1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во декември 2008 - термин за преговори со ЕУ?

Тони Гламчевски15 јануари 2008

Во првата работна верзија на ЕП, известувачот за Македонија, Ерик Мејер, препорачува Македонија да добие датум за почеток на преговорите во декември годинава и смета дека спорот со Грција треба што побрзо да се реши.

Проширување на ЕУФотографија: European Communities

Ерик Мејер, најверојатно ќе биде еден од најпознатите европараламентарци во Македонија. Тој е известувачот задолжен да ги изработува извештаите на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент во кои се следи напредокот на Република Македонија во процесот на приближување кон Европската унија.

Мејер бара датум за преговори

Во неговиот втор извештај, кој се уште е во изработка, Мејер смета дека „во декември 2008 година Македонија треба да добие датум за почеток на преговори за членство со ЕУ, повикувајќи ја Европската комисија да изработи „маршута“ која ќе ја води Македонија до преговори.“

Според Мејер, главната дилема сега е дали Македонија ќе ја задржи предноста во однос на другите земји од Западен Балкан со добиениот кандидатски статус, бидејќи сите тие добија некакви ветувања од Брисел.

Пофалба за мултиетничкиот карактер на Македонија

Европратеникот од редовите на европската обединета левица ја пофалува Македонија дека, „место да установи словенска доминација, се повеќе му придава значење на мултиетничкиот карактер на државата и дека донесува законска регулатива што овозможува да функционира таквата различност.“

Мејер ги повикува сите политички групи и етнички заедници да демонстрираат дека во Македонија сега нема конфликти кои се доживуваат негативно во земјата и надвор и кои излегуваат од рамката на нормалните политички разлики, вклучувајќи го тука бојкотирањето на институциите.


Мејер се осврнува и на инцидентот во Бродец, повикувајќи ги македонските власти да спроведат истрага околу реагирањата на Амнести интернешенел. Тој, исто така, бара поголема независност на МРТВ и помалку опструкции на власта во работењето на другите медиуми. Во однос на загадувањето на животната средина, Мејер бара да се подобри генералниот пристап на државата, но и да се заштити од загадување реката Вардар и прашањето за водите да се отвори на маса со Грција и со Албанија.

Повик да се најде решени за спорот околу името

Значаен дел од работната верзија на извештајот за кој ќе расправа набрзо комисијата за надворешни работи на Европарламентот, е посветен на односите меѓу Македонија и Грција. Мејер пред се’ тврди дека Грција може на земјата да и даде значителна поддршка во процесот на европската интеграција и ги повикува двете страни да најдат „конечно решение што е можно побрзо со помош на посередништвото на ОН и под водство на Метју Нимиц“.

„Грција, наспроти првите години кога нејзиниот сосед стана независна држава, е подготвена да прифати сложено име за државата кое ќе го содржи зборот Македонија, а кое ќе обезбеди дистинкција меѓу оваа држава и делот од Северна Грција кој, исто така, се вика Македонија“, стои во извештајот на Мејер. Тој ги повикува властите и организациите во Македонија да престанат да ги користат симболите кои Грција ги гледа како дел од својата историја, особено имињата Александар Македонски и Филип Втори, и да ги тргне нивните статуи во Скопје, Битола и во Прилеп. Мејер, исто така, бара пред да се реши проблемот со името, двете страни да сторат се што можат спорот да не биде пречка за патувањето на граѓаните, за превозот на стоките и за преминување на возилата од едната на другата страна од границата, бидејќи на документите не е посакуваното име на државата.

Известувачот исто така изразува надеж дека „проблемот со името нема да игра улога во одлуката за односите со НАТО“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми