1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во парламентот се бројат секунди и пратеници

БГ
19 октомври 2018

Во парламентот се очекува одлука дали денеска ќе се гласа за уставните измени, или процедурата ќе се одложи за почетокот на следната недела. Од Белград се јави и заменикот-помошник за Европа на САД, Метју Палмер

Mazedonien - Das Parlament
Фотографија: MAKFAX

Уставните измени во Собранието го очекуваат потребното мнозинство од две третини. Неизвесно е дали е тоа обезбедено, иако има сигнали дека  расте поддршката за отворање на уставната процедура и од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Во јавноста се множат шпекулации, кои засега не можат да бидат потврдени од ниту една страна. Според зборовите на пратеникот на владејачката коалиција, Ферид Мухиќ „ако се гласа значи е обезбедено двотретинско мнозинство, ако не се гласа значи не е, рокот е некаде до среда, но мислам дека денес ќе успее.“

Расте притисокот и од претставниците на САД и ЕУ. Откако утрово и синоќа за компромис апелираа еврокомесарот Јоханес Хан и претседателот на Европската народна партија, Жозеф Дол, денеска од Белград се јави и заменикот-помошник за европски и евроазиски прашања во американскиот Стејт Департмент, Метју Палмер. Тој директно побара од раководството на ВМРО-ДПМНЕ „да ги ослободи пратениците да можат да гласаат според совеста, без грижи дека ќе имаат негативни последици потоа“.

Палмер посредно ја обвини најголемата опозициска партија дека ги замајува граѓаните.
„Оние кои ја заведуваат македонската јавност говорејќи дека можат да обезбедат европска иднина за своите деца без компромисите кои ги бара Преспанскиот договор, не ѝ прават услуга на својата земја“, рече Палмер во Белград каде присуствува на Белградскиот безбедносен форум. Од понеделник, американскиот дипломат се очекува и во Скопје на разговори со македонскиот државен врв.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан преку својот Твитер профил порача дека денешниот е „клучен“ ден за земјата.

„Се гласа за иднината на земјата и за позитивната перспектива на граѓаните“, напиша Хан додавајќи дека е сигурен дека „пратениците на сите политички партии се свесни за големата шанса и одговорност со која се соочуваат“.

Во сличен тон и првиот човек на Европската народна партија (ЕПП), Жозеф Дол по вторпат во една недела ѝ порача на опозицијата дека „има голема одговорност за патот на земјата кон ЕУ и НАТО и дека треба да биде конструктивна во демократскиот процес“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми