1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Албанија се уште важи крвната одмазда

18 август 2004

Од крајот на комунизмот Албанија е на пат кон модерна, демократска правна држава. Сепак се уште има региони, пред се во католичкиот север на земјата каде што луѓето се придржуваат кон традиционалното обичајно право – таканаречениот “канон“ во кое се предвидува и крвната одмазда која може да се продолжи со генерации.

Колкумина се кријат во Тирана од страв од крвна одмазда?
Колкумина се кријат во Тирана од страв од крвна одмазда?Фотографија: AP

Државата пред три години ги заостри казните за крвната одмазда, а успеа и да помири повеќе од 3 илјади непријателски семејства. Меѓутоа, крвната одмазда не е сосем исчезната.

Пал Хила секое утро станува многу рано и ја пуши првата цигара уште во спалната. Што ќе донесе новиот ден? Што ќе јадат децата? Тоа му се првите мисли. Куќата не може да ја напушти, со години не оди на работа:

“Денот го минувам внатре. Ако има струја, гледам телевизија, понекогаш читам весник. А, што да правам? Како човек кој не смее да излегува надвор може да живее без страв? Ако си храбар можеш да излезеш и – да умреш“.

Веќе девет години Пал Хила живее во страв од крвна одмазда. Не работи, од државата добива 30 евра помош, повремено неговата сопруга заработува некој грош од чистење. Таа смее да се движи зашто жените се исклучени од крвната одмазда. Маките на семејството започнаа во 1995 година кога неговиот брат во една кавга го уби Мехил Кјитети. Додуша се најде в затвор, но семејството Кјитети се заколна на крвна одмазда. Пал Хила со сопругата и двата сина избега од планината во град. Во меѓувреме таму, во нивната близина, се пресели и семејството Кјитети. Пред две години ќерките на убиениот Мехил, го убија 17-годишниот син на на Хила, Зефин, неколку метри од неговата куќа. Двете сестри за тоа се осудени на долгогодишен затвор. Иако пријателите на двете семејства се обидуваат да посредуваат, непријателството меѓу двете семејства не е завршено. Пал Хила и натаму мора да страхува за својот живот. Тој самиот не сака одмазда за синот Зефин. Вели:

“Оној што простува е подобар човек, има чест и дури е посилен“.

Семејството Кјитети не сака да каже ниту збор за семејството на непријателот и одбива интервју.

Емин Спахија до неодамна водеше една многу активна невладина организација што се обидува да помири вакви непријателски семејства: лига на мировни мисионери на Албанија. Но, зошто се уште постои крвна одмазда? Спахија во едно интервју за Дојче веле обајсни:

”Најважните причини се лошото функционирање на правниот систем и малиот респект кон законите. Многумина се плашат да пријават злосторство зашто немаат доверба во судството“.

Во почетокот на август Спахија беше убиен во многу мистериозни околности. Дали својата мисија мораше да ја плати со животот? Се воздржуваше јавно да ги критикува дубиозните посреднички организации зашто профитираат од крвната одмазда, велеше Спахија:

“Во игра се милиони долари што се влеваат во овие организации. Нив дури им е битно во Албанија да нема мир. Кога сите институции заеднички би работеле за истата цел, тогаш укинувањето на крвната одмазда е реалистичка цел“.

Довербата во државата и во посредниците ја загуби и Пал Хила. Не очекува ништо ниту од полицијата:

“Полицијата беше овде неколкупати. Тие го кажуваат она што мораат. Но, што можат да направат? Помошта од државата во овој случај е многу мала“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми