1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Донбас нема мир

Јури Шеико/ Ж.А.20 август 2015

Борбите во источна Украина повторно се разгоруваат. Но, и покрај ескалацијата, експертите се единствени: засега ништо не навестува дека Москва подготвува опсежна офанзива. Русија има други цели.

Фотографија: picture-alliance/dpa/Ria Novosti/I. Maslov

Борбите меѓу проруските сеператисти и украинската војска во источна Укриана во последниве денови се засилија. ОБСЕ постојано јавува за нови прекршувања на примирјето. Поради ескалацијата на борбите во Донбас, се шират шпекулации за можноста од претстојна голема офанзива врз украинските позиции. Александар Турчинов од Националниот совет за безбедност и одбрана на Украина зборува во меѓувреме за „активни воени дејства“. Според него, информациите за силите на проруските сепаратисти и руските трупи сведочат за „подготовки за воен напад“.

Тест за украинската армија

Воените експерти кои ги консултираше Дојче веле напротив, не гледаат никаква причина да се зборува за подготовки за офанзива. „Од воен аспект, овие помали напади и пукања се провакција или подобро кажано, само тест колку брзо може да реагираат украинските трупи на различни делови на фронтот“, вели Густав Гресел од Европскиот совет за надворешни односи.

Од борбите кај МариуполФотографија: picture-alliance/dpa/S. Vaganov

Но тој предупредува: руските трупи долж границата со Украина во секој момент се спремни на обемна воена офанзива.

„Во регионот околу Ростов на Дон има околу 40.000 војници, кои по потреба можат да вмаршираат во Донбас или да поддржат офанзива на сепаратистите“, потенцира Гресел. Но, моментно не постои никаков јасен план, каде, во колкав обем и под кои околности би можела да биде изведена нова офанзива.

Дмитриј Тимчук, раководител на Центарот за воени и политички истражувања, се согласува со Гресел. Настаните на фронтот во оваа и минатата година, според него, покажуваат дека јадрото на широка офанзива секогаш го сочинуваат вооружените руски трупи. „Така беше последната година во Иловајск и Дебалцеве“, забележува Тимчук. Во таа прилика проруските сепаратисти и руските војници ги опколија украинските војници и доброволните борци во малиот град Иловајск, при што во август2014 година 200 од нив загинаа. Во Дебалцеве дојде до броби, и покрај Минскиот договор, во кои украинската армија беше принудена да се повлече од градот. Оттогаш тој е под контрола на сепаратистите.

Нема „масовен влез“ на руски трупи

„При вакви офанзиви руските трупи влегуваат во Украина, ја извршуваат воената акција и директно потоа се повлекуваат на руска територија“, објаснува Тимчук. Но, моментно не станува збор за „масовен влез“ на руски трупи во Украина.

Густав Гресел укажува на тоа дека Русија ги нема постигнато своите цели во Украина: „Владата во Киев не се смени, економски гледано, земјата се‘уште функционира, а западната поддршка продолжува“. Според Гресел, не само што проруските групи речиси немаат поддршка кај украинското население, туку и Москва го губи влијанието кај народот во областите контролирани од сепаратистите.

„За Русија е многу тешко да реализира широка офанзива со цел победа во Украина. Во моментов за тоа не постојат доволно претпоставки,“ смета експертот.

Освен тоа, Москва не би можела да го стави на мраз конфликтот во Донбас, зашто т.н. Доњецка и Луганска Народна Република не би можеле самите да ја одржат својата самостојна егзистенција. Притоа, економската ситуација во Русија е далеку од добра. Затоа, верува Гресел, Кремљ сака да го сврти вниманието на народот врз „големата војна против фашистите“, во каков што контекст руската државна телевизија најчесто известува за украинската криза. Но, истовремено тоа води до пролонгирање на санкциите на Западот. На таков начин во Брисел се зацврстува и прашањето за поддршка на Украина со оружје или обука на војници.

Грузиско сценарио

Гресел е на мислење дека Кремљ се обидува да креира грузиско сценарио. Во кавкаската војна, Русија значително придонесе за ескалација на конфликтот во Грузија. „Со постојани провокации и борби Москва се обидува да ја изведе Украина од рамнотежа и да издејствува напад“, предупредува експертот кој претпоставува оти на таков начин би можела да се разниша подготвеноста на Западот да го поддржи Киев. „За Украина актуелно не гледам друга можност освен да се истрпат провокациите, колку и да е тоа болно“, советува Гресел.

„Последното разгорување на борбите ја покажува неодрживоста на примирјето од вториот Мински договор“, дополнува Николас Редман од британскиот Меѓународен институт за стратешки студии. Зашто, најновото насилство јасно покажува: иако воените експерти не очекуваат крупна офанзива, нема ни трага од прекин на огнот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми