Стартот во Скопје, клучните преговори ќе се водат во Брисел!
2 јуни 2015 Парламентарни избори најдоцна до април 2016 година, а дотогаш транизициски период во кој треба да се прочисти избирачкиот список и да почне решавањето на други отворени прашања поврзани со владеењето на правото, независноста на судството и слободата на медиумите. Ова е едно од предлог-решенијата за која била постигната начелна согласност од лидерската четворка Груевски-Заев-Ахмети-Тачи на денешната маратонска средба со комесарот Јоханес Хан. Сепак, најважните и најжешките прашања - дали ќе се формира преодна влада, односно кој ќе ги спроведе следните избори, ќе се дискутираат на средбата која ќе се одржи идната недела во Брисел.
„Ова денеска беше само почеток. Всушност, главните разговори се следната недела. Тогаш треба да се договорат клучните работи. Во спротивно, ова денес ќе нема никакво значење“, велат партиски извори.
Конструктивни разговори
Комесарот Хан по завршувањето на разговорите нагласи дека е постигната согласност да има еден вид преоден период, но не соопшти детали.
„Имавме многу интензивни и конструктивни преговори со партиските лидери. Имавме многу добра дискусија и уште еднаш ја потврдивме поддршката за евроатлантските интеграции. Важно е да се надмине моменталната криза за да се одржи во живот евроатлантската перспектива. Исто така, треба да работиме во духот на соработката и неопходниот политички компромис, со цел да се постигне потребниот баланс меѓу различниот распоред на сили“, изјави Хан.
Тој потврди дека соговорниците поворно ќе се сретнат следната недела во Брисел, за да се постигне конечен договор.
„Важно е да се подготви земјата, се работи за здрави изборни правила, за ревидирање на изборните списоци, за почитување на правата на малцинствата. Ќе биде важно да се земат предвид и да се почитуваат сите препораки дадени од Европската комисија, што се однесуваат на независноста на судството. Се согласивме да примениме методологија која што вообичаено се користи за поглавјата 23 и 24 од пристапните преговори. Тие се уште не се почнати, но важно е да се обезбеди владеење на правото, независност на судството и слобода на медиумите“, рече Хан, и им се заблагодари на амбасадорот на САД во Скопје, Џес Бејли и на евроамбасадорот Аиво Орав, што помогнале да се постигне договор.
Од Скопје Хан заминува во тридневна посета на САД. Во Вашингтон ќе да се сретне со претставници на американската администрација и на Конгресот, со кои ќе разговара за најновите случувања во земјите од проширувањето на Европската унија, со посебен акцент на ситуацијата во земјите од Западен Балкан.
Етапни средби
Лидерите на партиите уште од раните утрински часови пристигнуваа етапно во резиденцијата. Груевски пристигна прв на средбата во 8.45 часот, заедно со министерот за здравство Никола Тодоров, со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски и со шефот на неговиот кабинет Мартин Протоѓер. Еден час подоцна дојде лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој беше придружуван од заменик-претседателката Шекеринска и портпаролот Петре Шилегов. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во придружба на министерот за образование, Абдулаким Адеми и пратеникот Артан Груби, се приклучија на средбата околу 14 часот, а лидерот на ДПА Мендух Тачи во 15 часот.
Во 16 часот во резиденцијата пристигна и амбасадорот на САД, Џес Бејли, кој присуствуваше и на претходните средби на лидерската четворка што се одржуваа во Клубот на пратениците.
Разговорите беа затворени за јавноста, а според комесарот Хан, поминале во конструктивна атмосфера. Груевски и Заев не дадоа изјави по средбата.