1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Во вулканот на моралното прочистување

12 март 2022

Во Македонија Јанкулоска и Јанакиески покајнички се извинуваа за направените злодела и признаваа вина, а западните популисти мораа да прават политичко салто-мортале и да го осудат оној на кој му се восхитуваа - Путин.

Deutschland Hanburg Statue der Justitia
Фотографија: picture-alliance/dpa

На 11 февруари годинава Гордана Јанкулоска изгледаше како македонска Електра. Еврипид во својата драма ги подготви овие зборови за несреќната ќерка на Агамемнон и Клитемнестра: „За најтешките страдања, јас сум причината“.

Признавајќи ја вината во случајот „Титаник“ за изборните злоупотреби поранешната министерка за внатрешни работи покајнички рече: „Сакам да испратам порака дека секој што се нафатил да извршува јавна функција, државна или политичка, мора да биде подготвен да се соочи со последиците од одлуките во кои учествувал“.

За Јанкулоска можеби тоа изгледаше како момент од кој ќе се ослободи од крастата која ѝ ја фрли поранешниот премиер Никола Груевски, а таа во годините и кога беше врвна личност во вмровските ешалони и во владата, не мислеше дека треба да се ослободи од неа што е можно побрзо. Сега, во ќелијата во затворот во „Идризово“ сигурно има многу време да размислува и можеби да се самообвинува – како можеше да ги направам злоделата за кои бев осудена и за кои признав вина. Признанието на вината не ја ослободи од затворска казна во „Титаник“ – со првостепена судска одлука таа доби 2,5 години затвор.

Гордана Јанкуловска на судското рочиште за случајот „Тврдина“ на 26 февруари 2021 годинаФотографија: Petr Stojanovski /DW

Недопирливоста не е божествена

И Миле Јанакиески ја сврте страницата на самообвинување по годините во кои и тој се чувствува како некаков антихерој од грчките трагедии. Од рочиште на рочиште, од еден судски процес на друг, од притвор во Шутка до притвор дома; па малку на слобода. Во истиот ден со Јанкулоска и тој призна вина во „Титаник“ додавајќи: „Ја користам можноста да упатам извинување до сите оние кои на кој било начин биле навредени и повредени слушајќи ги т.н. бомби. Се надевам дека ова ќе биде поттик кој би предизвикал промени во иднина“. Судот го ценеше ова покајание и му одреди 4,5 години затвор.

Повеќе од авторот: „Мрачни финансии“: анатомија на илибералниот груевизам

Во четвртокот Јанакиески влезе во другата река за прочистување, во судењето за набавката на двокатните автобуси за Скопје, па и таму призна вина. Судот сега беше поблагонаклон и му одреди двегодишна условна казна.

Нивниот шеф удобно завален во Будимпешта не мисли дека треба да зачекори во овој кратер на самообвинување и признавање на грешките. По само неколку час на тој 11 февруари, тој како вмровски Зевс, им порача на Јанкулоска, Jанакиески (и Протуѓер) дека се понижиле самите себеси што дозволиле да „бидат приклештени од обвинителството“ и да „признаат вина која ја немаат. Вина која не постои“. 

Миле Јанакиески излегува од зградата на судотФотографија: DW/P. Stojanovski

Навистина, ова морално прочистување (секако, и обид да се добие помала казна) на некои вмровски првенци добива елемент на трагедиите на Софокле или Еврипид. Земските антихерои овде се исцрпени од судските процеси, во кои адвокатите (т.е. нивните сметки) се најголемите добитници, а Зевс од Будимпешта оценува кој потклекнал, а кој бил херојот, кој бил морално цврст, а кој се понижил самиот себеси. Вакво морално раслојување во една партија не е забележано во Македонија. А таа партија во нејзиниот овдешен Олимп – белата палата, како да мисли дека ова не се однесува на неа. Како Јанакиески, Јанкулоска и Протуѓер да верувале во некој персиски бог, а не во Зевс од Будимпешта, иако затворските казни веќе го потврдија делото дека ВМРО-ДПМНЕ вршело масивни изборни злоупотреби и незаконско финансирање. И дека пресудите што ќе следат за оние што не признаа вина ќе биде многу тешко да бидат ослободителни ако веќе судот заклучил дека има кривично дело.

Но никој нема право предвреме да мисли и проценува што ќе пресуди судот. Па и ние. Она што е важно е дека некои од политичарите кои мислеле дека недопирливоста е божествена подолго време се во вулканот на морално пресипитување и самообвинување: како можевме да бидеме толку „наивни“. Наивни можеби не е вистинскиот збор, туку повеќе заслепени на долги патеки.

Западните дворјани на Путин

Во една друга конотација, но во еден сличен вулкан на самообвинување, од 24 февруари се најдоа европските крајнодесничарски популистички лидери, кои се однесуваа како дворјани на Владимир Путин. Нивниот свет изгледа дека се урна преку ноќ и сега со сета сила се трудат да ја искорнат од себе путиновата (не руската) краста.

Повеќе од авторот: Колкав животен простор ѝ треба на Русија

На почетокот од оваа недела италијанскиот крајнодесничарски политичар Матео Салвини (до неодамна посветен поклоник на Путин) отиде во полскиот пограничен град Пшемисл да ја покаже неговата поддршка за украинските бегалци кои ја преплавија Полска бегајќи од ужасите на војната. Салвини повеќе години е еден од најжестоките крстоносни борци против имиграцијата во Италија. Сега посака да се прикаже како хуманитарец од прва класа. Можеме да претпоставиме дека не му било воопшто пријатно кога градоначалникот на Пшемисл, стоејќи покрај него му префрли дека „дошол да види што направи неговиот пријател Путин“ изложувајќи маица со ликот на рускиот претседател. Иста таква маица имаше облечено Салвини кога во 2014 година ја посети Москва и се сликаше на Црвениот плоштад. 

Неговото самообвинување тој сега сака да го протне низ најтесни игли, затоа што не само политичката туку и моралната тежина во само еден ден го притиснаа да направи драматичен пресврт. Тој ја осуди инвазијата, отиде пред украинската амбасада во Рим да положи цвеќе, а на крајот призна и дека Русија е агресор. Путин го остави да стои јавно нечепнат во најмрачните тераси на неговата совест.

Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Неговиот „борец по оружје и светогледи“, Марин Лепен, лидерка на крајно десничарската француска партија Национално движење, исто така се најде на морален крстопат. Нејзината партија доби убав заем од руска банка, таа самата не велеше анексијата на Крим е нелегална, а пред последните претседателски избори во 2017 година отиде во Кремљ да се види со Путин. Инвазијата ја натера во еден ден да го смени јавниот дискурс. Нишајќи се додека оди по жица таа сега изјавува дека Путин води „авторитарен режим“ и „она што го направи е за целосна осуда“. 

Во крајнодесничарскиот простор во Франција има уште еден претседателски кандидат кој е уште подалеку десно – Ерик Земур. Тој му се восхитуваше на Путин поради неговите обиди да ја возобнови „имепријата која е во опаѓање“, како што тој сака да направи од Франција. Но истиот ден кога почна инвазијата Земур излезе со осуда велејќи дека „Русија ниту била нападната, ниту директно загрозена од Украина“. А за да биде уверен дека бил разбран покажа натпис на кој пишуваше: „Целосно ја осудувам руската воена интервенција во Украина“.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан (тој беше во Москва дваесетина дена пред инвазијата за да осигури пониски цени на гасот) побрза драматично да ја „осуди руската вооружена офанзива“, да ги поддржи сите санкции на ЕУ, да дозволи транспорт на оружје на НАТО кон Украина (иако Будимпешта не сака сама да испорачува) и да ги отвори границите за унгарските бегалци. Истите тие граници кои ги држеше херметички затворени за оние што бегаа од ужасот на војните на Блискиот Исток.

„Подарок“ за пријателот на Путин

02:04

This browser does not support the video element.

Секако дека демократските вредности не можат да потклекнат пред една со ништо непровоцирана инвазија само за да се задоволат империјалните сновиденија за некое поранешно царство. Овие кокетирања со авторитаризмот на Путин дојдоа за наплата кај најважните европски популисти, па можеби и себеиспитувања дека тие некаде драматично погрешиле, особено потценувајќи го моментот кој може да дојде во нивните општества за длабоко морално преиспитување и страв од голема војна на европска почва. Другата работа е што во април и Франција и Унгарија (како и Словенија и Србија) ги чекаат избори. И Лепен и Земур се во трескавична потрага по наратив како ќе можат да им се претстават на бирачите (како и крајнолевичарскиот популист Жан-Лук Меланшон), а да не изгледаат како продолжена рака на сега веќе озлголасениот во европската јавност Путин. Виктор Орбан е во најголемото искушение за својата власт од 2010 година наваму, кога против себе на парламентарните избори ја има обединетата опозиција со единствен кандидат за премиер. Доколку покаже и мала амбивалентност кон инвазијата на Путин ќе се појават на виделина сите сеќавања на бруталната советска интервенција на Унгарија во 1956 година, чии последици се веќе во кодот на секој Унгарец. А и во неговиот.

Повеќе од авторот: Империјални и други сништа

Во Америка, сличното чистење преку самобвинувања достигна невидени размери. Кога претседателот Џо Бајден уште во ноември најави дека веројатно претстои руска инвазија на Украина, главната перјаница на десните популисти, водителот на Фокс њуз, Такер Карлсон, потроши недели и недели бранејќи го Путин од тврдењата на неговата влада. Тој им велеше на неговите критичари да се запрашаат самите себеси: „Дали Путин некогаш ме нарече расист? Дали тој ми се закануваше дека ќе ме отпушти затоа што не се согласувам со него“. Тоа беше дел од неговата морална миопија: прво, не е важно ако тоа не ми се случува мене или на луѓето како мене; и второ, нема ништо поважно од кулурната војна. Сепак, по не знаеме какво внатрешно кршење, Такер Карлсон, овој водечки крајно десничарски крстоносец на Америка на 3 март  конечно призна дека целосно грешел кога предвидувал оти Путин нема да ја нападне Украина.

И човекот чии политики Такер Карлсон деноноќно ги промовираше, поранешниот претседател Доналд Трамп, откако во првиот ден по инвазијата изјави дека тоа бил „генијален и тактички потег“ на Путин, мораше брзо-брзо да се повлекува и инвазијата да ја нарече „холокауст“. Па потоа, по бунтот во неговата Републиканска партија, уште неколку пати да се дообјаснува дека „бруталните акции преземени од Путин во последните неколку дена можеби се злосторства против човештвото“.

Па, сепак, и покрај ова салто-мортале на западните популисти во нивните морални и политички визии, тие можеби мислат дека сѐ уште ќе имаат шанса. Доколку Русија во некоја догледна иднина ја окупира Украина тие ќе можат повторно да им се навратат на досегашните приказни за силата на илибералниот свет. И можеби полека да ги промовираат аргументите дека „авторитарноста функционира“. Но, за нивна жал а за среќа на демократијата, сега тоа изгледа како сосема напуштен политички терен. Ужасното разорување на украинските градови, беспримерните цивилни жртви, најголемиот егзодус за толку кусо време по Втората светска војна, идеите за автократија како ефикасен модел, изгледаат изгледаат не само смешно, туку и трагично.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми