1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Во Србија новинарството е непожелно“

Јањевиќ Дарко
24 април 2019

Владата на Србија ги контролира клучните извори на информации, а вистинското новинарство е непожелно. Независните новинари често јавно се обвинувани како предавници, вели за ДВ наградуваната новинарка Анѓела Миливојевиќ.

CINS Serbien
Фотографија: DW/S. Kljajic

Противниците на владата во Србија го обвинуваат претседателот Александар Вучиќ дека има енормна моќ над медиумите и ги користи за оцрнување на неговите противници. Дојче веле за контролата над меинстрим медиумите разговараше со наградуваната новинарка Анѓела Миливојевиќ од Центарот за истражувачко новинарство на Србија (ЦИНС).

ДВ: Репортери без граници“ неодамна ја оценија Србија како небезбедна земја за новинарите. Какво е Вашето видување на медиумската сцена и слободата на печатот во Србија?

Анѓела Миливојевиќ: Мислам дека „Репортери без граници“ се во право. Србија е небезбедна земја за новинарите. И не само тоа: новинарството овде е непожелно. Постојат два големи проблеми. Едниот се честите напади врз новинари. Најекстремниот случај беше палењето на куќата на еден белградски новинар. Втор проблем е што новинарите се игнорираат или се прогласуваат за непријатели ако пишуваат критички против владата.

Истражувачкото новинарство и порано во Србија не беше вистински омилено, под никоја влада. Дали со власта на претседателот Вучиќ постои суштинска разлика?

Се чини дека оваа влада е поагресивна. Таа не се воздржува од кампањи против новинари, објавува фотографии на нашите уредници или раководители во булеварските весници, ги означува како несакани личности кои го мразат претседателот. Се добива впечаток дека новинарите постојано се сметаат за несакана група во општеството, група која најрадо не би требало ни да егзистира.

Често се слуша дека владата цврсто ги држи медиумите под контрола. Како е тоа можно?

Тоа се врши првенствено преку јавниот сервис, кој финансиски и на сите други начини зависи од државата. На тоа се надоврзува што и другите телевизии со национални фреквенции застанаа на страната на владата. Тие ги игнорираат сите информации кои не се позитивни за владата. Во Србија постојат две реалности: онаа презентирана од доминантните медиуми и стварната, за која известуваат интернет порталите и некои независни медиуми. Но, оваа реалност не стигнува до бројна публика.

Секоја година државните институции се затвораат сѐ повеќе и не даваат информации на новинарите. Тоа е една можност која не значи контрола над новинарите, туку саботажа на нашата работа. Друга постојано применувана метода е воопшто да не се разговара со нас. Постои цела редица политичари кои едноставно не сакаат да даваат изјави за т.н. непожелни медиуми.

Анѓела Миливојевиќ (втора од лево) со тимот од Центарот за истражувачко новинарство на Србија (ЦИНС)Фотографија: CINS

Еден српски интернет портал неодамна објави дека дописничката на Дојче веле, Сања Кљајиќ, ја „осрамотила“ Србија во документарен прилог за албанските жени. Оваа недела Слободан Георгиев, раководител на Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) во едно видео беше наречен „предавник“. Во ист манир се напаѓани и независните платформи ЦИНС и КРИК. Колку чести се овие напади и колкаво е нивното влијание?

Ова најново видео го сметаме за многу вознемирувачко. Тоа јасно го етикетира Георгиев за непожелен и штетен од перспектива на владата, што од мој аспект е недопустливо.

Тоа е рамништето на кое нѐ напаѓаат, како личности: нѐ оцрнуваат како наркомани или велат, како во случајот со Сања, дека сме го предале српскиот народ, ако пишуваме за албанските жени. Вакви работи се случуваат постојано и ги сметам за недопустливи, дотолку повеќе што колку што знам, никој од владата досега не се дистанцирал од нив.

Западни земји ги поддржуваат независните медиуми во Србија со големи финансиски средства. Истовремено западните шефови на влади се колебаат да ја дискутираат темата за слободата на печатот со српската влада, која пак се презенетира како проевропска. Каков вид поддршка би сакале од политичарите од ЕУ?

Западните политичари би можеле да фрлат еден поглед врз реалноста во Србија, наместо само врз поглавјата за пристап на Србија кон ЕУ или врз донесените, но неспроведувани закони. Зашто во Србија законите навистина не се применуваат и не важат за сите. Не можеме да ги затвораме очите пред фактот за постојаното цензурирање на новинарите.

Ние бараме јасна поддршка, да се каже дека нашите политичари и владата треба да ги третираат на поинаков начин отколку што тоа сега го прават. Политички гледано, нема никаква смисла да нѐ одржуваат во живот со донации, ако не можеме да допреме до граѓаните. А тоа не го можеме, зашто доминантните медиуми се под контрола. Се движиме и натаму во круг, а еден ден тој ќе исчезне.

Анѓела Миливојевиќ работи како истражувачки новинар во Белград. Таа од 2011 година соработува со ЦИНС и припаѓа на тимот кој ја доби Европската медиумска награда за 2017 година за серијата текстови за корупцијата и организираниот криминал во Србија.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми