1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во бункерот на Тито

Андреас Мајер Фајст 25 април 2008

Порано беше строго чувана тајна зад која стоеше поранешниот југословенски претседател Јосип Броз Тито. Денеска од бункер кај Горажде, симбол на моќ, остана лавиринт од валкани простории, за кои никој не сака да се грижи.

Јосип Броз Тито, поранешниот претседател на бивша ЈугославијаФотографија: AP

Оној кој ќе помине низ тешката метална врата, оди директно во темнините од минатото. Славко Мастило, веќе триесет години работи овде како инжинер. Неговата судбина е поврзана со бункерот - еден од најголемите на светот и вистинско уметничко дело од лавиринти на површина од 15 000 метри квадратни кој за време на студената војна е држен како најстрога тајна.

„Граден е десет години, некаде до 1963 година. Потоа се работи на инфраструктурата - струја, вода, телефон, клима. За тоа беа потребни уште неколку години.“

Бункер отпорен и на атомска бомба

Во бункерот, во случај на војна би можело да се префрли цела фабрика за оружје и муниција во која би работеле 800 лица, а таму би се сместил и политичкиот врв на поранешна Југославија. Секако тој е отпорен и на напад со атомска бомба. Славко е дел од постојаната екипа којашто се грижела околу бункерот.

Тој работел и на климатизацијата на просторот со која се обезбедувале и услови за работа на градежниците кои работеле на проектот на поранешниот југословенски претседател Тито.„Се работеше во најголема тајност и во три смени. Беа ангажирани околу 1200 работници, а објектот уште од почетокот го чуваа војници кои ја набљудуваа и работата. Се беше под постојана контрола.“

Тајни симболи

Човек оди по прашливиот пат. Ја опипува металната врата. Порано морало да се внесе нумерички код, за да може низ вратата да поминат Тито и неговите соработници. Денеска вратата е отворена. „Во бункерот имаш уреден дневен престој и канцеларија. Тие беа наменети за генералштабот на југословенската армија. Но, се е означено со тајни симболи, и јас не знам што за кога било планирано“.

Одраз на добро обезбедена моќ којашто едвај се наѕира преку светлото на џебната лампа на Славко кој не води низ бункерот. Се гледа кантината за над 800 луѓе, но таа е празна.

Времето како да застанало

На ’рѓосаниот шпорет има лонец. Настрана стои празно пивско шише. На вратите има и клучеви. Овде времето како да застанало. Се враќаат и старите стравови.„Ако порано овде дојдеше автомобил со странски таблички, како вие сега, веднаш ќе реагираше полицијата.“

Но, денеска никој повеќе не реагира. Тито би се превртувал во гроб да знае што се случува со неговиот бункер, коментираат луѓето во Горажде. Местото кое се наоѓа во српскиот дел на Босна и Херцеговина, а порано беше дел од Југославија, обединетата земја под раководство на харизматичниот и моќен комунистички лидер - Тито. Но, големината на бункерот не можеше да го зачува единството на земјата. Бункерите, особено финансиски, ја исцрпуваа државата. Само овој чинеше 4 милијарди долари.

Во бункерот ќе се одгледуваат ретки видови печурки

По распадот на Југославија, никој не сакаше да ја преземе одговорноста за овие објекти, се жали Душан Прибиловиќ од општината Горажде. „Општината успеа да се промени владината одлука, според која сакаа бункерот да се користи за атомски отпад. Населението се спротивстави. Тогаш владата ни го препушти бункерот нам, за ние да одлучиме за што да се користи.“

Населението веќе изработи проект, според кој во бункерот се предвидува да се одгледуваат ретки видови печурки. Тоа би требало да донесе и нови вработувања во Горажде и соседниот регион, во кој има невработеност од околу 40%. Сега сите чекаат инвеститори кои ќе го прифатат проектот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми