Централните банки во еврозоната од денеска во оптек пуштија нова банкнота од 50 евра која е потешка за фалсификување.
Реклама
Новата 50-ка би требало да им ја отежне работата на фалсификаторите, соопшти Европската централна банка (ЕЦБ) „Дури и во дигитално доба, готовината е сѐ уште неопходна во нашата економија“, објасни претседателот на ЕЦБ, Марио Драги.
Според една анкета, во околу три четвртини од сите зделки со купување, плаќањето е извршено во готово.
Банкнотата од 50 евра, мерено според бројот на банкноти, и натаму е најважната евро-банкнота. Околу 46% од сите евро-банкноти се 50-ки. Досегашните банкноти од 50 евра во оптек се повеќе од 20 години и се вбројуваат меѓу најфалсификуваните банкноти воопшто. Околу 60 проценти од сите „уловени“ фалсификати биле банкноти од 50 евра.
По банкнотите од 5, 10 и 20 евра, банкнотата од 50 евра е четврта банкнота во оптек од т.н. „Серија Европа“. Новите банкноти од 100 и 200 евра се очекуваат на почетокот на 2019 година.
Зошто има нова банкнота од 50 евра?
Од денеска во оптек е нова банкнота од 50 евра. Зошто воопшто се неопходни нови банкноти и како се произведуваат? Еве неколку факти за најмногу користената и најмногу фалсификуваната банкнота на еврото.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Roessler
Новата 50-ка е тука!
Кревање на завесата: Ив Мерш од Директориумот на Европската централна банка (ЕЦБ) новата банкнота од 50 евра ја претстави уште минатото лето. Сега, речиси една година потоа, таа влегува во оптек - значи во автоматите за пари, касите во продавниците и на банкарските шалтери. Во првиот чекор - 5,4 милијарди банкноти.
Фотографија: picture alliance/dpa/F. Rumpenhorst
Старата банкнота преправена како нова
На социјалните мрежи се вртат шеги на сметка на излегувањето на Велика Британија од ЕУ. Притоа, Британците и онака немаат евро и плаќаат со фунти.
Фотографија: Twitter/DakiDax
Безбедносни жигови
Новата банкнота има повеќе од десет безбедносни жигови. На тој начин треба да се отежне фалсификувањето. Фалсификатите се и главна причина поради која сите евро-банкноти постепено се повлекуваат и заменуваат со нови.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Roessler
Ултра сигурна?
Светлосен тест: само под ултравиолетови зраци може да се видат дополнителните безбедносни жигови. Фалсификувањето на банкнотите не е невозможно, но со новите жигови е отежнато.
Фотографија: picture alliance/dpa/B. Roessler
Фалсификувањето пари цути
Според наводи на ЕЦБ, банкнотата од 50 евра, покрај онаа од 20 евра, е омилена кај фалсификаторите. Во втората половина на 2016 година од оптек се повлечени 353.000 фалсификувани банкноти. Бундесбанката минатото лето на една изложба ги прикажа примероците кои се сметаат за особено успешни.