Во Минхен на дневен ред-светската безбедност
3 февруари 2012Револуцијата во арапскиот свет ги изненади учесниците на минатогодишната Минхенска конференција. Додека во Минхен заседаваше Квартетот за Блискиот Исток, во Каиро на улиците излегоа маси луѓе и дојде до крвави пресметки со апаратот на Хосни Мубарак.
Тогаш беше прерано за структуирана дебата околу тие случувања. На годинешната конференција тоа ќе биде надокнадено, најавува шефот на Конференцијата, Волфганг Ишингер.
„Присутни ќе бидат шефови на влади од регионот, од Тунис и Катар на пример, но и претставници на Египет и Либија ќе добијат можност во Минхен да говорат за иднината на нивните земји. Секако ќе стане збор и за тешката состојба во Сирија, како и проблемите со нуклеарната програма на Иран“, најавува Ишингер.
Русија контра ракетниот штит
Актуелен ќе биде и спорот околу противракетниот штит во Европа. Москва и натаму инсистира на писмени гаранции од Вашингтон. Ишингер вели дека се закочени и преговорите за безбедносното партнерство со Русија.
„Западот и Русија се‘ уште гледаат едни на други со недоверба и се проценуваат меѓусебно само врз основа на воени критериуми“. Ишингер најавува дека на конференција ќе биде презентирана нова студија која содржи предлог за заеднички противракетен систем, на кој заеднички би работеле американски, руски и европски експерти.
САД бездруго повторно ќе ги потсетат своите европски сојузници дека сакаат поправедна распределба на буџетот во рамки на НАТО. Европејците досега на попуштаа по тоа прашање, иако нивните одбранбени буџети со години стагнираат. Доколку се земе предвид и финансиската криза во Европа, не треба да се очекува промена на овој тренд.
Нова воена ориентација на САД
И САД мораат да штедат. Откако буџетот за одбрана минатата година нарасна до чудовишни 700 милијарди долари, Пентагон во следниот период планира да штеди. Наместо во копнени единици, ќе се инвестира во специјалци, беспилотни летала и технологија за кибер-војување. Оттука, Европа ќе мора да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност.
„Тука постои едно стравување дека Америка би можела да ја пресече својата блиска, органска врска со Европа. Тоа не може да биде европски интерес. Настрана од тоа, прашање е и што тоа ќе значи за кохерентноста на НАТО“, вели Ишингер.
Наместо во Европа, тежиштето на американскиот стратешки интерес сега преминува на азиско-пацифичкиот регион. Откако американскиот претседател Барак Обама најави дека годинава ќе стационира 2.500 војници на северот на Австралија, јасно е како ќе изгледа гео-стратешкиот концепт на САД. Тие најави предизвикаа голема загриженост во Кина. Ишингер се надева дека и Европа би можела да развие сопствена политика кон Азија и тоа како средство за корекција на американската, за која постојат стравувања дека „ќе се врти околу сценариото на воени закани“.
Автор: Даниел Шешкевиц/ Борис Георгиевски
Редактор: Жана Ацеска