1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прославата во Рим ќе ги зближи Скопје и Софија?

ДТЗ
24 мај 2021

Претседателите Пендаровски и Радев во обид да го најдат клучот за решавање на спорот.

Nord-Mazedonien Amtseinführung des neuen Staatspräsidenten Stevo Pendarovski
Фотографија: Cabinet of the President of Republic of North Macedonia

Св. Кирил и Методиј на словенските народи им го дале клучот за самоидентификација и самоопределување низ вековите. Се очекува македонскиот и бугарскиот претседател, Стево Пандаровски и Румен Радев, на прославата во Рим да направат исчекор во пронаоѓање на клучот за решавање на спорот, со цел одблокирање на евроинтеграциите. 

Двајцата претседатели кои неделава заедно ќе отпатуваат во Ватикан по повод чествувањето на Св. Кирил и Методиј, според премиерот Зоран Заев, би можеле да бидат поттик за да се направи исчекор напред во решавањето на спорот помеѓу Скопје и Софија.

„Верувам дека и европскиот дух на претседателите Радев и Пендаровски ќе биде поттик да направиме исчекор да продолжиме понатаму и секако низ патната карта да успееме да го забрзаме и ефектуираме она што претставува спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија“, изјави денеска Заев.

Тој потсети дека земјата повеќе од 16 години е кандидат за членство, од 2001 година е потпишана Спогодбата за стабилизација и асоцијација, веднаш по Словенија, а пред Хрватска, кои денес се веќе членки на Унијата.

„Навистина ниту еден аспирант за ЕУ, кој сакал да го продолжи патот, не чекал толку, колку што чека Северна Македонија. Верувам дека Бугарија ќе биде силен поддржувач на Северна Македонија и на патот на ЕУ-интеграциите на целиот Западен Балкан“, додаде Заев.

-повеќе на темата: Пендаровски и Радев заедно ќе им се поклонат на сесловенските просветители Кирил и Методиј

Претседателот Пендаровски, минатата недела, кога беше најавено заедничкото патување со Радев, рече дека очекува да стане збор и за спорот помеѓу двете држави, но оти тоа би биле неформални разговори. Поради протоколите за прием кај папата поради Ковид-19, двајцата претседатели ќе отпатуваат за Рим на 26 и 27 мај.  
„Заедно со претседателот на РС Македонија, ние не само што ќе оддадеме почит на делото на светите браќа Кирил и Методиј во Рим, туку ќе патуваме заедно во еден авион. Со претседателот Пендаровски ќе ја објавиме нашата јасна, заемна и политичка волја дека ќе ги развиваме односите меѓу нашите две земји во духот на доверба, пријателство и добрососедство“, изјави Радев за бугарските медиуми. Тој вели дека одеднаш станал многу интересен за сите европски лидери, а има и зголемено внимание кон Бугарија. 

„Нема да го кажам зборот притисок, но да не заборавиме – Бугарија е членка на Европската Унија. Ние ќе се обратиме до другите членки на ЕУ за солидарност. Најважно е да не дозволиме нови проблеми да се воведат во Унијата“, вели Радев. 
Според него, патот за отворање на европскиот пат на Северна Македонија минува пред сѐ низ Софија. „Ние мора да седнеме едни со други – спокојно, искрено и доброволно – и да ги решиме нашите билатерални проблеми“, додава Радев.

Споменик на Св. Кирил и Методиј во ОхридФотографија: Dragoslav Dedovic/DW

Клуч за самоидентификација

По повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, македонска владина делегација, предвидена од премиерот Зоран Заев положи свежо цвеќе пред споменикот на светите браќа, патрони на првиот државен универзитет во Скопје. Со полагањето цвеќе во кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, се одбележува просветителската мисија и извонредната улога, која браќата Кирил и Методиј ја имаат во историјата и културата на Европа, светот и Северна Македонија, а изразена преку нивната мисија меѓу словенските народи во деветтиот век. Низ тој процес била создадена и првата азбука – глаголицата, од која подоцна ќе се создаде кирилицата како основа за стандардизација на македонскиот јазик и писмо.
„Св. Кирил и Методиј на словенските народи им го дале клучот за самоидентификација и самоопределување низ вековите. Бранејќи го фундаменталното право на словенските народи на свој јазик и писменост, Св. Кирил и Методиј се избориле и за достоинството на различноста како суштинска европска вредност“, порача претседателот Стево Пендаровски по повод празнувањето на 24 мај. 

-повеќе на темата: Светите Кирил и Методиј, покровители на Европа

Според него, македонскиот јазик, како и секој друг словенски јазик, е гранка од стеблото засадено од Св. Кирил и Методиј и нивните ученици, меѓу кои и Св. Климент и Св. Наум Охридски. „Какви плодови ќе береме зависи од тоа колку ќе вложуваме во нашата македонска гранка од словенското јазично стебло. Тоа е наша должност кон претходните и идните генерации, но и наш придонес кон европскиот културен, образовен и цивилизациски простор“, вели Пендаровски. 

Во честитката до граѓаните лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека ликот и делото на светите браќа Кирил и Методиј е рамно на апостолско и затоа се прогласени за заштитници на Европа, бидејќи со својата просветителска дејност и создавањето на глаголицата поттикнаа епохален цивилизациски процес.

„Горди сме и неизмерно сме им благодарни, затоа што со златни букви ја запишаа Македонија во европската и светската културна ризница. Имињата на Кирил и Методиј кај секој граѓанин во Македонија будат посебен пиетет, но и аманет дека не смееме да престанеме да веруваме и да се бориме под ова небо“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. 

Тоа што светите браќа успеале да го направат пред повеќе од еден милениум, според Мицкоски, само покажува дека „можеме и мораме и денес да се носиме рамо до рамо со останатите европски народи“ и заедно со нив да„ придонесуваме кон градење на европската иднина“.

„Тоа што е наша гордост не смееме да го заборавиме. Тоа што е наше наследство не смееме да го распродаваме, туку напротив, мораме да го надградуваме и потенцираме. Многу народи се благодарни на делото на Кирил и Методиј и влијанието кое тоа го направило во Светот, а ние мора да бидеме горди чувари на нивниот завет“, порачува тој.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми