200.000 луѓе во Варшава ја одбележаа стогодишнината од крајот на туѓото владеење во земјата. Владата првпат го славеше Денот на независноста заедно со националистите и десните радикали. Гореше знамето на ЕУ.
Реклама
Со завршувањето на Првата светска војна Полска повторно се појави на европската карта. Завршија 123 години туѓо владеење. Традиционалниот марш по повод денот на независноста кој го организираат полските националисти на овој ден, националконзервативната влада на ПиС (Право и Правда) го искористи за големи симболични демонстрации. Ова е првпат заедно да маршираат оние што се на власт со десните екстремисти. Претходните полски влади не сакаа да ги легитимираат радикалните групи.
И годинава во радикалниот дел од маршот постојано се слушаа пароли полни со омраза. Притоа „непријатели“ се постојано „црвените“, малкуте поранешни комунистички апаратчици во полската администрација, како и европските левичарски либерали на кои се гледа како на закана за традиционалните вредности.
„Ние сакаме голема католичка Полска“, извикуваа дел од демонстрантите. Други пак бараа уништување на „црвената банда со срп и чекан“. Минатата година можеа да се видат уште поагресивни транспаренти и да се слушнат уште похушкачки пароли. Владата на ПиС беше обвинета за преголема толеранција кон националистите.
Не може без насилство
Иако годинава маршираа заедно со владата, националистите сепак си имаа свои теми. Нивното мото гласеше „Господ, чест, татковина“. Членовите на радикалната „Сеполска младина“ го запалија европското знаме и скандираа „Доста со ЕУ“. Освен тоа, кон полицајците и левичарските контрадемонстранти фрлаа со шишиња и пиротенички материјали.
Видени се и знамиња на италијанската Форца Нуова. Нејзиниот шеф Роберто Фиоре, кој самиот себеси се дефинира како фашист, минатата година зборуваше во Варшава. Членовите на полскиот Национално-радикален камп (ОНР) се појавија како секогаш со свои знамиња, иако годинава владата повика да се носат само бело-црвени нацонални знамиња.
Политички тензии
Полска не била никогаш толку поларизирана како во мандатот на актуелната влада, која сега се обидува да го обедини општеството. „Цврсто сум убеден дека под полското знаме има доволно место за сите, независно од сопствените определби“, изјави претседателот Анджеј Дуда во текот на свеченоста на Гробот на незнајниот јунак во Варшава. Притоа, набројувајќи ги гостите, без око да му трепне го изостави претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, кој стоеше во третиот ред.
Тоа би можело да се третира како реванш за острите зборови кои Туск претходно ги изрече на една манифестација во Лоѓ. Тој таму евроскептичните популисти ги нарече „денешни болшевици“ кои претставуваат опасност за независноста на земјата, но кои може да бидат поразени. Тоа е јасна најава за борба упатена во насока на ПиС. Истовремено, неговата партија Граѓанска платформа за 2019 година најави сопствен марш по повот независноста на Полска. Значи, бројот на манифестации може да се зголемува.
Иако политичарите од левицата и десницата го нагласуваат обединувачкиот карактер на Денот на незваисноста, 11 ноември веројатно уште долго ќе остане празник кој повеќе ја разделува отколку што ја обединува Полска.
Колку е радикална европската десница?
Бавен економски раст, незадоволство поради политиките на Европската унија и мигрантската криза доведоа до изборен успех на десничарските партии низ цела Европа.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Фрауке Петри, Алтернатива за Германија (АФД)
Лидерот на Алтернатива за Германија, Фрауке Петри изјави дека полицијата може да користи оружје како крајна мерка при спречување на илегално преминување на границата, потенцирајќи дека „таков е законот“. Она што започна како евроскептична партија се претвори во антиестаблишмент и анти-ЕУ политичка сила која на покраинските избори во Германија во март 2016 година освои 25 проценти од гласовите.
Фотографија: Reuters/W. Rattay
Марин Ле Пен, Национален фронт (Франција)
Многумина веруваат дека Брегзит и победата на Доналд Трамп може да бидат стимул за Националниот фронт. Со партијата, која беше формирана во 1972 година, раководи Марин Ле Пен, која во 2011 година го презеде водството од нејзиниот татко Жан-Мари Ле Пен. Национален фронт е националистичка партија која користи популистичка реторика да ги промовира своите анти-имиграциски и анти-ЕУ позиции.
Фотографија: Reuters
Герт Вилдерс, Слободарска партија (Холандија)
Лидерот на холандската Слободарска партија, Герт Вилдерс, е еден од најпроминентните десничарски политичари во Европа. Во декември тој беше осуден затоа што во 2014 година праша толпа граѓани дали сакаат повеќе или помалку Мароканци во земјата, но не му беше изречена казна. Неговата партија се смета за анти-ЕУ и антиисламска и моментално има 15 пратеници во холандскиот парламент.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Koning
Никос Михалолиакос, Златна зора (Грција)
Никос Михалолиакос е претседател на грчката неофашистичка партија Златна зора. Тој и десетина други членови на партијата во септември 2013 година беа уапсени под обвинение за формирање на криминална организација. Михалолиакос беше ослободен во јули 2015 година. Златна зора освои 18 мандати на парламентарните избори во септември 2016 година. Партијата застапува антиимигрантски ставови.
Фотографија: Angelos Tzortzinis/AFP/Getty Images
Габор Вона, Јобик (Унгарија)
Јобик е унгарска антиимиграциска, популистичка и протекционистичка партија која се стреми да биде дел од следната влада во земјата. Јобик е трета по големина политичка партија во Унгарија и на последните избори освои 20 проценти од гласовите. Партијата бара одржување референдум за членството во ЕУ и се залага за криминализација на „сексуалната девијантност“. Лидер на Јобик е Габор Вона.
Фотографија: picture alliance/dpa
Џими Акесон, Шведски демократи
По изборот на Трамп, лидерот на Шведските демократи Џими Акесон во интервју за шведска телевизија изјави: „Постои движење во Европа и САД кое го предизвикува владеењето на естаблишментот. Тоа очигледно се случува и тука“. Шведските демократи бараат ограничување на имиграцијата, се противат на приклучувањето на Турција во ЕУ и бараат референдум за членството на земјата во ЕУ.
Фотографија: AP
Норберт Хофер, Слободарска партија на Австрија
Норберт Хофер, член на австриската националистичка Слободарска партија, загуби на неодамнешните претседателски избори за само 30.000 гласови, откако беше фаворит во првиот круг на гласање. Поранешниот лидер на Зелената партија освои 50,3 проценти од гласовите, а Хофер осови 49,7%. Слободарската партија се залага за зајакнување на државните граници и ограничување на бенефициите на имигрантите.
Фотографија: Reuters/L. Foeger
Мариан Котлеба, Народна партија – Наша Словачка
Лидерот на крајно десничарската Народна партија – Наша Словачка, Мариан Котлеба, изјави: „Дури и еден имигрант е премногу“. Во друга прилика тој го нарече НАТО „криминална организација“. Оваа партија се залага за напуштање на ЕУ и на Еврозоната. На изборите во март 2015 година партијата освои 8 проценти од гласовите, со што обезбеди 14 мандати во националниот парламент кој брои 150 пратеници.