бидат договорени меѓу партиите, кои засега поставуваат само услови и контрауслови.

Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Во актовката на германскиот специјален пратеник Јоханес Хајндл, нема никакви пакет-решенија за излез од кризата, ниту нацрт-план за транзициска влада. Тоа, низ обновен дијалог треба да го договорат лидерите на партиите, велат извори упатени во поединечните разговори на специјалниот пратеник со лидерската четворка.

На Хајндл, кој од вчера по трет пат е во Скопје, партиските лидери му ги презентираат своите позиции за излез од кризата, особено откако претседателот Иванов целосно ја повлече аболицијата. Тоа беше еден од условите опозицијата да го продолжи дијалогот со власта, но има и други, за чие исполнување во координација со „шарената револуција“ како краен рок е одреден 18 јуни. СДСМ бара до тој датум Уставниот суд да ја потврди уставноста на Законот за Специјалното јавно обвинителство, со што заканите за негово укинување повеќе нема да висат врз неговата работа како Дамоклов меч, и СЈО ќе може да функционира непречено и без притисоци. СДСМ бара и ослободување од притвор на учесниците во протестот и крај на хајката против демонстрантите. Излезот од политичка криза оваа партија го гледа во прочистувањето на Избирачкиот список, реформите во медиумите, но пред се, во формирање влада која треба да има шест месеци за подготовка на слободни и кредибилни избори, кои би можеле да се одржат на крајот од октомври или почетокот на ноември. Од СДСМ ваквиот став вчера го соопштиле и на средбата со Хајндл.

„На Македонија и се потребни брзи и регуларни избори, што ќе ги организира и спроведе, како што предвидува Договорот од Пржино, Влада која ќе биде гарант дека ќе биде испочитувана слободната волја на граѓаните. Оваа Влада што спроведувала криминални избори досега, ја изгуби довербата и легитимитетот за тоа“, потенцирал лидерот Заев на средбата со германскиот специјален пратеник.

Ултиматум од Шарената револуција

02:17

This browser does not support the video element.

ВМРО-ДПМНЕ бара гаранции

Но, сега и ВМРО-ДПМНЕ бара гаранции дека опозицијата ќе го прифати Избирачкиот список како кредибилен. Лидерот на партијата, Никола Груевски, на средбата со Хајндл истакнал дека за ВМРО-ДПМНЕ избори се прифатливи во секој термин, но нема да се дозволи државата и граѓаните повторно да бидат заложници на ново лицитирање со термини, како што било во изминатиот период.

„Во таа насока и со цел неоправдано да не се истакнуваат изговори за неодржување на избори, СДСМ ќе мора да даде потврда и да се обрзе дека Избирачкиот список е прочистен, а во периодот кој следи посветено ќе работат на подигање на довербата во Избирачкиот список, иако тој за ВМРО-ДПМНЕ никогаш не бил спорен сегмент“, рекол Груевски на средбата со Хајндл.

Исто така, ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека техничка влада треба да се формира сто дена пред избори, а од опозицијата велат дека „сто дена пред избори“ е законски рок за повлекување на премиерот и дека Договорот од Пржино е јасен-предвидува формирање преодна влада која шест месеци претходно треба да работи на подготвувањето на услови за фер-избори.

Во ваква ситуација, извесно е дека Хајндл ќе има уште многу работа во Скопје: и околу приближувањето на партиските ставови и околу „автентичното толкување“ на она што е предвидено со Договорот од Пржино. Тој денеска ќе разговара и со лидерите на ДУИ и ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи, а ќе се сретне и со специјалната обвинителка Катица Јанева. Додека Хајндл е на кризниот терен, денеска државниот секретар Михаел Рот пред германските пратеници зад затворени врати ќе го презентира извештајот за Македонија. „Актуелната ситуација во Македонија“ е на дневен ред на Комисијата за надворешна политика на германскиот парламент. Официјален Берлин е загрижен за политичката ситуација во Македонија и смета дека мора брзо да се најде решение кое земјата ќе ја врати на евроатлантскиот пат. Јуни се смета за клучен месец за трасирање на излезот од кризата, а ЕУ будно ќе ги следи резултатите, со оглед дека Македонија ќе се најде на дневен ред и на министерскиот состанок во Брисел, пред Самитот на европските лидери на 28 јуни.

Потребни се долгорочни решенија

Ставот на опозицијата, дека ако кај сите има политичка волја за исполнување на наведените услови - тогаш може да се одржат избори уште оваа есен, наидува на сомнеж кај дел од аналитичарите. Тие сметаат дека системските дисбаланси се толку големи, што изборите сами по себе не може да донесат крај на кризата. Тие оценуваат дека е потребен подолг период за консолидација и враќање на системот во институционален колосек, а се сомневаат дека тоа ќе може квалитетно да се реализира само за неколку месеци.

„Задачата за враќање на институциите не е едноставна и сигурно нема да биде успешна, ако поради отуство на дологорочни решенија оваа политичка елита добие уште едни избори преку корумпираните медиуми, вработувањата во администрацијата и други форми на поткупување и заплашување на гласачите“, смета професорот Гордан Калаџиев.

„Во таква ситуација Македонија повторно ќе отане заробена држава со заробени институции и ќе остане слепо црево на Блаканот. Процесот за излез од кризата не е лесен, ниту ќе може да се оствари само со работата на СЈО дури и да е таа најефикасна, ниту со техничка влада, бидејќи степенот на метастазираност на македонското општество е поголем за да може да се реши на краток рок со некакви едноставни решенија. Во Македонија, ни партиите, ни академските структури, па ни граѓанското општество досега не понудија подолготрајни решенија за излез од ваква сериозно метастазирана состојба. Не верувам ни дека меѓународната заедница има таков план за подолг рок. Затоа мислам дека овие процеси се покомпликувани, дека агонијата ќе продолжи на подолг рок и дека нема да се реши само со избори или со продолжувањето на работата на СЈО“, вели Калајџиев.

По средбите со потписниците на Договорот од Пржино, специјалниот пратеник Хајндл денеска треба да ја информира јавноста дали има ли поместување од „мртва точка“ или надеж за тоа.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми