Во седумте недели по неговата изборна победа премиерот Бенјамин Нетанјаху не успеа да состави владина коалиција. Поради тоа Кнесетот се самораспушти и ќе следуваат нови избори, кои му одговараат на Нетанјаху.
Реклама
Пратениците во израелскиот парламент, гласаа доцна синоќа за самораспуштање на Кнесетот, откако премиерот Бенјамин Нетанјаху не успеа да формира владеачка коалиција. По 7 недели од одржаните претходни избори е отворен пат во Израел повторно да се гласа.
Никогаш досега во земјата не се случило да се одржат избори двапати во една година. За распуштањето на Кнесетот и нови избори гласаа 74 пратеници, а 45 беа против.
По изборите на 9 април изгледаше дека на Нетанјаху ќе му оди лесно да формира нова влада и повторно да биде премиер по петти пат.
Меѓутоа, несогласувањата меѓу неговите потенцијални партнери- ултраортодоксните партии и секуларните ултранационалисти- како и предлог законот Нетанјаху да се изземе од судско гонење поради обвинувањата за корупција, ја направија таа задача невозможна.
Наместо формирањето на владата да се препушти на некои од ривалите на Нетанјаху, неговиот конзервативен Ликуд одлучи да поднесе предлог закон за распуштање на парламентот.
Точно еден месец откако пратениците положија заклетва мнозинството гласаше да се распуштат и да иницираат повторни избори без преседан на 17 септември, наведуваат израелските медиуми.
За првпат во историјата на Израел еден кандидат за премиер не успеал да формира коалиција откако задачата му ја доверил израелскиот претседал по изборите.
Нетанјаху пред гласањето за распуштање на Кнесетот пред пратеничката група на Ликуд кажа дека не му пошло од рака да постигне компромис со лидерот на десничарската секуларна партија, Авигдор Либерман, за контроверзниот закон за регрутација на ултраортодоксните Евреи и оти, исто така, безуспешно се обидувал да убеди пратеници од опозицијата да се приклучат на неговата влада.
70 години Израел
Триумф или катастрофа? Пред 70 години е основана државата Израел. По холокаустот, 14 мај 1948 година беше пресвртна точка од која тие гледаа кон нова, ветувачка иднина.
Фотографија: Imago/Seeliger
Триумф на надежта
На 14 мај 1948 година прeмиерот Давид Бен Гурион пред еврејското собрание прогласи основање на државата Израел. „Надежта никогаш не попушти“, рече Бен Гурион опишувајќи ја историјата на еврејскиот народ. „Никогаш не замолкна неговата молитва за враќање дома и за слобода.“ Сега Евреите се вратија назад во земјата на своето потекло - и располагаа со сопствена држава.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Во новиот свет
Дипломатски триумф: пред зградата на ОН во Њујорк веднаш се развеа знамето на новата држава. За Израелците тоа беше натамошен чекор во насока на безбедност и слобода - конечно имаа меѓународно призната држава.
Фотографија: Getty Images/AFP
Најтемниот час
Колкаво е значењето на основањето на државата Израел станува уште појасно ако се земе предвид холокаустот и убиството на шест милиони Евреи од страна на нацистите во текот на Втората светска војна. Фотографијата прикажува затвореници во логорот Аушвиц по неговото ослободување.
Фотографија: picture-alliance/dpa/akg-images
„Накба“- Катастрофа
Палестинците се сеќаваат на основањето на државата Израел како на „накба“- „катастрофа“. Околу 700.000 луѓе мораа да ги напуштат своите територии за да направат место за граѓаните на новата држава. Така, основањето на Израел значи и почеток на Блискоисточниот конфликт, кој не е решен ниту по 70 години.
Фотографија: picture-alliance/CPA Media
Зацврстена држава
Тензиите со арапските соседи во 1967 година ескалираа во „Шестдневна војна“, во чиј тек Израел ги победи Египет, Јордан и Сирија. Истовремено, Израел, меѓу другото, под своја контрола ги стави Источен Ерусалим и Западниот брег. Тоа значеше почеток на натамошни тензии и војни во регионот.
Фотографија: Keystone/ZUMA/IMAGO
Населби на територија на непријателот
Израелската политика на градење доселенички населби постојано го подгрева конфликтот со Палестина. Палестинските власти го обвинуваат Израел дека со постојаното градење населби онезвозможува палестинска држава. Градењето населби е осудено и од ОН, но Израел до денес си продолжува по свое.
Фотографија: picture-alliance/newscom/D. Hill
Без, омраза, камења
Зимата 1987 година Палестинците протестираа против израелската превласт на окупираните територии. Протестите почнаа во градот Газа и брзо се прочирија на Источен Ерусалим и Западниот брег. Востанието траеше со години и заврши со потпишување на договор во Осло, во 1993 година. .
Фотографија: picture-alliance/AFP/E. Baitel
Конечно мир?
Со посредство на тогашниот американски претседател Бил Клинтон, израелскиот премиер Јицак Рабин и шефот на ПЛО, Јасер Арафат, во 1993 година почнаа мировни преговори. Тие завршија со „Договор од Осло“, со кој двете страни меѓусебно официјално се признаа.
Фотографија: picture-alliance/CPA Media
Празен стол
Убиството на Јицак Рабин на 4 ноември 1995 година го торпедираше мировниот процес и ја покажа растргнатоста на Израел. Умерените и радикалите, секуларните и ултраортодоксните Евреи сѐ повеќе се оддалечуваа едни од други. Рабин беше убиен на еден собир од страна на радикален студент по право. На фотографијата е прикажан тогашниот премиер Шимон Перес покрај празниот стол на својот претходник.
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Delay
Обид да се изговори неизговорливото
Геноцидот на Евреите до денес им дава печат на германско-израелските односи. Во февруари 2000 година, тогашниот германски претседател Јоханес Рау одржа говор во Кнесетот - на германски. Јазикот на некогашните злосторници во израелското собрание - невидено голем предизвик за двете страни, пред сѐ за наследниците на жртвите. Но, тоа беше и уште еден чекор на приближување.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Израелскиот ѕид
Израелската политика на градење населби ги заостри фронтовите во конфликтот со Палестинците. Израел во 2002 година почна со изградба на 107 километри долг ѕид на Западниот брег. Тоа делумно го запре насилството, но не ги реши политичките проблеми меѓу двата народа.
Новиот германски министер за надворешни работи Хајко Мас ја продолжува решително традицијата на германско-израелско приближување. Неговото прво патување во странство го одведе во еврејската држава. Во март годинава тој во меморијалниот центар Јад Вашем положи венец во чест на жртвите на холокаустот.