Меѓу десетте лица уапсени во Италија осомничени за шверц на мигранти, се наоѓа и Фатмир Љатифи кој, според сознанија на италијанската полиција, бил вмешан и во терористичкиот напад во Куманово во 2015 година.
Реклама
Десет луѓе се уапсени во Италија поради шверц на мигранти од Балканот кон Швајцарија и шверц на оружје, злато, дијаманти и перење пари. Италијанската полиција соопшти дека успеала да разбие две групи, една со база во северна Италија и втора која оперирала од Сицилија.
Меѓу уапсените се еден македонски, еден албански и еден косовски државјани, како и седум италијански. Уште седум осомничени, повеќето од балканските држави, се во бегство.
Истрагата открила дека мигрантите плаќале по 3.000 евра за да бидат префрлени од северна Италија во Швајцарија.
Сицилијанската гранка на организацијата шверцувала мигранти од Балканот до Италија нудејќи им лажни работни дозволи.
Според командирот на полицијата во Палермо, Антонио Ди Стазио, осомничените криминалци имале „конкретни и многу опасни“ врски со сицилијанската мафија, Коза Ностра како и со косовски парамилитарни групи.
Косовско-сицилијанска врска
Меѓу уапсените е и Фатмир Љатифи за кој ДПА тврди дека им го продал оружјето на терористите кое беше користено за време на крвавата пресметка во Куманово во 2015 година. Љатифи бил вмешан и во повеќе други злогласни шверцерски зделки. Меѓудругото, се сомничи и за обид да препродаде дијаманти вредни 11 милиони евра, украдени во Швајцарија на непознати купувачи во Брисел. Но, таа зделка пропаднала, тврди италијанската полиција.
Името на Фатмир Љатифи досега не се споменуваше во македонската јавност во контекст на судирите во Куманово на 9 и 10 мај 2015 година. Во судирите загинаа осум полицајци-припадници на специјалната единица „Тигар“, а беа убиени и 14 припадници на косовската група која беше забарикадирана во повеќе куќи во населбата „Диво Насеље“, и ранети најмалку 40 лица.
До денес нема одговор кој стои зад нападот во Куманово, со какви мотиви и дали постојат и кои се нарачатели на истиот.
Италијанските медиуми кои известуваат за апсењето на мафијашката група, тврдат дека Фатмир Љатифи бил тесно поврзан со групацијата „Нова УЧК“ на Косово и мафијата во Катанија. Според сознанијата на италијанската полиција, токму Љатифи им ги продал оружјето и муницијата на припадниците на терористичката ќелија кои беа стационирани во Куманово. „Нова УЧК“ се смета за организација која негува тесни врски со џихадистички движења.
Љатифи бил приведен од италијанската полиција пред седум месеци при негово враќање од Косово, но бил следен уште од декември 2016 година. При претресот му биле одземени мобилни телефони и компјутери од кои била утврдена неговата поврзаност со бројни илегални зделки со оружје, како и вмешаноста во кумановски настани.
Доколку се докаже поврзаноста на Љатифи со кумановските настани, тоа ќе отвори нова трага во потрагата по вистината за крвавите судири во 2015 година. Дојче веле не успеа да добие информација дали македонската полиција била на трагата на Љатифи и дали има сознанија за неговата вмешаност во кумановските настани.
Тажно сеќавање на Диво насеље
Смртоносните борби во Куманово ја доведоа политичката криза во Македонија до точка на вриење. Опасноста- судирите во Куманово да испровоцираат меѓуетнички конфликт беше надмината благодарение на смиреноста на граѓаните
Фотографија: Reuters/M. Djurica
Како по војна
Ден по крвавите судири во кумановската населба Диво насеље, жителите најдоа разурнати домови. Многу објекти беа оштетени, а првично, речиси илјада граѓани беа привремено евакуирани. Животот денес, две години по крвавите настани, е вратен во нормала.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Крвав биланс
Осум полицајци- припадници на специјалната единица „Тигар“ и 14 осомничени терористи ги загубија животите во крвавата дводневна битка. Десетици беа приведени од полицијата. Владата објави дводневна жалост.
Судирите започнаа во саботата наутро на 9 мај, откако полицијата наводно се обидела да изврши рација во населбата. Врз полицајците бил отворен оган од автоматско оружје и од ракетни фрлачи. Полицијата тврдеше дека напаѓачите имале свои поддржувачи во градот.
Фотографија: picture-alliance/epa/V. Xhemaj
Меѓуетнички превирања
Иако во судирите многумина препознаа обид да се разгорат етничките страсти и да се предизвика конфликт меѓу двете најголеми заедници во земјата, граѓаните се спротивставија на ваквото сценарио. Сведоци на тоа време останаа изјавите на бројни кумановски граѓани кои прегрнати говореа во прилог на соживотот.
Фотографија: picture alliance/PIXSELL
Политичка криза
Судирите се случија неполни четири месеци откако лидерот на опозицијата Зоран Заев започна со објавување на ткн. бомби- снимки од прислушкувани разговори чиј автор, наводно, била тајната полиција.
Фотографија: picture alliance/epa/N. Batev
Што се криеше зад насилството?
На ова прашање нема прецизен одговор до денес. Опозицијата обвинуваше дека нападот бил обид да се дефокусира вниманието на јавноста од „бомбите“ и од масовните протести во Скопје. Владата ги обвини „терористите“ од соседно Косово дека сакаат да ја дестабилизираат земјата. Меѓународните претставници во повеќе наврати бараа од владата независна истрага- барање што беше постојано одбивано.
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski
Оставките на Мијалков и Јанкулоска
Само два дена по крвавата пресметка тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и директорот на УБК, Сашо Мијалков поднесоа оставки на функциите. Со нив замина и министерот за транспорт Миле Јанакиески. Сите тројца важеа за дел од најблискиот круг соработници на тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Шпекулациите за причините за нивните оставки кружат до денес.
Фотографија: DW/P. Stojanov
Седум доживотни казни затвор
Во ноември 2017 година вкупно 33 лица обвинети за крвавите настани во Куманово во мај 2015 година добија затворски казни во времетраење од 12 години до доживотно, а четворица се ослободени од обвинението. Седуммина обвинети во случајот Дива населба се осудени на доживотна затворска казна. Скопскиот Кривичен суд на уште 13 обвинети им пресуди вкупно 40 години затвор.