1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во БиХ речиси никој не плаќа данок!?

27 ноември 2011

Даночните долгови во Босна и Херцеговина изнесуваат две милијарди конвертибилни марки. Должници се јавни и приватни претпријатија, рудници, рафинерии, железарници, болници, спортски клубови.

Данок не плаќаат и големи и мали претпријатија, па дури и болници и спортски клубовиФотографија: Gina Sanders/Fotolia

Се проценува дека најголемиот дел од даночните долгови не можат да се наплатат и дека станува збор за пропаднати претпријатија или, пак, за оние кои се под стечај. Но, на неплаќањето данок не се имуни ниту најголемите, меѓу кои е “Рафинеријата за нафта“ од Брод. Таа должи 300 милиони конвертибилни марки. Аналитичарите велат дека тоа е последица на неликвидноста, но и на корупцијата.

Во Република Српска се планира буџетот за следната година да биде 1,8 милијарди конвертибилни марки, а долговите на даночните обврзници изнесуваат 1, 2 милијарди конвертибилни марки.

Но, додека во Република Српска се знаат даночните должници, во федерацијата Босна и Херцеговина тие се тајна. Се знае дека стотината најголеми должници имат долг од најмалку 720 милиони конвертибилни марки.

Неплатениот данок во БиХ изнесува две милијарди конвертибилни маркиФотографија: AP

Неликвидноста го кочи бизнисот

Доктор Кадрија Хоџиќ, професор на Економскиот факултет во Тузла, нагласува дека хроничната неликвидност е најголем економски проблем во цела Босна и Херцеговина.

„Опсегот на неликвидноста се заканува да го закочи работењето во земјата. Значи, да дојде до целосен застој на јавно регистрираното работење во земјата, бидејќи веќе се блокирани 50 000 сметки, а 30 000 правни лица имаат барем една блокирана сметка“, забележува професорот Хоџиќ.

Тој вели и дека според проценките долговите поради неликвидноста изнесуваат 20 милијарди конвертибилни марки, што е околу 90 проценти од вкупно остварениот бруто домашен производ. Според него, причините за неликвидноста се повеќеслојни.

Јавноста мора да има увид во неплаќањето данокФотографија: DW

„Домашното производство е изразито неконкурентно на регионална основа. Претпријатијата во просек имаат значително пониска продуктивност и рентабилност. Друга работа е претераниот увоз и апсорбирањето на преголемите количини на странска стока, поради што парите одат надвор од БиХ, па оваа земја, што е апсурдно за сиромашна земја, се појавува како своевиден извозник на пари“, нагласува професорот Хоџиќ.

Тој додава дека ако проблемот со неликвидноста и бројните стечаи потрае, економијата во БиХ може да влезе во состојба на „закоченост“, со несогледливи социјални последици.

Владеат партиите на капиталот

Доктор Алекса Милојевиќ, директор на Институтот за економски и општествени студии, вели дека најголемиот дел од даночните долгови е ненаплатлив, поради тоа што претпријатијата се пропаднати или во стечај. Тој нагласува дека даночниот долг не може да биде тајна.

Ставот на дел од експертите е дека пратениците се заложници на капиталотФотографија: AP

„Данокот е јавно добро. Данокот оди за подмирување на јавните потреби и ако каде и да било јавноста треба да има увид, тоа е во даноците. Значи, нема никаква ниту економска, ниту правна, ниту политичка причина данокот да е тајна, посебно неплаќањето на данокот да е тајна. Во сите развиени земји неплаќањето данок е срамота и најголемо кривично дело“, забележува професорот Милојевиќ.

За репрограмирањето на даночните долгови на големите фирми професорот Милојевиќ тврди дека тоа е дел од системот во Република Српска, но и во цела Босна и Херцеговина, во која владејат „партиите на капиталот“ и според него така ќе биде се додека не се измени изборниот закон.

„Нема репрограмирање на долговите кај малите претпријатија и тие се тераат во стечај и во ликвидација. За нив државата е немилосрдна, а е многу попустлива за овие крупни претпријатија. Од нив не смее да се побара наплата на даночните побарувања, бидејќи тие фактички се на власт. Пратениците во републичкото собрание се само марионети“, заклучува професорот Милојевиќ.

Фабриката во Зворник една од најголемите неплаќачи на данокФотографија: DW

Најголемите должат 300 милиони конвертибилни марки

Драган Чавиќ, некогашен претседател на Република Српска, а денес лидер на опозицијата, смета дека репрограмирањето на долговите на големите претпријатија има обележје на корупција.

„Точно се знае кои се тие фирми што можат да си дозволат да имаат неподмирени обврски кон буџетот, кога се во прашање неуплатените даноци и неподмирените обврски кон фондовите. Имаме уште една апсурдна ситуација – одредени големи даночни должници истовремено учествуваат на тендерите и добиваат многу големи јавни работи, па дури остваруваат и кредитни задолжувања кај инвестиционо-развојните банки. Тука нема многу тајни. Овде, во Република Српска, политичките, семејните и пријателските односи се одредница за извршување или неизвршување на законите“, вели Чавиќ.

Главната служба за ревизија на јавниот сектор во Република Српска за време на контролата во даночната управа открила низа проблеми во врска со репрограмирањето. Секоја од 315-те фирми и’ должи најмалку 500.000 конвертибилни марки на државата за ненаплатени даноци и придонеси, а само првите десет на списокот на најголемите должници должат околу 300 милиони конвертибилни марки. Меѓу тие должници се „Рафинеријата за нафта“ од Брод, „Новотекс“ од Требиње, „Нестро Петрол“ од Бања Лука, „Бирач“ од Зворник, „Интеграл инжењеринг“ од Лакташи и „Интегра инжињеринг“.

Автор: Емир Мусли / Александар Методијев

Редактор: Ж.Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми