1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Во Босна и Херцеговина немавме ништо“

Мехмед Смајиќ/К. Краљевска27 декември 2015

БиХ е безбедна земја на потекло. Како таква, нејзините државјани имаат мали шанси да добијат азил во Германија. Сенада и Сеад Хрустиќ тоа го знаат. Сепак, речиси една година се надеваат на азил.

Фотографија: DW/M. Smajic

Сенада Хрустиќ е мајка на шест деца. Има 31 година и никогаш не одела на училиште. Сенада не знае ниту да чита, ниту да пишува. Нејзиниот маж Сејад, исто така не се сеќава на училишните денови. Ниту тој не одел на училиште. Сенада и Сеад се Роми од Власеница, кои по војната во Босна и Херцеговина не собрале сили, ниту средства да го изградат сопствениот дом. „Се’ што имавме во Власеница се сруши во војната. Нашите фамилии живеат во БиХ, но нема каде да им испратиме писмо. Немаат адреса на живеење. Претежно живеат во Тузланскиот кантон. Кај роднини, пријатели и познаници“, вели Сејад Хрустиќ. Сејад пред една година и’ заврте грб на БиХ. Заедно со сопругата побараа подобро утре во Германија. По пристигнувањето во Келн се сместиле во прифатен центар, а подоцна требало да се преместат во Берлин. „Не ни’ одеше. И Келн е убав град. Се обративме до адвокат и со негова помош поднесовме барање за азил“, вели Сенада.

„Не знаеме да читаме, пишуваме, ниту да говориме на германски“

Хрустиќ во февруари имаа, како што велат „голем разговор“ за азил, но се’ уште немаат одговор. „Слушнавме на телевизија дека барањата за азил на бегалците брзо се решаваат. Се плашиме дека нас ќе не’ вратат. Но, се прашувам каде ќе не вратат. Ние во БиХ немаме куќа“, вели Сејад.
Моментално во Келн имаат покрив над глава. Сместени се во еден мал центар за бегалци. „Овде моментално има осум семејства, кои вкупно бројат 51 член. По едно семејство се од Турција и Сирија, додека шест се од Балкан: Македонија, Сирија, Косово и Босна и Херцеговина“, вели Марина Кастилан, социјален работник. Таа секојдневно им помага на бегалците во решавање на низа пречки со кои се сретнуваат. „Овој прифатен центар е отворен во мај и приоритет ни’ беше меѓусебно да се запознаат бегалците и децата да ги запишеме на училиште или градинка“, вели Кастилан. Комуникација со бегалците се одвива, како што велат, на сите јазици, па дури и со „нозе и раце“, низ насмевка додава социјалниот работиник, која освен германски јазик, говори уште и англиски, италијански и арапски.
Со бегалците од Балканот, Марина Кастилан најчесто комуницира преку Хрустиќ, кои малку говорат на италијански јазик. „Мојот вујко живееше во Италија. Неговата сопруга е Италијанка. Заедно живеевме во Босна и така го научивме италијанскиот јазик“, гордо вели Сејад.

Мартина КастиланФотографија: DW/M. Smajic

За жал, читање, пишување и странски јазици не се посилната страна на 41-годишната Зејфа Фератовиќ од Братунац. Таа, заедно со сопругот и седумте деца, речиси шест месеци живее во Келн и чека одговор за барање на азил. „Ниту јас во Братунац веќе немам никој. Доста членови од мојата фамилија загинаа во војната. Овде сум со мојот маж. Живеевме во Србија, но не можевме да издржиме“, низ солзи раскажува Зејфа и додава: „Благодарни сме и на Германија што не’ прими. Благодарни сме и што ни’ дава пари за да имаме што да јадеме. Да го имаме ова во Босна, никогаш не би ја напуштила. Моите деца овде одат на училиште. Посакувам да застанат на свои нозе и да не ја доживеат мојата судбина.“

„Сакаме да работиме. Не сакаме да живееме од социјално“

Слични желби имаат и Сенада и Сејад. „Најсреќен ќе сум да работам и веќе да не примам социјална помош. Сакам да можам да живеам од својата плата и моите деца да знаат да читаат и да пишуваат, да не бидат како мене“, вели Сејад, додека Сенада додава дека желба и’ е нејзините деца да завршат средно образование.

„Семејствата кои овде живеат се прилично самостојни. На располагање им е трособен или четирисобен стан во кој уште имаат и тоалет и кујна. Сите примаат социјална помош и така имаат средства за купување на животни намирници. Ние, исто така, им делиме совети каде можат да купат евтина храна и гардероба, каде и кои денови се одржуваат пазари на кои можат да се купи половна стока“, објаснува Марина Кастилан. На барателите за азил во Германија, таа им помага и за интеграција, која започнува од учење на германскиот јазик. „За жал, многумина од Западен Балкан, кои се наоѓаат тука, не знаат ниту да читаат, ниту да пишуваат. Така што, прво мора да ги научиме да читаат и да пишуваат, а потоа да учат јазик“, вели Кастилан.

Сејад и Сенада се заинтересирани за учење на јазик. „Тешко е ако човек не говори на германски јазик. Мораме да научиме. Ако некогаш добиеме работна дозвола, полесно ќе ни биде да најдеме работа“, вели Сенада и додава: „Не се плашам било што да работам. Мојот маж, исто така. Сакаме да работиме“.

Враќање?

Враќање за семејствата Хрустиќ и Фератовиќ, не доаѓа во предвид. „Ако се вратиме, ќе умреме од глад“, вели Зејфа. Барањата за азил се поднесени. Кога ќе добијат одговорот, овие ромски семејства не знаат. Се надеваат дека нивните случаи ќе бидат позитивно решени, иако знаат дека бегалците од Западен Балкан имаат мали шанси за добивање азил.

Германското министерство за внатрешни работи неодамна сними краток филм со кој на луѓето од Западен Балкан сака да им покаже колку се мали шансите за добивање азил во Германија. Сенада и Сејад не го гледале филмот. И да го гледале, тие пак ќе се обидат да побараат подобро утре во Германија, иако знаат дека Германија како безбедни земји на потекло ги означи Србија, Македонија и Босна и Херцеговина. „Тие можеби се сигурни, но во нив нема перспектива“, категорично вели Сејад.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми