1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во САД и НАТО воздржаност и скепса, додека Берлин зборува за “позитивен и конструктивен сигнал”

8 јуни 2007

Светот, во секој случај, реагира на предлогот на претседателот Путин за заедничко користење на руски радарски постројки во Азербејџан, што би овозможило планираниот американски антиракетен штит да ја штити цела Европа.

Соработка наместо конфронтација? Претседателите Буш и Путин во ХајлигендамФотографија: AP

За Џорџ Буш во Хајлигендам предлогот на Путин беше интересен, и тие договорија разговори за стратегиско партнерство. Но неговиот советник за национална безбедност Стивен Хедли е скептик и наоѓа забелешки пред се’ во ставот на Путин дека се’ уште не е нужно поставување на ракети-пресретнувачи.

Со скепса на рускиот предлог реагираат и во НАТО. “Малку е прерано” да се оцени дали радарската станица во Азербејџан навистина може да се користи за заеднички антиракетен одбранбен систем, рече денеска на прес-конференција во Брисел генералниот секретар на Алијансата Јап де Хоп Шефер. Иако вели дека не е технички експерт, Шефер искажува сомневање дали кавкаската република не е преблиску до држави како Иран, против кои треба да е насочен штитот.

Германија, пак, го поздрави предлогот на Путин како “позитивен и конструктивен сигнал” за релаксирање на дискусијата во спорот. Предлогот треба да биде испитан и додека тоа трае сите би требало да се воздржат од “избрзано оценување”, рече претставник на германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер. Тој потсети дека германската влада одамна се залага за темата да се разговара во конструктивен- и во дух на кооперација.

Руските медиуми зборуваат за “генијален шаховски потег ” на Путин, а потпретседателот на владата Сергеј Иванов оцени дека Русија докажала оти е подготвена за конструктивна соработка со Западот.

Азербејџан е подготвен да разговара “на дво- или тристрано ниво” за заедничко руско-американско користење на радарските псотројки во Габала, рече министерот за надворешни работи Елмар Мамаѓаров. Според него, предлогот на Путин може да донесе поголема стабилност во регионот, оти “води кон подобро однапред предвидливи акции”.

“И да им служи радарската станица во Габала на обете земји, американскиот антиракетен систем во Полска и Чешка треба да биде реализиран. Азербејџан не може да ја замени, туку само да ја надополни средноевропската компонента” – смета чешкиот заменик-премиер Александар Вондра. Премиерот Мирек Тополанек во предлогот гледа обид на Кремљ повторно да ја придобие Средна Европа како зона на свое влијание, но ја смета за пробив искажаната руска готовност за преговори.

Министерството за надворешни работи на Полска, каде попладнево ќе престојува Џорџ Буш, соопшти дека рускиот предлог не менува ништо во тековните полско-американски преговори за стационирање ракети од одбранбениот штит.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми