1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Ватикан се зборува за пуч

Кристоф Штрак Превод: Зоран Јордановски16 септември 2015

Конзервативните се’ понеприкриено грмат, оти папата Франциско испраќа јасни сигнали кај темата брак и семејство уште пред очекуваниот бискупски синод. Но, папата не отстапува од католичкото учење, смета Кристоф Штрак.

Фотографија: Reuters/G. Sposito

Револуција во црквата? Папата од Аргентина ја поедностави црковната постапка за анулирање на католички склучените бракови. Многумина веќе зборуваат за католички развод.

Но, зошто толкумина се зачудени? Франциско е папа кој се труди да биде близок до луѓето. Тој одби да живее во Апостолската палата високо над плоштадот Свети Петар. Тој добива елан кога доаѓа во контакт со луѓе од маргините на општеството - бегалци, затвореници, болни, стари.

Понтификат под знакот на милосрдие

Сето тоа е сосем во духот на Аргентинецот Хорхе Марио Бергољо. И како надбискуп од Буенос Аирес тој настојуваше на блискост со луѓето, се возеше во подземна железница наместо во лимузина, секоја година одеше в затвор за традиционалното миење на нозе пред Велигден. Тој ги познаваше душевните маки на својата паства. Надбискупот редовно слушаше исповеди. Таму еден поп сигурно добива поинакви сознанија отколку оние свештеници, кои многу години во центарот на светската црква внимаваат на црковното право и традиционалниот поредок.

Кристоф ШтракФотографија: DW

Овој папа, кој секако може да биде означен како богобојазлив и конзервативен, сега бара можност на луѓето да им понуди уште еден животен пат во рамките на верата и Црквата. Постапките за анулирање на пропаднати бракови треба да бидат побрзи и понекомпликувани. Тоа, поврзано во повеќе инстанци, во Германија сега трае две, па дури и три години - за да може црковно да се констатира дали некој брак важел за црковно регуларен. Анулирањето на црковен брак и во иднина останува исклучок. Некои велат: на мала врата.

Милосрдие - овој поим се’ повеќе му дава белег на понтификатот на Франциско започнат во март 2013 година. Тој прогласи „Света година“, која ќе започне на 8. декември, под мото „Јубилеј на милосрдието“. Во јули 2016. ќе оди на Светскиот ден на католичката младина во Краков (Полска) - мега манифестација со заеднички именител милосрдие. „Тоа го смилостиви“, вели Исус повремено во Новиот завет. Франциско потсетува на тоа, дека Црквата не се залага само за строгото право, туку токму за тоа милосрдие.

Ќе нема револуција во католицизмот

Со тоа тој по втор пат за само неколку дена дава јасен сигнал. Претходно се погрижи за промени по прашањето како да се категоризира абортирањето при црковните исповеди. Не останува „за век и веков“ се’ што неговите претходници го врзаа за правна јасност и строга догматика. Но, во обете точки Франциско ни за малку не отстапи од сржта на учењето: католички склучен брак се смета за сакрамент (верски обред по кој се добива милост божја - н.з.) и начелно останува нераскинлив.

Франциско дава појдовни точки за синодот и во врска со сексуалниот морал и семејното душегрижништво. Еден папа може и самиот да воведе некои повеќе ограничени мерки - како, на пример, побрзото одвивање на постапката за анулирање на брак. За тоа не му е потребен синодот и конзервативците не ќе можат сега на средбата на синодот тоа да го користат како преговарачка маса.

Во Ватикан во меѓувреме таинствено - и секако не сосем соодветно - се зборува за пуч. „Дали е папата уште католик?“, праша на насловната страна американскиот магазин „Њусвик“. Јасно е дека конзервативните кругови во папската курија се дистанцираат од поглаварот. Но, нели по многу мрачни години во Рим се чекаше токму на тоа: еден папа да предизвика вртлог? Но, тоа со сигурност нема да биде револуција.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми