1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Босна и Херцеговина има ”европски ислам”

16 февруари 2005

Каков е ставот на младите муслимани во Босна и Херцеговина кон нивната религија. Дали верата игра голема или мала улога во нивните животи, и дали религијата им стои на патот на нивните прозападни погледи кон животот и светот? Прашања, што во Сараево се обиде да ги разјасни Еберхард Нембах, кој во рамки на серијата ”Дијалог Ислам” се осврнува на босанскиот ”евро-ислам”

Фотографија: DW

Молитва пред џамија и црковни ѕвона – во Сараево истовремено можат да се чујат двете. Босанскиот главен град е наречен ”Европскиот Ерусалим”, зашто овде со векови една до друга стојат православните и католичките цркви, синагогите и џамите. Речиси половината од околу четири милиони жители на Босна и Херцеговина се муслимани. Повеќето се чувствуваат како модерни, отворени кон светот Европејци. На Бајрам има забави во кафулињата што се во тренд. Млади жени кои ги комбинираат шамиите со дизајнерски очила и цигари во устата, муабетат во кафулињата во стариот град, покрај една џамија. 22 годишната Синаида, која се образува за наставник, носи шамија не затоа што тоа е модерно:

”Ова е исламска обврска. Алах во Куранот назначил дека секоја полнолетна жена носи шамија. Има и подлабоки причини зошто жените треба да ја покријат својата убавина. Мислам дека овој поглед на нештата во исламот се застапува овде. Сосема е нормално жени со шамии да работат секаде, тука нема ограничувања, како што нема ниту кај останатите верски симболи. ”

Таа го отфрла тероризмот исто како и нејзината помлада сестра Мајда, која студира исламска теологија. Толеранцијата во исламот е важна вредност, објаснува Мајда:

”Во општеството мора да се негува добар однос кон сите други луѓе, сеедно дали му припаѓаат на исламот или на друга религија. ”

Сепак, постојано има силни националистички тенденции кои им стојат испречени на чувствата на взаемна припадност на босанските Хрвати, Срби и Босанци со муслиманска вероисповед. Но, Мајда за тоа не ги обвинува само Хрватите и Србите:

”Пред се ние муслиманите не си ја познаваме доволно нашата вера, па така муслимани им прават на другите луѓе нешта што се забранети. Тоа се покажа и во војната. Сигурно немаше да дојде до војна доколку сите се однесуваа согласно нивната вера."

Во босанската војна сите страни ја злоупотребуваа религијата за свои националистички цели, вели Ајдан Силајџиќ, од Исламскиот институт во Сараево. За босанските Хрвати важна улога играше католичката вера, за Србите православната, а на страната на муслиманите се бореа радилани муџахедини од цел свет. Но, боснаскиот ислам е традиционално толерантен и отворен кон светот , објаснува професор Силајџиќ кој себе си се разбира како Европеец:

”Во сржта на исламот не постои ништо што еден босански муслиман може да го спречи тој да се интегрира во западното европско општество. Истовремено, тој меѓутоа може да бара, западните Европејци да признаат некои духовни вредности кои денеска му недостигаат.”

Со тоа Силајџиќ мисли пред се на строгата забрана на дрогите, алкохолот и проституцијата – сето тоа се работи што секој верник мора да ги отфрли.

Слично размислуваат и малдите жени кај џамијата што носат шамии. И тие бараат толеранција за нивните верски ставови. Се разбира, вели Мајда, дека таа сака нејзината земја еден ден да стане членка на ЕУ:

”Но, нема да ми се допадне ако тогаш ЕУ ја принуди Босна и Херцеговина на закони што не се во согласност со нашите религиозни правила – како што е законот против верски симболи во Франција.”

Во Босна на тоа никој не мисли. Доаѓаат дури и млади студентки од Турција, зашто таму можат да носат шамии. Земјата стана место каде што доаѓаат муслимани од целиот свет. Впрочем, меѓу другото и поради нивните инвестиции – најголемата џамија во сараево е донација на Саудиска Арабија. Во нејзината околина се држат радикални молитви, иако тоа мнозинството на босанските муслимани го отфрла. Тоа не одговара на нивниот Европски ислам, зашто тој е толерантен – со или без шамија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми