1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во игра три варијанти за транзициска влада?

Катерина Блажевска4 јуни 2015

Модалитетите за состав на т.н. транзициска влада нема да се третираат како издвоена тема, туку во договорен пакет со мерки кои гарантираат услови за фер избори и реформи во судството и во медиумите, тврдат упатени извори

Фотографија: picture-alliance/dpa

Сите македонски патишта следната недела ќе водат кон Брисел и сите надежи ќе бидат насочени кон престолнината на ЕУ, каде ќе се одржи клучната рунда разговори што треба да го одреди профилот, составот и мандатот на владата во транзицискиот период од десет месеци. Каква ќе биде таа?

Неофицијално, според извори упатени во разговорите, засега се вртат три варијанти за составот на владиниот кабинет кој треба да ја стабилизира европската иднина на Македонија до предвремените избори во април 2016 година. Првата е - создавање широка коалициска влада (пресликан „парламент во мало“), во која свои претставници би имале главните парламентарни партии, а Груевски би останал на чело на таа коалициска влада, но само номинално. Реално, би бил „развластен“, без можност сам да потпишува одлуки и „врзан“ со четирипартитен потпис. За „возврат“, на опозицијата најверојатно би и‘ било доверено раководењето со ресори и реформи поврзани со изборниот процес и со обврските што произлегуваат од поглавјата 23 и 24 (правосудство, медиуми), плус МВР или ресорот финансии.

Според втората, во игра е повторно коалициска влада исто како во претходната верзија, но реформатирана, во скратен состав, речиси преполовена, сведена на ресорите кои во транзицискиот период би имале најголеми обврски за создавање услови за фер избори и за реформи во судството и медиумската сфера. Неофицијално, останувањето на Груевски на нејзино чело, би можело да биде условено со „одреден договор“, кој би го намалил неговото индивидуално влијание врз институциите. Изворите не прецизираат што би предвидувал тој договор, но навестуваат дека во „слични ситуации“, најчесто се разговарало за симнување/откажување од политичкиот имунитет.

Третата варијанта-договор за формирање експертска влада без претставници на власта и опозицијата не е исклучена, но е најнеизвесна, со оглед дека таа би немала „природна“ база во парламентот, па една од можните варијанти би била комбинирана политичко-експертска влада, која исто така не го исклучува номиналното учество на Груевски во неа.

Но, модалитетите за состав на т.н. транзициска влада, нема да се третираат како издвоена тема, туку би биле врзани во договорен пакет со мерки и активности, кои гарантираат услови за фер избори и реформи во судството и во медиумската сфера.

Црвени линии

Колку „тежат“ овие неофицијални информации, ќе се потврди на 10 јуни во Брисел, каде партиските лидери ќе пристигнат со добра волја за разговори, но и со нивните „црвени линии“.

Лидерот на СДСМ, на вчерашната средба со амбасадорот на Полска во Македонија, Јацек Мултановски, уште еднаш потврди дека ставот на опозицијата е познат: „Прифатлив е секој формат и состав на Влада во која нема да бидат Груевски и креаторите на кризата во Македонија. Доколку тоа не се постигне, СДСМ ќе одбие отпочнување преговори и ќе продолжи со утврденото вонинституционално дејствување“, изјави Заев, потенцирајќи дека рамката за преговори утврдена на средбата со комесарот Хан е добра стартна основа, која ја прецизира и обврската за Влада што треба да ги организира следните избори.

И премиерот Груевски постигнатиот договор го оцени како позитивен импулс за политичката состојба.
„Мислам дека е потребна максимална конструктивност без шпекулации, без ширења на лажни изјави. Да се продолжи и да се постигне она што е важно за државата и она што и‘ е потребно на државата - стабилност и сигурност“, изјави Груевски. Тој изрази жалење што неговата Влада нема да го истера мандатот до крај.
„Хендикеп е во овој период што граѓаните не можат да видат како изгледа еден целосно завршен мандат на ВМРО-ДПМНЕ со сите завршени проекти и жалам што во овој период не успеавме и не ни беше овозможено во целост да го завршиме мандатот и да ги покажеме нашите перформанси и учинок пред граѓаните после четири години мандат“, изјави Груевски.

Тотален бојкот?

Дел од политичките аналитичари, сепак, не ја исклучуваат можноста на состанокот во Брисел да биде прифатено барањето за преодна влада без Груевски, бидејќи сметаат дека со завчерашниот договор за нови избори власта признала дека нема легитимитет да ја води земјата. Извори од ВМРО-ДПМНЕ, пак, го тврдат спротивното - дека тоа не е признание на отсуство на легитимитет, туку нивен придонес за излез од кризата предизвикана од опозицијата.

Засега единствено нешто што е извесно, е дека неуспехот на разговорите во Брисел уште повеќе ќе ја продлабочи кризата, а извори од опозицијата не исклучуваат дека во таков случај е можно „напуштање на сите позиции“, што би значело премин кон политика на тотален бојкот.

Општа оценка-договорот постигнат со посредство на еврокомесарот Хан е напредокФотографија: MIA

Но, на интензивирањето на кризата не мора да влијае само евентуален неуспех во Брисел, туку и сегашното невклучување во разговорите и на други опозициски субјекти на Албанците. Движењето за реформи во ДПА, предводено од Зијадин Села, соопшти дека „значаен акт кој би придонел за поквалитетно решавање на политичката криза би било вклучување во преговори на опзициони субјекти на Албанците, бидејќи двата маргинализирани ликови во овие разговори Ахмети и Тачи се компромитирани, без етички и политички кредибилитет, а по кумановските настани секако и без политички легитимитет“. Од Движењето соопштуваат дека „првиот обид за отворање на пат за решавање на политичката криза би бил оставка на целата Влада, а подоцна да се дискутира за привремениот владин состав кој ќе има капацитет и кредибилност да ги востанови злоупотребите на државните институции, реформатирање на централната изборна комисија, организирање фер и демократски избори, прочистување на изборните списоци, попис на населението, независно судство и праведно информирање на јавниот сервис“.

Навестувања дека преговарачкото друштво може да се прошири, засега - нема.

На крстопат

Во меѓународната заедница постои оптимизам дека може да се направи исчекор. Американската амбасада во Скопје вчера го поздрави договорот постигнат со посредство на еврокомесарот Хан.

„Сите учесници во преговорите се согласија дека овие реформи, кои ќе бидат воспоставени со посредување и помош на ЕУ и на САД, ќе создадат подобра политичка клима во Македонија. Тој пат нема да биде лесен. Следува многу напорна работа, која ќе бара постојана соработка на сите македонски лидери во интерес на земјата“, се вели во соопштението од амбасадата на САД.

Но, тој пат допрва треба да се изоди.

„Ние сме на крстопат, а граѓаните на Република Македонија и меѓународните посредници ќе треба да одлучат за европските вредности и стандарди од една страна или за држава во која не важат ниту една од европските вредности и стандарди од друга страна“, вели поранешниот министер Сулејман Рушити. Но, тој потенцира дека секое барање на компромис ги доведува во прашање европските вредности.

„На т.н. лидерска средба уште еднаш се потврди дека евокомесарот и амбасадорите посредуваат помеѓу лидерот на СДСМ, кој ги претставува барањата и на поголемиот број граѓански движења од сите етнички заедници и маргиниларизирани групи со конкретни барања, кои всушност стојат и во сите препораки на Европската комисија, наспроти тројката Тачи, Ахмети и Груевски кои имаат само една цел: одржување на нивните позиции. Сметам дека нема многу простор за преговори и компромис. Секое барање за компромис од страна на еврокомесарот, односно од страна на меѓународната заедница, ги доведува во прашање самите европски вредности. Секое барање за отстапка кон Заев, значи отстапка од самите европски стандарди кои со години ги насочуват кон нас. Лично не верувам дека некој европски или американски дипломат ќе побара од граѓаните на Македонија да толерираат влада и инкриминирани институции кои што не би ги толерирале во нивните земји“, вели Рушити.

Тој предупредува дека секој компромис во име на некаква стабилност ќе ја турка земјата, но и регионот во уште поголема нестабилност, дека компромисот ќе охрабри и други криминалци во регионот да се занимаваат со политика, а ќе ги обесхрабри сите граѓани кои сакаат правни и функционални демократски држави.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми