1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Македонија недостасуваат лекари специјалисти

Антоанела Димитриевска18 април 2012

Македонските специјалисти се повеќе аплицираат за работа во странство. Надлежните под итно треба да преземат постојана и долгорочна кадровска политика и ги привлечат да останат дома.

Фотографија: dpa

Состојбата со лекари специјалисти во Македонија генерално се вклопува во светската состојба што значи недостаток на лекари, а посебно на лекари специјалисти. Државите треба да вложуваат многу средства на подолг период за да создадат квалитетен лекарски кадар, потенцира за Дојче Веле д-р Стоје Стојмановски потпретседател на Лекарската Комора на Македонија. Тој оценува дека моќните земји ја диктираат миграцијата на лекарскиот кадар во светски рамки. Со тоа економски сиромашните земји стануваат уште посиромашни, затоа што лекарите им бегаат во економски помоќните, со можност за подобра кариера и плата.

Се бара работа во странство

Во Македонија има недостаток на околу 500 лекари специјалисти во различни области, посебно паталози и анастезиолози. Но и покрај тоа тие се решаваат за работа во странство. Моментално актуелни се Германија, Словенија, а помалку Хрватска. Специјалистите мора да се обратат до Лекарската Комора на Македонија за добивање лиценца со која се потврдува нивната дозвола за работа. Во 2010, 2011 и годинава вакви документи подигнале околу 240 македонски лекари.

Фотографија: DPA

„Со оглед на тоа што се работи за Македонија којашто е со два милиони жители, тоа претставува значителен процент. Тоа претставува голем економски издаток за државата. Република Македонија ги создала, вложила во образованието на тие над 200 лекарии, а тие сега заминуваат како готови специјалисти. Многу е поевтино за економски моќна земја да купи готови специјалисти, отколку да ги создава пред се’ не само финансиски, туку и временски‘‘.

Недостиг на специјалисти поради немање кадровска политика

Секоја држава треба да води постојана и долгорочна кадровска политика во здравството, затоа што преку ноќ не се произведува врвен специјалистички кадар, потенцира д-р Стојмановски.

„Мислам дека за жал во изминатите 20 години ние сме имале лоша кадровска проценка, односно никаква кадровска политика и поради тоа ни недостасува специјалистички кадар. И втор фактор кој е многу битен, сега имаме статичност на лекарите, од каде се таму да работат. Ние во наредниот период мора да размислуваме и за мобилност на лекарскиот кадар на територијата на цела Република Македонија‘‘.

Работа за лекари во странство се бара преку интернет-огласи. Младите лекари- специјалисти велат дека работа добиваат речиси сите што се повикани на разговор. Битен услов за работна виза е сертификат за познавање на јазикот. Германија е мошне привлечна, затоа многу македонски лекари интензивно учат германски јазик. Еден од нив кој од оправдани причини сака да остане анонимен, ни изјави:

Фотографија: PA/dpa

„Можеби во помал дел и финансиски аспект. Но сепак мислам дека причината е надградувањето, односно неможноста тука да ги изразиме своите способности и квалитети‘‘.

Конечно добра вест од Министерството за здравство, а која деновиве мошне бомбастично беше најавувана во македонските медиумите, е за вработување во јавното здравство на 200 лекари од кои предност ќе имаат специјалистите и специјализантите во последните години на студирање. По долги години пауза оттаму најава и дека во наредните пет години ќе одобрат 600 специјализации на државен трошок.

Крајно време е велат добрите познавачи на македонското здравство. Црвеното светло е одамна запалено и ако под итно со подршка на државата не се направи вистинскиот хирушки рез, македонското специјалистичко здраство ќе умре. А со единствена цел, Македонија и по десетина години да има свои лекари специјалисти кои врвно ќе ги лечат своите пациенти.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми