1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Антируски тонови во Полска

Розалиа Романиец/ Ж. А.16 ноември 2015

Новата полска влада се чини уште од самиот старт е кавгаџиски настроена кон Русија. Уште пред полагањето заклетва, национал-конзервативците бараат расветлување на авионската несреќа кај Смоленкс.

Фотографија: Wojtek Radwanski/AFP/Getty Images

Неопходно е расветлување на „Смоленскиот случај“, изјави номинираната премиерка Беата Шидло во Варшава. Нејзиниот министер за надворешни работи Витолд Важзиковски и координаторот на полската тајна служба, Мариуж Камински, беа уште поконкретни. Мора да бидат исцрпени сите правни можности, „зашто истрагата е во ќорсокак“, истакна Камински. Под „истрага“ тој мисли на постапката во Русија, незавршена и по пет години од настанот.

На 10 април 2010 година при пад на авион кај Смоленск загинаа 96 луѓе. Најголем дел од нив беа високи по ранг полски политички функционери, меѓу нив и самиот полски претседател Лех Качински. Неговиот брат е лидер на партијата „Право и правда“, која на последните парламентарни избори освои апсолутно мнозинство и се смета за „моќниот човек“ кој во иднина од заднина ќе и влече конците во Полска.

„Тоа е наша должност“

Малку зачудува што новите владини членови ја начнаа оваа тема уште пред официјалното полагање заклетва. Но, Шидло на зачудените им порача: „Тоа е важна работа која мора да се расветли. Никогаш не се откажавме, а сега е вистинскиот момент за подготовка на еден концепт.“

Јарослав Качински и Беата ШидлоФотографија: Getty Images/AFP/J. Skarzynski

Колку на Шидло вистински и’ е право нејзината влада да стигне во водечките наслови со „Смоленскиот случај“, може само да се нагаѓа. Јарослав Качински, партискиот шеф, пред неколку дена, при претставувањето на владата, најави дека „случајот Смоленск „мора да го разјаснат нормално функционирачко судство и обвинителство.“ Според негово мислење, нема потреба од меѓународни комисии „освен ако некој однадвор предложи нешто такво.“

Координаторот за тајните служби, исто како и шефот на дипломатијата, се на мислење Полска да го изнесе случајот пред судот во Стразбур. Ќе бидат преземени „разумни и правно можни чекори заради целосно расчистување. Тоа е едноставно наша обврска кон жртвите. Моралната и политичката обврска налагаат целосно расветлување на катастрофата“, вели Камински, дополнувајќи: „Истрагата спроведена од државното обвинителство одамна е застаната на мртва точка.“

Смоленск пред судот во Стразбур

Новиот министер за надворешни работи Витолд Важзиковски како инстанца за разјаснување на случајот го предлага Европскиот суд за човекови права. Во интервју за полската телевизија ТВН24, тој изјави дека е потребно експерти од сојузничките земји, меѓу кои и САД, да бидат замолени да го прегледаат рускиот извештај, поднесен на почетокот на 2011 година.

Авионската катастрофа кај Смоленск уште предизвикува бранувањаФотографија: picture-alliance/dpa

Истражната комисија на воздухопловната служба МАК, доминирана од Русите, а предводена од тогашниот премиер Владимир Путин, по отприлика една година поднесе завршен извештај. Во него експертите како непосредна причина за падот на авионот констатираа грешка на пилотот, кој и покрај исклучително неповолните временски услови го извршил приземјувањето. Извештајот исклучи експлозија или пожар во авионот. Притоа, полските укажувања на грешки на руските локални навигатори во документот не беа земени во предвид, што во Полска предизвика критика. Тогашниот премиер Доналд Туск не го доведе во прашање самиот резултат, но на извештајот му даде оцена - „нецелосен“. Многу поостро реагираше уште тогаш Јарослав Качински, употребувајќи ја формулацијата „потсмевање со Полска“.

Сега Качински сака да ја обнови целата работа. Тој може да дејствува од заднина, неговите следбеници остануваат цврсто на неговиот курс. Шефот на дипломатијата најави изнесување на руската истрага за катастрофата во Смоленск на разгледување пред судот во Стразбур „поради одолговлекувањата“. Дополнителна причина е одбивањето на Русија да и‘ го врати на Полска трупот на авионот Тупољев 154М и црната кутија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми