1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Во Босна нема надеж“

СН/ат/фр/фаз9 октомври 2014

Претстојните избори во Босна и Херцеговина и одбивањето на кандидатурата на Аленка Братушек од страна на Европскиот парламент, се некои од темите со кои се занимаваат новинарите во германскиот дневен печат.

Фотографија: picture-alliance/dpa

„Во Босна нема надеж“, е насловот на текстот кој го објави весникот „Франкфуртер Рундшау“. Дописникот на овој весник од Австрија и од Балканот, Норберт Мапес-Нидек, во воведот пишува дека 3,2 милиони избирачи во вечно повоената земја во недела (12.10.) ќе избираат 4 претседатели (три члена за Претседателство и претседател на Република Српска) и пратеници во 13 парламенти.

„Меѓу кандидатите за место за претседател речиси и да нема ниту еден кој не се занимавал со политика за време на војната, значи пред 1995. година. Кога станува збор за ветувањата, тука води Бакир Изетбеговиќ: 100.000 нови работни места- ако гласаат граѓаните за него. Факт е оти бројката на невработени се намалува. 43 проценти од граѓаните официјално се невработени. Ако се одземе бројот на невработени, кои работат на црно, тогаш се доаѓа до 27 отсто“, пишува Мапес-Нидек. Тој потсетува дека Србите, Хрватите и Бошњаците и натаму се блокираат меѓусебно.

Фотографија: DW/D. Maksimovic

„Парламентот во последниот период усвои 106 закони. Во Хрватска во истиот период се усвоени 750“, пишува меѓу останатото во текстот, во кој авторот потсетува оти во февруари изгледаше дека во БиХ нешто се случува: „ширум земјата, пред се’ во Федерацијата БиХ, десетици илјади луѓе излегоа на улиците и принудија некои од министрите и премиерите на кантоните да поднесат оставка. Половина година подоцна тогашниот оптимизам повеќе не се чувствува“.

„Конкуренцијата за членови на Претседателството е голема. Бошњаците имаат слаба алтернатива. На една страна е Бакир Изетбеговиќ, на кого му се префрла за вмешаност во корупциски афери и кој со демонстративната блискост со турскиот автократ, Реџеп Таип Ердоган, дава простор за про-турско, исламско и антиевропско расположение. Неговиот најсилен конкурент Фахрудин Радончиќ, во однос на, како што вели, „турскиот макадам“, предност му дава на „европскиот автопат“. Но ни тој, како медиумски монгул, спорен бизнисмен со врски со косовски нарко бос и јунак на бесперспективната младина од работ на општеството, сепак не ветува нов почеток.

„Ситуацијата е малку полесна кај Србите. Кај нив за член на Претседателството на БиХ се кандидираше, како што велат, вредната актуелна премиерка на Република Српска, Жељка Цвијановиќ против истрошениот Младен Иваниќ. Најдобар избор имаат Хрватите: кај нив пробосанскиот Мартин Рагуж настапува против лидерот на ХДЗ, Драган Човиќ кој со Хрватите сака да ја напушти Федерацијата и да основа сопствен трет ентитет. Изборите ќе бидат посебно возбудливи во РС во која се избира и претседател на тој босанско-херцеговски ентитет. Со оглед дека сиромаштијата достигна драматични размери, актуелниот претседател на РС Милорад Додик мора да стравува за својата позиција. Во земјата има повеќе пензионери отколку вработени. Платите во последните 4 години се зголемија за 20, а пензиите за 14 евра. Во истиот период потрошувачката кошничка поскапе за 90 евра. Додик неодамна од Москва се врати со слаб кредит и убави желби. Негов сериозен противкандидат е Огнен Тадиќ од Српската Демократска Партија. Тој во европски ориентираниот Белград ужива повеќе симпатии од евроскептикот Додик“, се наведува во текстот, објавен на интернет-страницата на „Франкфуртер рундшау“.

Фотографија: DW/D. Maksimovic

Европскиот парламент ја одби кандидатурата на Аленка Братушек

„Поранешната претседателка на словенечката влада, Аленка Братушек, не доби поддршка од надлежните пратеници во Европскиот парламент“, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ)“ и додава: „Пратениците на Комитетот за индустрија, истражување и енергија и Комитетот за заштита на животна средина со мнозинство гласови ја отфрлија кандидатурата на Словенката Аленка Братушек за потпретседател на Европската комисија за енергетска унија“.

Аленка БратушекФотографија: Reuters/Francois Lenoir

Братушек не успеа бидејќи, како што пренесува „ФАЦ“, „словенечката Комисија за борба против корупција против неа се’ уште води истрага“. „Се истражуа дали Братушек, по поразот на парламентарните избори, како привремена премиерка, самата себеси се предложила за членка на новата комисија. Парламентарците одбија да дадат зелено светло и за Шпанецот Мигел Ариас Канате на местото комесар за енергија и клима. Тој е исто така спорен затоа што до неодамна бил косопственик на една нафтена компанија“, пишува „ФАЦ“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми