Во минско поле: Еден ден со босанските деминери
6 септември 2016Сабахудин Бараковиќ работи како деминер веќе 20 години. Денес, со своите колеги Бошњаци, Срби и Хрвати ги отстранува мините кои ги поставувал за време на војната како припадник на армијата на Република Босна и Херцеговина. „Првото минско поле кое го деминирав беше во Миричина, општина Грачаница, кое го поставив лично јас за време на војната“, вели тој. Со Сабахудин се сретнавме во туристичката дестинација Вис-Сједи на локалитетот Бабиќи, општина Грачаница. Оваа локација, секој викенд, ја посетуваат голем број граѓани. Само неколку метри од местото за излет и новоизградениот спортски терен се наоѓаат мински полиња од војната во БиХ. На површина од околу 1.500 квадратни метри, деновиве тимот на деминери од компанијата „НН Ивша“ на чело со Сабахудин Бараковиќ го деминираат токму тој простор.
Деведесет отсто од средствата за проектот вреден околу 250.000 конвертибилни марки ги обезбедува Германија, а остатокот од средствата општината Грачаница.
„Со оглед на тоа дека на територијата на општината неколку луѓе настрадаа од мини, еден од приоритетите ни беше обезбедување на средства за деминирање. Прво се определивме за подрачјата на кои се враќаат луѓе. Едно од тие подрачја е и тоа во Скиповце каде веќе деминиравме еден дел што во голема мера го олеснува и забрзува враќањето на српското население“, истакнува Нусрет Хелиќ градоначалник на општина Грачаница.
Мините не прашуваат за вера
Деминерите на Вис ги ценат напорите на локалните власти, но истовремено ја критикуваат власта на државно ниво затоа што не се интересира за нивната работа. „Најмногу, морам да се заблагодарам на медиумите, затоа што новинарите се единствените кои од време на време отвараат дискусија за нашите проблеми и ја истакнуваат нашата работа“, вели Сабахудин. Политичарите не ги посетуваат деминерите ни во предизборната кампања. Иако тој потег не би бил лош, особено ако се земе предвид дека деминирањето го олеснува животот на граѓаните. Впрочем, се претпоставува дека постојат уште 1.200 квадратни километри минирана површина, а се проценува дека на тоа подрачје се уште се наоѓаат повеќе од 120.000 мини.
„Мините ги убиваат и старите и младите. Тие на прашуваат за верска припадност. Ние работиме на отстранување на опасностите за луѓето, без разлика на нивната вера или нација“, вели Славиша Пејановиќ од Шековиќ, кој исто така е член на тимот на деминери кои моментално работат на Вис. Славиша е Србин, но како што вели тој, тоа во оваа професја не менува ништо: „Ние деминерите сме посебна нација. Ова е специфична работа, а деминерите се како една фамилија.“
„Во нашата фирма не се гледа кој на која вера и припаѓа. На прво место е професионализмот. Во оваа работа сите сме еднакви и кога се случуваат несреќи, не се прашува кој е кој, туку се дава помош. Работејќи ја оваа работа видов како Србин плаче за муслиман и обратно. Ние заедно јадеме, пиеме и спиеме“, вели Сабахудин.
„Најтешко беше во Ирак“
За време на својата деминерска кариера, како што вели Сабахудин Бараковиќ, тој отстранувал мини во Куба, Авганистан и Ирак. Од Ирак се вратил во БиХ кога припадниците на терористичката организација „Исламска држава“ започнале зачестени напади во земјата. Освен деминирање тој пробал да работи како градежник и сопственик на авто школа, но сепак на крајот му се вратил на минското поле. „Тоа влегува во крвта. Ми недостига јадење на леб и паштета со колегите“, истакнува деминерот и додава дека најтешко му било во Ирак: „Почнувајќи од непознатиот терен, минските полиња кои се поставени по поинакви стандарди од нашите и многу високи температури. Освен тоа и мините се проблем. Прво, моравме да научиме сѐ за мините со кои се среќаваме во работењето.“
Заедно со Сабахудин во Ирак бил и 65 годишниот Мехемед Хасановиќ од Зворник. Хасановиќ, кој меѓу колегите е познат и како Ресо го сретнавме со својот детектор на тешко пристапниот терен. Тој работи како деминер речиси 19 години и за неколку месеци планира да замине во пензија „Ќе ми недостига оваа работа“, вели Хасановиќ. Иако е свесен дека оваа работа носи многу опасности, тој сепак порадо би работел во минско поле отколку на нива.
Хасановиќ не знае колку мини деактивирал до сега. Тој вели дека бројот е сигурно голем исто како што е голем бројот на местата во БиХ, Ирак, Србија и Хрватска каде работел како деминер во последните 19 години. Тој е свесен за опасноста која ја носи работата: „Изгубив тројца колеги“, вели Хасановиќ и подзастанува додека објаснува: „Лично ги вадев од минските полиња и ги возев во болница. За жал, не успеаја да преживеат“.
Психичка и физичка подготвеност
За опасноста од мините е свесен и Иво Пргиќ од Орашје. Тој 11 години управува со специјалната машина која прва влегува во минските полиња кое се наоѓаат на рамен и пристапен терен. „Не ми е страв. Додека работам со машината се случува мина да експлодира. До сега, за еден пред мене експлодирале четири мини“, вели Пргиќ и покажува кон предното стакло на неговото возило во кое удрил шрапнел. Иво е Хрват и тоа во оваа работа, вели тој, не игра никаква улога: „Славиша е Србин, а Сабахудин Бошњак. Тоа нема никаква врска. Се согласуваме како фамилија“.
„Деминер може да врши работни задачи од областа на деминирање најмногу до пет часови во еден работен ден. Деминерот пред почетокот на своето работно време мора да има непрекинат дневен одмор од најмалку 12 часови“, пишува во Законот за деминирање на БиХ. Славиша Пејановиќ вели дека уште не бил во ситуација да каже дека не е спремен за влегување во минското поле. „Тоа е мојата работа и едноставно се однесувам како и сите други луѓе кон својата работа. Со деминирање ќе се бавам се додека ме служи здравјето, но и физичката и психолошката подготвеност, бидејќи во оваа работа тоа е многу важно“, вели Пејановиќ.
Работејќи ја оваа, ни одблиску лесна работа, деминерите наидуваат на неодговорни граѓани кои ги отстрануваат лентите со кои се означени минските полиња, како и на мештаните кои, како што вели Сабахудин, не се „посебно гостопримливи“. „Се среќаваме со луѓе кои не ни дозволуваат со возилата на преминеме преку нивните ниви или не ни даваат да наточиме вода. Фала му на господ, поголем е бројот на оние кои не пречекуваат срдечно и кои ни прават кафе, оние во чии очи веднаш се гледа дека им е мило што сме таму.“
Повеќе донации и деминиран терен
Мултинационалниот тим на компанијата „НН Ивша“ од Орашје се надева на поголеми донации за да може БиХ што поскоро да стане земја без мини. Впрочем, стратешката цел на БиХ е до 2019 година да биде земја без мини. Како последица на поплавите и лизгањето на земјиштето на одредени подрачја во БиХ дојде до поместување на мините и минските поиња, што претставува дополнителна потешкотија на тој план.
Деминерите не би сакале да влезат во длабоката старот, а проблемите со минските полиња да останат нерешени, особно со оглед на тоа што малдите не се заинтересирани за овааа работа. „Кога ќе видат колку е опасна и тешка оваа работа, веднаш се откажуваат“, вели 65 годишниот Мехемед Хасановиќ.
Од 1992 година во БиХ од експлозија на мини настрадале повеќе од 8.000 луѓе. Од нив, повеќе од 6.000 преживеале, но сега се лица со инвалидитет на кои им е потребна помош. Најкритичните подрачја во БиХ кога се во прашање површините со застарени мини се Мајгак, Добојскиот регион, Орашје, Велика Клауша, Лопаре, Босански Шамац и дистриктот Брчко.