1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Случај Ѓоковиќ: Фарса без победник

СН/ печат
11 јануари 2022

Нема медиум во светот, па така и во Германија, кој не ја следи драмата околу Новак Ѓоковиќ - и тоа не само случувањата во Австралија. Притоа, сите се согласни дека рамките на спортот се надминати.

Новак Ѓоковиќ со тренерскиот тим на теренот во арената во Мелбурн, по судската одлука  во негова полза
Новак Ѓоковиќ со тренерскиот тим на теренот во арената во Мелбурн, по судската одлука во негова ползаФотографија: Social Media Screenshot/Avalon/Photoshot/picture alliance

Германскиот спортски портал Ран говори за важна победа на најдобриот светски тенисер во судот во Мелбурн, но пресудата ја оценува како експлозивна. Со неа, според порталот, најдобриот тенисер во светот стана симбол на расколот во општеството, кој и пандемијата на коронавирусот го разоткри во речиси секоја земја во светот. 

„Сакал или не, Ѓоковиќ стана лидер на кампањата против вакцинација. Кога станува збор за тоа дали на Србинот ќе му биде дозволен влез во Австралија или не, тоа е спортско прашање само на прв поглед. Имено, станува збор за кредибилитетот и еднаквите можности. Пресудата е тежок удар за австралиската влада, која веднаш најави дека ќе ги преиспита натамошните чекори, односно остави можност за укинување на визата. Таа мора да го стори тоа ако не сака да ризикува да ја загуби контролата врз сопствената Ковид-политика. Милиони Австралијци беа затворени во различни карантини со месеци, границите беа затворени и јавниот живот во повеќе наврати запираше целосно. За овие луѓе, спектаклот околу тенискиот милионер, кој трае една недела, мора да изгледа како чист потсмев“, коментира порталот Ран.

Фотографија: Oscar Gonzalez//NurPhoto/imago images

Ѓоковиќ ја прокоцка титулата „најдобар на сите времиња“

Регионалниот весник Франкенпост забележува: „Австралиските власти деновиве оддаваат впечаток дека ситуацијата им излегува од контрола - вклучително и храброста и упорноста што невакцинираниот Ѓоковиќ ја покажа во намерата да учествува на Австралија Опен. Тоа ја претвора целата работа во политичко прашање: одамна веќе не станува збор за спортот.  Сега на терен се општествените конфликти околу вакцинацијата или миграцијата. Но, едно е веќе јасно - нема да има победник на натпреварот помеѓу Австралија и Ѓоковиќ“.

Повеќе:Судски трилер во Мелбурн: Ѓоковиќ повторно на тенискиот терен

И весникот Мителбајерише цајтунг е убеден: „Главниот виновник е недокажаниот Новак Ѓоковиќ. 95 од 100 најдобри тенисери во светот се вакцинирани. Негово право е тој како број 1 да не се вакцинира. Но, мора да се соочи со последиците. (...) Без разлика колку турнири освоил Новак Ѓоковиќ, тој со оваа приказна дефинитивно ја прокоцка титулата 'најголем на сите времиња'.“

Весникот Зидвест пресе, пак, смета: „Нема победник во оваа фарса. Властите потфрлија со тоа што најнапред му одобрија влез на Ѓоковиќ, а потоа не го примија на аеродром. Раководството на турнирот не успеа затоа што беше алчно и секако сакаше да го донесе бројот 1. Опкружувањето на Ѓоковиќ се покажа мизерно, ставајќи го над сѐ успехот на поединецот кој ја одбива вакцината“.

Егоманијата на една суперѕвезда

„Можно е името сега да стане програма: Отворено првенство во Австралија, еден од четирите најважни турнири во тенисот. По најновите случувања околу Новак Ѓоковиќ, би можело навистина сепак да биде - отворено. Отворено за сите и за секого“, пишува весникот Велт.

„Ѓоковиќ сака да игра тенис во Австралија - со тоа си го дозволува себеси она што на многумина други им е ускратено. Работата да биде полоша, тој ова го подигна и на политичко ниво. Од Балканот е фрлан кал преку половина земјина топка, а заробениот натрапник е споредуван со Исус: Новак, борец за слобода. Каква бесмислица! Од спортска гледна точка, разбирлив е неговиот стремеж да ја одбрани титулата. Минатата година за влакно ја пропушти најголемата работа која може да се постигне во тенисот: Грем слем, освојување на сите четири големи турнири. Оваа 2022 година на 34-годишникот би можела да му пружи последна шанса. Морално, меѓутоа, неговите постапки се егоманија. Ако настапот е толку важен, требаше да ја плати цената: две вакцини. Што и да се случи сега - укинување на визата од втор обид или трчање пред лутите навивачи на Австралија Опен - и едното и другото ги заслужи“, смета Велт.

Фотографија: WILLIAM WEST/AFP

„Аферата Ѓоковиќ најмногу му штети на тенисот“

Тоа го констатира весникот Тагесшпигел уште во насловот. „Отвореното првенство во Австралија ќе биде мрачен турнир. Доколку Ѓоковиќ игра, неговите настапи ќе ги следат свирежи и критики. Ако не игра, ќе се рече дека неучествувањето на бранителот на титулата го расипало натпреварувањето и оти на човекот му е одземена историската шанса со десеттата победа на турнирот да постави рекорд за вечност. Ако биде елиминиран пред финалето, тогаш психичкиот товар ќе биде очигледно објаснување за неуспехот. А што е со неговите конкуренти? Почнувајќи од Рафаел Надал до последниот кој успеа да се избори за главниот терен? За сите играчи приказната околу Ѓоковиќ е товар, тоа е извесно. Без оглед кој е виновен - Ѓоковиќ, австралиската влада, судовите или организаторите - губитник е тенисот, во момент кога спортот и онака мора да трпи порази од големи размери“, завршува Тагесшпигел.

Фотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

Случајот Ѓоковиќ е типичен за спортот

„Темата е премногу експлозивна за обична корона-приказна, тоа го покажува и големиот емотивен интерес за случајот Ѓоковиќ, кое го надминува спортот. Може ли најдобриот тенисер на светот да учествува на Австралија Опен невакциниран или не? Тоа прашање одамна ги преокупира политичарите и судовите. Стана тешко да се следат сите тие детали“, пишува весникот Зексише од Дрезден.

„Не знам што ќе се случи наредните денови, но Ѓоковиќ ќе учествува на Австалија Опен кој почнува наредната недела. Тоа е сигурно исто колку и тоа дека ќе се одржат Зимските олимписки игри во Пекинг - и покрај пандемијата и критичната ситуација со човековите права. Каква врска имаа овие две спортски случувања едно со друго? Тоа е спорт-бизнис ориентиран кон профит. Некој како што е Ѓоковиќ е неопходен, токму како и продажните пазари во Азија и спонзорските пари од Арапските Емирати. А тоа пак, објаснува зошто во Катар се одржува Светското првенство во фудбал, еден ден сигурно и Олимписките игри. Бизнисите од милијарда долари го одредуваат она што се случува, помалку законите. А особено не моралот“, пишува Тино Мејер во коментарот за весникот Зексише.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми