1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во каква НАТО Алијанса влегува Македонија?!

6 декември 2019

Ако нешто позитивно може да се извлече во целата токсична роденденска забава, гледајќи на Алијансата од нашиот мал и несреден двор, беше токму влезот со една нога на Македонија во најголемиот воен сојуз во светот.

Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Комплициран беше последниот самит на НАТО, една чудна Алијанса, помалку шизофренична го прослави својот 70-ти роденден со шефовите на државите и владите на 29 и пол членки (наскоро 30, кога Шпанија ќе најде време да го ратификува влезот на Македонија).

Ако нешто може да се извлече како позитивно, во целата токсична и полна со поделби роденденска забава, гледајќи на Алијансата од нашиот мал и несреден двор, беше токму влезот со една нога на Македонија во најголемиот сојуз за колективна безбедност на светот.

Македонската делегација и нашиот премиер Заев пројдоа низ бурата како топол нож низ путер, недопрени и незагрижени за реалните проблеми во друштвото, свесни дека за нас, доволно е да бидеме дел и од една макар и поделена НАТО Алијанса.

Сега кога речиси сме внатре, онаму каде барем на хартија сите се еднакви, редно е да посветиме еднаква и објективна грижа за иднината и судбината на Алијансата која Макрон ја опиша дека доживеала „мозочна смрт“.

Повеќе на темата:

-НАТО одамна е во кома

-НАТО „преживеа“ и покрај навредите и обвинувањата

-Роденденот на НАТО во знак на тензии

На дијалектичкиот претеризам на модерниот Ришеље, кој барем се надеваше дека ќе предизвика некакво горко будење меѓу сојузниците, Британскиот лорд Џонсон му возврати со цитат од Дима и Тројцата мускетари: „Се додека сме обединети - сме непобедливи. Еден за сите - сите за еден!"

Но, останува прашањето, до кога Алијансата ќе биде обединета? И до кога финалните декларации шеќерно ќе ја засладуваат горката реалност низ која НАТО поминува, буткајќи ги под тепих сериозните недоразбирања помеѓу сојузниците.

Дури и еден Трамп кој претседателството го започна со став дека НАТО е надминато и САД би можеле да излезат од сојузот, денес ги смирува страстите нарекувајќи ги коментарите на францускиот претседател како навредливи и „гадни“. Трамп денес се задоволува со сметководителската функција и замерките кон Европјаните да си го платат својот дел од безбедноста која пред се Америка ја обезбедува и гарантира. Значи ли тоа дека трубите можат уште погласно да свират, а знамињата по Алеите гордо да се виорат?! Ако е така, тогаш Макрон може да си ги гризе усните што трапаво се истрча, нешто што го направи и на европски план со одбивањето да даде датум за преговори.

Фотографија: picture-alliance/ZUMAPRESS/S. Craighead

Но, ако не е така, тогаш сојузниците треба да подразмислат дека на 70 години од тој април 1949-та, тогаш сеуште обележани од лузните на Втората Светска војна, НАТО по прв пат се соочува со својата криза на идентитет, втурната во глобалниот неред кој не ги поштедува трансатлантските односи и која го доведува во прашање самото значење на поимот и концептот - Запад. Несогласувањата помеѓу САД и европските сојузниците, помеѓу самите европски сојузници, помеѓу Западниот и Источниот дел, помеѓу Франција и Турција, или Берлин и Париз, само растат во последните три години на серија важни прашања: од заштита на животната средина до царините и трговските правила, од Блискиот Исток до Иран, од Брегзит до мултилатерализмот.

Претседателството на Трамп ја наметна идеологијата на „Америка пред се“, матрица која не е баш компатибилна со големите сојузи и колективната одбрана. Европа од друга страна, сеуште е заглавена во економската криза од 2008-2009 година и со последиците од неконтролираната глобализација која во развиените земји предизвика крах на средната класа, а со тоа и политичка нестабилност поттикната од популизмите и суверенизмите, кои отворија нова фаза на политичка транзиција, и која не знаеме како ќе заврши. Во исто време, Европа и покрај НАТО, во овој нов свет се чувствува небезбедна. Стравот е дека ќе биде приклештена во трговската и технолошка војна помеѓу САД и Кина, додека ги приметува сличните намери на Путин и Трамп да градат односи со секоја земја засебно и да работат на поделба на ЕУ. Оттука произлегува и потребата или анксиозноста за една Европска одбрана, која иако нереалистична во моментов, сепак се наметнува како тема, макар и како посебен столб во рамките на НАТО.

Поточно кажано, пред поделбите наметнати од Трамп, притисокот од Кина и Русија, саможивоста на Турција, веќе длабоко поделената Европа реагира уплашено и конфузно.

Од воен аспект НАТО не фукнционира лошо и донесе некои важни одлуки. Пример, веќе се зголеми за 130 милијарди долари вкупниот износ за одбрана на европските сојузници и Канада и се очекува трошоците да се зголемат до 400 милијарди долари во 2024 година. 9 држави веќе ја постигнаа целта да оделуваат 2% од БДП на одбрана. Ќе се зајакне соработката околу контролата на северот од Атлантикот, и се избегна најавената турска блокада за засилување на сојузничкото присуство и плановите за одбрана на балтичките земји и Полска. Но, играњето „каса прими“ од страна на Трамп, не ги решава проблемите.

Други колумни од Ивор Мицковски:

-Земјотресот кој ризикува да нѐ помири

-Треба ли да очекуваме нов Тјенанмен во Хонгконг?!

-Малошенгенска унија, мало сутра!

Проблемите настануваат кога сојузниците се обидуваат да дојдат до заедничка стратешка позиција. Тука се раѓа недовербата.

Пример, во финалната декларација стои: „Руските агресивни акции претставуваат закана за евро-атлантската безбедност; тероризмот во сите негови форми и манифестации останува постојана закана за нас“. Но тоа не кажува која е стратегијата кон Русија. Што да се прави со Русија имајќи ја во предвид деликатната и стратешка важност на Украина? Што да се прави со новиот гасовод Северен тек 2 (штотуку ратификуван од Данска) кој би ја трансформирал Германија во единствена точка на влез и дистрибуција на руски гас во Европа, прескокнувајќи ја Украина и ставајќи ги во неповолна позиција земјите како Италија? Макрон не смета дека Русија треба да се третира како непријател. На земјите од Централна и Источна Европа пак, не им одговараат ваквите ставови затоа што ја доживуваат Москва како закана. Во исто време Макрон воспостави една нова иницијатива „Нормандиски формат“, за изнаоѓање решение на војната во Украина помеѓу него, Меркел, Путин и новиот украински претседател Зеленски. 

Или пак, што да се прави со бунтовничката Турција? На самитот Трамп го фалеше Ердоган додека Макрон и турскиот лидер си испраќаа меѓусебни напади. Франција не гледа можен компромис со Анкара околу нивното барање курдската милиција ИПГ да биде прогласена за терористичка организација. Но, околу Турција и нејзините воени акции во Сирија гравитира и едно од клучните прашања за иднината на Алијансата. Утре, теоретски Турција би можела да објави дека воено е нападната од Сирија, и тука влегува во игра кризата околу членот 5 од Атлантскиот пакт кој никој не сака да ја признае. Во своето фамозно интервју за Економист каде Макрон ја прогласи мозочната смрт на НАТО, тој изрази и сомнеж околу валидноста на членот 5 во случајот на унилатерални одлуки и акции како оние на САД и Турција во Сирија. Факт е дека САД и Турција не консултирале никого, и иако никој на глас не признава, многу држави и дипломати приватно сметаат дека Макрон има валидна поента во своите сомнежи. Значи, доведен е во прашање „мускетарскиот“ член 5 според кој доколку една членка е нападната, сите членки влегуваат во нејзина одбрана.

Фотографија: picture-alliance/AP Photo/F. Seco

Да се разбереме, во 1939-та не постоеше НАТО, па сепак, западните демократии одлучија да „умрат за Гднаск“. Прашањето денес е дали Америка е подготвена да умре за Талин, Вилнус, Рига, за Варшава, или утре за Скопје, така предизвикувајќи општа војна со Русија? Дали денеска, западните општества, јавноста во Париз и Берлин и нивните влади, се подготвени да „умрат за Гднаск“?

Не случајно е што најголемиот и најважниот европски сојузник на Вашингтон, Полска со години политички и економски инвестираше да ги вовлече американските трупи на своја територија. Во случај на конфликт Америка би морала да ги брани своите дечки, кои токму со своето присуство создаваат ефект на застрашување „deterrence“ кон Москва. Никој нема да признае, но токму полското инсистирање и нивниот мудар резон се доказ дека денес клучниот член 5 од Атлантнскиот пакт не го ужива истиот кредибилитет како и порано. 

По прв пат во еден финален документ се спомена и Кина и јазолот 5Г, односно улогата на Хуавеи во изградбата на новата технологија, особено кај земјите членки на НАТО. За Вашингтон тоа е опасност по безбедноста, нешто што не важи за Берлин, Лисабон или Париз. Извори од нашата Влада веќе побрзаа да потврдат дека прашањето ќе се разгледа и во Македонија, како нешто што не може да се одмолчи или игнорира во иднина. Кина и нејзините политики ќе се третираат како предизвици и можности кои НАТО треба заеднички да ги адресираат. Но повторно, нема никаква конкретна стратегија.

Останува фактот дека покрај военото и бирократско функционирање на Алијансата, овој пат не се отиде подалеку. НАТО не изрази нова и јасна заедничка политичка и стратешка линија за ниту еден од поголемите проблеми. Ваквата состојба не е одржлива на долги патеки.

Тоа што е најургентно од двете страни на Атлантикот е овие недостатоци во иднина свесно да да се прифатат и адресираат. Европската одбрана е ургентно прашање и факт е дека Франција не може да го замени амриканскиот нуклеарен чадор. Но, европски безбедносен столб во рамките на НАТО, кој може и независно да дејствува е добра насока во која треба да се размислува. Во исто време САД мора да ја признае стратешката важност и тежина која ја добива токму благодарение на Европа, и која мора да се одржи доколку Америка планира да остане светска сила. Одлуката да се воздржува или лимитира Кина е добра, но тоа не може да се спроведува преку диктат, туку мора да е прифатливо за целата Алијанса. Истото важи и за унилатералните потези на НАТО членките, како оние на САД и Турција во Сирија. Факт е дека поделената Европа мора да преземе поголема одговорност, но опасноста за малите земји како Македонија лежи токму во поделбите. Македонија не треба да биде или да се стави во позиција, со цел да и удоволи на Америка, да ги влошува односите со одредени европски сили, пред се мислам на Франција, кои ни се клучни во понатамошните европски интеграции. 

Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Dunham

Проблемот во односите со Америка останува фактот што Вашингтон претендира поголема одговорност, но со неа бара и беспрекорна послушност. Америка сака верни извршители на нејзината политика, кои притоа не би имале премногу што да бараат за возврат од Америка. Таа позиција за малите земји како Македонија може да биде проблематична, доколку не е во линија со останатите европски партнери. Свесни за важноста и силата на нашиот стратешки партнер, ќе биде проблем ако потфрлиме и на втората голема француска провокација.

Членството во НАТО со себе ги носи и тие предизвици. Утре кога ќе имаме право да се сметаме еднакви со останатите, ќе видиме дека таа чест ќе понесе и големи одговорности. Денеска славењето е оправдано, но утре поважно ќе биде како ќе се носиме со тој предизвик.

Самитот полн тензии и токсичност заврши. НАТО во овие 70 години безброј пати бил отпишуван како мртов и неговиот крај многупати бил навестуван. Реалноста е далеку од таква. Но, останува фактот дека како никогаш порано, земјите основачи на Алијансата повеќе од солидарните мускетари на Дима, денес се „еден против друг наоружани“. Трамп против Макрон, Макрон против Ердоган, Трамп против Трудо. Нема финална декларација, заблажување на реалноста, ставање на нештата под тепих, кое таквата состојба во Алијансата може да ја сокрие. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми