1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Османи: Правиме анализа на секој збор

СН | МИА
18 јуни 2022

Македонските власти, според шефот на дипломатијата Бујар Османи, ќе го кажат својот официјален став за сите прашања за францускиот предлог за надминување на спорот со Софија кога ќе дојде време за тоа.

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи
Шефот на македонската дипломатија, Бујар ОсманиФотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи денеска изјави дека властите во Скопје сѐ уште го немаат формално добиено францускиот предлог за решавање на бугарско-македонскиот спор, со што би се овозможило отворање на пристапните преговори за членство на земјата во Европската унија. Според Османи тој предлог би требало  да им биде доставен на македонските власти  откако Унијата ќе усогласи став за него. 

„Се разбира, јас имам начин како да имам пристап до тој документ, правиме анализа, но, ќе кажеме наш став за сите прашања кога ќе дојде време за тоа, кога ние ќе сметаме дека ќе биде во наш интерес тоа да го направиме“, изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи на денешната прес-конференција.

ДВ вчера ексклузивно ги објави сите детали од францускиот предлог за решавање на спорот Софија-Скопје, кој наиде на бурни реакции во двете земји. Меѓу другите во изјава за ДВ, поранешниот македонски министер за надворешни работи Никола Димитров истакна дека предлогот е неприфатлив и ја носи земјата подалеку а не поблиску до ЕУ. 

Фотографија: DW/F. Schmitz

Актуелниот шеф на дипломатијата, пак, одговарајќи денеска на новинарско прашање за прифатливоста на измените во преговарачката рамка што ги предлага Франција рече дека ги следи со внимание сите јавни објави и сите реакции на граѓаните, и како што рече, „се разбира би сакал да можам да кажам повеќе“.

„Меѓутоа, тоа што се случува е дека вчера има предлог на претседателството до земјите членки вклучувајќи ја и Република Бугарија, за да се изјаснат за одредени идеи кои што француското претседателство смета дека можат да бидат основа за продолжување на процесот. Јас мислам дека не е во наш интерес ние да ги кажеме нашите позиции во однос на таквите предлози додека не ги слушнеме позициите на земјите членки, откако земјите членки ќе ги изразат своите забелешки, а тоа се 26 земји членки, секоја да каже свој став“, рече тој.

Дополни дека доколку се унифицира, доколку и Република Бугарија го каже својот став, тогаш, како што посочи, и ние ќе ги кажеме нашите ставови.

„Очекувам разбирање, правиме анализа на секој збор, на секоја реченица, но сметам дека треба да ја испочитуваме процедурата, да чекаме како ќе се изјаснат 27 земји членки, односно 26, имајќи предвид дека Франција има дистрибуирано свој став, посочи министерот. 

 

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми