1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Сирија недостасува сѐ- само не оружје

Матијас фон Хајн/ Симе Недевски10 октомври 2014

Во Сирија веќе три години се води граѓанска војна. Страните во конфликтот се добро снабдени со оружје. Тоа особено важи за борците на Исламската држава. Од каде потекнува сето тоа оружје?

Фотографија: Christopher Johnson

Војната не е само ужасна и крвава, туку претставува и сложен бизнис. Оружје, муниција, војници за борба, логистика- сето тоа е скапо. Според наводите на американската невладина организација „National Priorities Project", ограничената американска воена интервенција против т.н. Исламска држава чини 312 илјади долари на час.

Без оглед на високите трошоци и тешкотиите во набавката, три години по избивање на граѓанската војна, во Сирија недостасува сѐ освен оружје. Земјата се развива во центар за трговија и криумчарење на оружје. Петер Веземан од стокхолмскиот институт за мировни истражувања СИПРИ вели дека е тешко да се следат патиштата и количествата на испорачаното оружје. „Русија и Иран и натаму го снабдуваат со оружје режимот на Асад, при што Русија очигледно повеќе нема намера да доставува тешко оружје и борбени авиони“, вели Веземан.

Различните бунтовнички групи на почетокот се вооружуваа од добро снабдените арсенали на сириската војска. Дел од оружјето со себе го носеа војниците кои дезертираа, а другиот дел беше од освоените складишта на сириската армија. Бунтовниците подоцна почнаа да се снабдуваат со оружје набавено на црниот пазар, како на пример во Либан, каде по деценискиот конфликт и натаму се наоѓа големо количество оружје. По соборувањето од власт на либискиот диктатор Муамер ел Гадафи, дел од оружјето во таа земја, заврши во Сирија.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Испораки по испреплетени патишта

Веземан вели дека пред сѐ Саудиска Арабија, Катар, Обединетите Арапски Емирати и Јордан ги помагаат бунтовничките групи. Елиот Хигинс кој под псевдонимот Браун Мозес ја актуелизира интернет страницата Bellingcat вели дека противтенковските ракети М79 се најдобар доказ за доставување на оружје по матни патишта. Оружјето притоа брзо го менува сопственикот и без тоа да го сака испорачателот, стигнува во рацете и на борците на Исламската држава. Саудиска Арабија противтенковските ракети во 2013. година наводно ги купила во Хрватска. Ракетите со јордански авион ги транспортирала во Јордан од каде преку граница биле прошверцувани во Сирија. Таму ракетите им се предадени на борците на Слободната сириска армија. Во меѓувреме ракетите М79 се наоѓаат во рацете на курдските борци кои ги освоија во бробите против припадниците на ИД.

Фотографија: picture alliance/AP Photo/SANA

Истражување на потеклото на оружјето на завојуваните подрачја

Експертите на лондонската невладина организација „Conflict Armament Research" (ЦАР) во периодот од средината на јуни до почетокот на август на северот на Сирија и во Ирак го истражуваа потеклото на оружјето кое курдските борци го присвоија откако зазедоа некои од териториите кои беа под контрола на ИД. Џејмс Беван директор на ЦАР вели дека борците на ИД најголем дел од оружјето го имаат освоено на боиштето. „Притоа најважен извор е ирачката армија од каде што доаѓа мешавина од ирачка опрема и уреди кои САД ѝ ги имаат ставено на располагање на ирачката војска“, вели Беван.

Во извештајот на ЦАР меѓу другото се наведува и дека кај оружјето кое е во рацете на припадниците на ИД, систематски се отстрануваат сериските броеви. Поради тоа невозможно е да се следи испораката на оружје и да се препознае на кое место оружјето од легитимен доставувач е пренасочено на други места.

Разноликост на изворите

ЦАР во својот втор извештај пак ги наведува резултатите од истрагата на потеклото на муницијата. Експертите на ЦАР во завојуваните подрачја собрале 1700 парчиња муниција, кои потекнуваат од 21 држава и се произведени меѓу 1945 и 2014 година. ЦАР наведува дека речиси една петина од собраната муниција потекнува до американските залихи. Според стручњакот на СИПРИ, Веземан тоа покажува колку е јасен ризикот при испорака на оружје: секогаш постои опасност оружјето да дојде во погрешни раце. Беван пак дополнува дека ризикот се зголемува ако се вооружуваат слаби трупи кои противникот може да ги совлада.

Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Но, напредувањето на ИД е поттик за Германија и други западни земји во спорното испорачување на оружје за Курдите на северот ан Ирак. Девет европски земји ветија или веќе испратија оружје за курдските пешмерга борци. Само Албанија достави 20 милиони куршуми за автоматски пушки. Иднината ќе покаже каде ќе заврши тоа оружје.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми