Во Сирија насилство без крај
3 август 2011Сириската армија ја продолжува воената офанзива против противниците на претседателот Башар ел Асад. Жители на опколениот град Хама изјавија дека тенкови повторно гранатирале одделни делови на градот.
Советот за безбедност на ОН се’ уште не успеа да најде компромисна формулација за резолуцијата, со која ќе се осуди режимот на Асад поради насилното гушење на демократската опозиција во земјата. Актуелниот претседатевач со Советот, индискиот амбасадор Хардип Синг Пури изјави дека ќе се бараат други начини, како на пример донесување декларација на Советот, која нема тежина на резолуција.
На повидок дополнителни санкции за режимот на Асад
САД планираат дополнителни санкции против членови на сириската влада, соопшти во меѓувреме портпаролот на Стејт департментот Марк Тонер.
„ Во моментов Стејт департментот проучува во колкав обем да бидат дополнителните казнени мерки, што ќе се преземат кон претставници на владеачкиот режим во Сирија. Целта ни е да постигнеме политичка и економска изолација на сирискиот претседател Башар Асад, изјави Тонер.
И американските сенатори ја повикаа администрацијата на Барак Обама да наметне поостроги санкции кон режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, поради крвавата репресија кон сопствениот народ, каде во изминатите денови се убиени повеќе од 160 луѓе.
„САД треба да наметнат санкции кон сирискиот енергетски сектор, како одговор
на убиствата на цивили во воената офанзива која ја нареди ал-Асад“, изјави
сенаторот од редовите на републиканците, Марк Кирк.
Автор:СН/ГЧ/дв/миа/макфакс
Редактор: Жана Ацеска