1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Берлин за подобар интернет

Силке Винш / Симе Недевски6 мај 2014

Од 6. до 8. мај во Берлин ќе биде одржана „Ре:публика“, најголемата меѓународна интернет-конференција во светот. Во центарот на вниманието овојпат ќе бидат теми како што се надзорот и контролата на интернет.

Фотографија: CC BY-SA 2.0/re:publica 2014

„Ре:публика“ за прв пат беше одржана во април 2007. година. Во еден мал простор во Берлин, тогаш под слоганот „Живот во мрежа“ се собраа само стотина луѓе, љубители на интернетот и сѐ што донесе овој медиум со себе. Но, веќе една година подоцна, „Ре:публика“ поради големиот интерес се пресели на друга локација - во „Штацион“, поранешна индустриска хала во берлинската населба Кројцберг. Во овој простор имаше место за дури 11 сцени. Тука се одржани 250 различни програми и приредби кои веќе тогаш ги посетија околу 5.000 посетители. А, така би можело да биде и годинава.

Во центарот на вниманието прашања за безбедноста

Меѓу 6. и 8. мај, конференцијата „Ре:публика“ ќе се одржи под слоганот „Into the wild“, а според најавите на организаторот таа овојпат би требала да „отвори нови перспективи за различни пристапи со цел подобро разбирање и подобрување на интернетот и општеството во блиска иднина“.

Со други зборови, целта е да се отворат нови хоризонти, да се откријат нови можности, да се испита што уште е можно на интернет со оглед на најновите сознанија околу прислушувањето, крадењето податоци и општата вознемиреност поврзани со надгледувањето и контролата.

Фотографија: Getty Images

„Ре:публика“ и овојпат е во потрага по неочекувани технички решенија и нови, неочекувани импулси од страна на науката, економијата и политиката. Учесниците како и посетителите своите впечатоци и сознанија стекнати за овие три дена ќе можат да ги постават и на социјалните мрежи, и така ќе ги споделат со другите.

Атмосфера како на попфестивал

Повикани се и бројни занимливи гости - политичари, економисти, светски познати блогери, соработници од невладини организации, како и професори и научни соработници од разни универзитети. Во Берлин ќе стигнат и две блогерки на Дојче веле - Оксана Романјук од Украина и Алена Попова од Русија. Тие ќе излагаат во рамки на програмата поврзана со известувањето за ситацијата во Украина под насловот: „Вистина и искривување“. Инаку, покрај најавите и зацртаната програма, и овојпат можат да се очекуваат „спонтани“ промени на програмата. Така беше во изминатите години, па би можело да биде и годинава, што всушност на целата конференција ѝ дава посебен шарм. Во секој случај, посетителите и учесниците ги очекува опуштена атмосфера со пиење кафе, сокови, и средби со познаници и пријатели. Со еден збор, на манифестацијата „Ре:публика“ повеќе владее фестивалска, отколку конференциска атмосфера.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми